Кога да се даде родителот во дом за стари лица?
Има една тема која е многу горчлива.
И за родителите.
И за децата.
Особено за родителите.
Всушност мртва трка е кому му е погорчливо. На родителите, или на децата!?
Секој си мисли дека нему му е потешко. Легитимно. Секоја планина своја тежина.
Темата е дали, како и кога да “се даде“ родителот во дом. Во старечки дом.
Многу добро се сеќавам не само на мајка ми, туку и на мајките на многу мои другарки, кои кога беа на наша возраст, можеби малку повозрасни од нас, ние сега имаме по пет банки, ни велеа вака:
„Дур сум на ноги, дур сум жива, здрава и дур можам сама за себе да се грижам се е ок. Првиот момент кога ќе станам немоќна, кога нема да можам од кревет да станам и кога нема да можам сама да си ги правам своите основни потреби, одма да ме дадеш во дом“! Јасно!?
Ние се перчевме со речениците од типот “таман работа, не доаѓа предвид, ти нема да остариш, јас ќе те чувам….“ И тако то. “Све је лако кад си млад“. И ние млади и тие сеуште млади.
Ова беа такви, дури и хумористични сцени, ситуации и муабети, во кои дури и да ги натеравме да се потпишат на оваа своја изјава, ќе го стореа тоа. Се смеевме и се зезавме со оваа тема добри 15-20 години.
Те во кој дом, те колку пати ќе доаѓаме на посета, те дали ќе им носиме цигари, те дали ќе стигне пензијата, те не мора во приватен, таму било огин скапо, те може и во оној државниот, демек, кога ќе остарам и кога ќе бидам бабускера, ништо веќе нема да биде важно. Ха-ха-ха, хи-хи-хи, беше работава.
Дали овие муабети, беа јадица на која требаше ние децата да се фатиме од типот ја сум јак, здрав и никогаш нема да остарам, тоа се мисли кои не стигнуваат предвреме. Едно што не може, друго што не треба да стигаат пред време. Се си има свое време и се си доаѓа по свое во животот.
Или пак беа јадица од типот толку многу сум самосвесен како родител, што нема да ти дозволам твојот живот да биде ставен под знак прашање и затоа треба да се угледаш на мене и да бидеш како мене. Појма немам дали ова имало ваков подтекст и ваква позадина. Сеуште сум млада за да ми стигнат одговорите на овие прашања.
Ама знам што се случува сега. Односно знам што се случува од пред некоја година.
Полека полека, после седумдесет и некоја, оваа тема веќе не е така хумористична како на времето. Да не речам, не е воопшто нит, хумористична, а камоли забавна, како што беше тогаш. Кога тие беа во полна снага и во полн сјај. Враг однео шалу.
Е сега бидејки не се знае како да се погази зборот и како да се ретерира, муабетот оди во правец “ти кажувам ќерко, сети се снао“.
Знаеш!, ми вели мајка ми. На Мира децата, ја дале Мира во дом.
“Ја дале“!. Тоа “ја дале“, значи дека ја однеле, против нејзина воља. Мира не сакала, а тие ја однеле.
Секако дека ваквите размисли не ги кажувам гласно, туку тивко во себе сама ги констатирам. Она што прашувам на глас е “па нели и ти викаше дека кога ќе остареш, ако си немоќна, дека не ќе имаш никаков проблем да одиш во дом“ - најдиректно и најискрено прашувам.
Одговорот е “па не знам, па шо знам“… и така…
Ова е секако разговор од пред 5-6 години. Тогаш, кога всушност беа почетоците на оваа, сега веќе сменета тема.
Она што е сега актуелно е, да не речам секојдневно, ама многу често споделувани искуства од другарките и другарите, нивни секако, кои се веќе “дадени“ во дом.
Муабетот е дека речиси сите без исклучок, ги советуваат другиве, кои се сеуште дома и кои се сеуште на нозе, да прават, што ќе прават, ама во дом никако да не доаѓаат.
Точно е дека имам малку доза на забавен призвук во колумнава, ама немојте да ми замерите, бидејки јас ги имам сега точно оние години, на кои на исти начин вие си се само-зафркававте со темава, дури и многу повеќе отколку што тоа сега јас го правам.
А се зафркавам, иако не е за зафркавање, знам дека не е, бидејки темата е тажна и тешка.
Всушност се зафркавам, бидејки знам дека сите работи во животот кои што се тажни и тешки ако ги свртиш на зафрканција, ќе бидат полесни и колку толку, помалку тажни, да не речам весели.
Се зафркавам исто така, бидејки многу добро се сеќавам на првиот ден во градинка. Значи толку добро се сеќавам, што е просто неверојатно, како може некој толку јасно да памти нешто што се случувало на две-три години. Ама ете. Се памети.
Толку плачев и се трескав од земја, дека не сакам да одам. Толку мислев дека таму ќе ме оставите и дека нема да дојдете по мене, што никогаш не успевав да заспијам во градинка. Толку многу стоев на прозор уште од два саат, иако вие дури во три и пол требаше да дојдете по мене, што мислам дека овие сцени човек ги памти дур е жив.
Сега ми е секако јасно, дека тоа така требало да биде.
Дека немало кој да ме чува, дека вие сте морале на работа да одите, дека сум морала да се социјализирам, дека сум морала да се дружам соодветно на таа возраст…., и сето тоа по ред.
Ако подобро размислам, истото ова се случува и со вас. Само што ние сме имале две, односно три години, а вие имате осумдесет и две, односно три години.
Ете затоа се зафркавам.
Освен ова се зафркавам и поради еден непобитен факт.
Случајно познавам неколку од неколкуте пријателки на мајка ми кои се сега во дом.
Нема да зборувам за тие кои се жалат, туку само за тетка Мира, која вели дека ужива, дека и се продолжил животот, дека живее втора младост, дека пишува поезија, дека чита книги, дека не можела подобра одлука да донесе во животот, отколку оваа. Да “ја донесат“ во дом.
На крајот на краиштата се зафркавам, бидејки сметам дека животот навистина треба да се свати како една голема зафрканција.
И дај боже да почнува и да завршува исто.
Сакам да речам, таму некаде близу деведесет години да “ме однесат“ децата во дом.
Сега веќе не се зафркавам, озбилна сум. И одма потпишувам.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: