Го дочекавме вистинското време: Каролина и Дуке за Женски магазин, откако рекордно распродадоа два концерта во Скопје
Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски се изненадени со колкава брзина се продадода билетите за нивните заеднички концерти во Филхармонија, кои се закажани за 23 и за 24 декември, а ги организира „Авалон“ продукција.
За првиот концерт, на 23 декември, билетите се продадоа за четири часа. Откако „Авалон“ поради големиот интерес на публиката закажа и втор концерт, тој се распородаде за само 35 минути. Од менаџерскиот тим на Каролина најавија и трет концерт, на 24 декември од 22.30 часот.
- Најискрено не очекуваше никој од нас. И порано се случувало да распродаваме брзо, но не за толку кратко време… исто така, последниве три години живееме во еден доста поинаков свет со нови, поинакви навики, па овојпат тргнавме доста порезервирано и со многу поскромни очекувања и никако не очекувавме ваков одзив. Реакцијата на луѓето е бескрајно мотивирачка за сите нас инволвирани.
Ова е албум на кој се работеше долго, внимателно и со љубов и веќе цели две години стои спремен и чека на вистинскиот момент. Многу се радувам дека го дочекавме“, ни изјави Каролина.
- И уште повеќе ме радува тоа што повторно се покажува дека нашата публика и тоа како сака и знае да почитува македонска музика“, додаде за Женски магазин поп-ѕвездата.
Македонскиот музичар кој долги години живее во Њујорк, Дуке Бојаџиев кој и претходно соработуваше со Каролина и со виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски е исто така пријатно изненаден од одзивот на публиката.
-Очекував дека за овој проект ке има голем интерес, но брзината со која се продадоа картите за првата и за втората вечер ме изненади. Очигледно дека македонскиот народ е жеден за култура и убава музика. Се радувам и со нетрпение чекам да ја споделам нашата музика со публиката“, ни изјави Дуке Бојаџиев од Њујорк.
- Проектот ,,Песни за љубов и копнеж” од Каролина, Дуке и Исмаил, во пакет претставува студиски албум и концертна промоција.
Македонската публика ќе има навистина ретка можност во живо да слушне песни кои имаат есенцијална вредност, изведени од тројца врвни уметници кои добар дел од својата днк - а ја вложија во создавањето на овој проект, објасни „Авалон“ на нивната Фејсбук страница.
Албумот ,,Песни за љубов и копнеж” е сочинет од 11 од најубавите, подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20иот век - златната ера на македонската забавна музика, потпишани од некои од некои нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Љубомир Бранѓолица, Тодор Бојаџиев, таткото на Дуке, на кој тој му ја посвети песната „Татко“ (Father).
- Идејата се појави уште после нашиот прв заеднички настап во 2016та на концертот на Дуке во „Метрополис Арената“. Tогаш за првпат се споивме и ја изведовме “Празно е без оваа љубов” евергрин напишан од татко му на Дуке, Тодор Бојаџиев - прекрасна љубовна песна која ти остава кнедла во грло... па така и понатаму размислувањето ни беше во таа насока. Вистински, идејата почна да се раѓа после мојот престој во Њујорк во 2019, кога речиси секојдневно се дружевме и разбирливо, голем дел од времето бевме околу пијано, испробувавме различни жанрови на песни и многу бевме задоволни од тоа како звучиме заедно, па така почнавме и гласно да размислуваме за албум каде ќе сме само ние тројца. Првичниот план беше да издадеме во 2020, но поради познатите околности и нашата замисла мораше да се одложи па спремно чекавме подобро време.“, изјави за овој проект Каролина во претходно интервју за Женски магазин.
Милица Џаровска