Младите со свои проекти ја менуваат Пелагонија – здружението ПроЛокал со проект „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“

Иако нашата земја може да се пофали со голем број на  млад амбициозен кадар кој секојдневно се залага за свој допринос во општеството, реалната слика на нашата држава е дека најголем дел од младите,  својот излез за подобра иднина го бараат надвор. Како главни причини за заминување ги посочуваат подобрувањето на квалитетот на животот, подобрите деловни можности, како и поквалитетното образование.

За таа цел, здружението ПроЛокал од Битола како едно од ретките во Македонија, кое работи на подобрување на условите за живот на граѓаните, низ активности, а во партнерство со уште 9 локални граѓански организации и со поддршка од Амбасадата на Холандија во земјава, преку МАТРА Програмата се вклучија во  реализација на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија/Empowering people of Pelagonija“. 

Во проектот за зајакнување на младите во седум рурални општини во Пелагонискиот регион, вклучени се  педесеттина млади од регионот кои работат со цел да ги разберат и практикуваат принципите на доброто владеење.

Во рамките на проектот здружението ПроЛокал од Битола организира интензивни и партиципативни работилници, дебати и игри за мотивација кои се само дел од алатките преку кои ги обучуваат младите за активно учество во креирање на политиките на локално ниво. Целта на овој проект е да им помогне на младите да осознаат преку практични примери, преку учество во работењето на општините и Советите, како да ги реализираат нивните идеи. 

Општините во пелагонискиот регион потпишаа Меморандум за транспарентност и учество на младите во нивното работење и дополнително ги поддржуваат, административно и финансиски, при имплементацијата на 7 под-проекти од мал обем кои се директен резултат на младинските идеи. 

До крајот на септември оваа година, во Пелагонија, со дополнителна финансиска поддршка и од проектот „Зајакнување на младите од Пелагонија“ ќе бидат отворени две Фитнес Зони за рекреација на отворено, во Могила и Новаци, ќе бидат уредени 2 паркови во Демир Хисар и Кривогаштани, ќе биде уредено спортското игралиште во Лажани, општина Долнени, ќе биде опремено „Кино на отворено“ во Крушево а во Преспа ќе се формира Младински Хаб за промоција на туризмот.

Во рамките на проектот ќе бидат пренесени и ЕУ искуствата и позитивните практики за вклучување на младите во работењето на локалната заедница. Академијата за локално владеење од Хаг, во мај ќе одржи четиридневен тренинг за 50-те млади но и за претставниците на општините и локалните граѓански организации пренесувајќи го своето искуство и знаење за граѓанско учество во ЕУ но и во помладите демократии. 

Про Локал ја креира оваа регионална платформа за соработка со силна вклученост на младите кои секојдневно живеат со предизвикот за унапредување на можностите, со цел да останат и работат во своите локални заедници. Проектот има формат на Академија за млади лидери инвестирајќи во нивното знаење и вештини за активно учество во јавниот живот.

Иако многу фактори кои се однесуваат на јавните институции, законите и државниот систем не можат да бидат под влијание на индивидуално ниво, има и такви кои можат да се променат. Toa се сопственото опкружување и разбирање на понудените алтернативи. 

Овој проектдоколку се отслика на национално ниво со неговата имплементација и реализација би имало голема придобивка за сите млади кои сакаат да вложуват во нивниот раст и развој во Македонија. Иститот треба да биде апел и за останатите организации во државата, да вложуваат во младите кои се движечка сила во нашата земја, сѐ со цел да се задржи добар и квалитетен кадар.

Развојот на кариерата, стекнувањето неформално образование и отворањето можности на новиот пазар на труд, се категории на кои може да се работи. Со континуирана обука и добар избор на насока која ќе донесе профит во иднина, можно е да се сврти ситуацијата на подобро, а тоа би било мотив за младите да останат да вложуваат во својата земја.