Македонско семејство со бебенце старо 5 дена заглавено во Харков: Таму моментално се водат најголемите воени дејствија

Светот, Европа, регионот , но и Македонија деновиве трепери од страв, откако Русија ја нападна Украина.

Во моментов, најголемите воени дејствија се одвиваат во вториот по големина град Харков. Токму таму, според последните информации од претседателот на Украина велат дека загинале десетици цивили.

Токму таму, е заглавено македонско семејство. Веста ја споделија од министерството за надворешни работи, а министерот Османи рече дека се прават напори денес да се извлече тоа семејство.

„Има едно семејство со 5 дневно бебе во Харков каде што се одвиваат најголемите воени дејствија во моментот и ние со нив сме во постојана комуникација. Тие не можеле да одговараат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување кој што бил на неколку дена пред руската инвазија. Воспоставивме комуникација со повеќе министри за тие кои имаат пристап до тој град, кој се наоѓа до границата со Русија, очекуваме денеска ако успееме да го извлечеме тоа семејство“ - кажа Османи.

Девет лица, меѓу кои три деца, беа убиени во понеделникот по напад на руски касетни бомби за кои се сомнева дека цел биле станбени згради во вториот по големина град во Украина.


Зборувајќи пред последниот напад на центарот на Харков, Зеленски рече дека има сведоци кои тврдат дека цивили биле намерно мета на нападите.

„Руските сили брутално отворија артилериски оган врз Харков“, рече Зеленски во синоќешното обраќање до украинскиот народ. „Ова е навистина воено злосторство. Мирен град. Мирни станбени области. Нема воени објекти. Извештаите од десетици сведоци докажуваат дека не станува збор за напад извршен по грешка, туку за намерно уништување луѓе. Русите знаат каде пукаат“-кажа Зеленски.

Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, започна истрага за инвазијата на Русија, откако рече дека верува дека постои „разумна основа“ за претпоставката дека во Украина се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото.