Од Скопје избегавме на село, од село во Германија: Авантурите на Огнените Ѕверови на Дамјана

По речиси десет години живот во селото Петралица, кривопаланечко, Снешка Трајковска позната на социјалните мрежи како „Огнените ѕверови на Дамјана“ и нејзиниото семејство, решија дека својот пат ќе го продолжат во Германија. Од пред два ипол месеци, семејството Трајковски има 5 члена, по Дамјана и Огнен, Снешка и нејзиниот сопруг Мартин му се израдуваа на Филип, кој е роден токму за време на пандемијата. Несекојдневниот избор на Снешка кој го поддржаа многу луѓе на социјалните мрежи, од Скопје да се пресели на село, па потоа во германското градче Моерс, таа низ интересна приказна го раскажа за Женски магазин. 

„ На село се преселивме во февруари 2010. Уште пред да се преселиме на село, станот во Скопје ни беше само местото каде што ни стојат предметите. Дома не се прибиравме. Или бевме на планина, по села низ Македонија фотографиравме, на кеј со точаци или на Водно со точаци. Прва голема одлука беше преселбата на село. Баравме куќа во околината на Скопје, да не сме на бетон. Но се' беше прескапо, и плацеви и куќи...

Седевме во Скопје на кеј кај Камени кога Мартин ме праша:

- А мора ли во Скопје да е?

- Ама баш ич не мора. 

И така, сите шетања што ги правевме се претворија во потрага по село за живеење“, раскажа Снешка за одлуката да остават сè во Скопје и да заминат во Петралица.

„Станот во Скопје го дадовме под кирија, за да ни биде животот на село покомотен. Голем дел од храната ја произведувавме сами, па трошоците ни беа минимални. Ние храната ја произведувавме од мерак за домашно, чисто и традиционално. Многу ни значеше да ја зачуваме традицијата“, раскажа Снешка за животот на село. 

Таа вели дека е тешко да одговори зошто е поубаво на село или зошто е поубаво во град. Според неа, се' си има плусеви и минуси. 

„ Кому како му е поубаво. Нас не' влече природа и планина, не бетон, па селото ни беше вистински избор. Во однос на селските работи не знаевме ништо. Се советувавме со комшиите на село, учевме од интернет и со тек на време си совладавме се' што ни требаше“, додава Снешка. 

Иако на село, таа и нејзиното семејство се повлекле за помирен живот, се решиле на нов чекор, преселба во Германија. 

„Ситуацијата во Македонија не стануваше подобра, не остануваше ни иста, само кон полошо одеше. Меѓу последните работи кои не’ турнаа да побрзаме со селење беше загадениот воздух. Ни нашето село веќе немаше да остане чисто. Во германија Мартин дојде во ноември 2019, а јас, Дамјана, оги и мешето дојдовме во декември, точно еден месец по Мартин. Нашето градче се вика Моерс. Јас го нарекувам градче, но не е налик на ниту еден град во Македонија за да можам да споредам. Има 100.000 жители и се наоѓа во близина на поголемите градови Дуизбург и Дизелдорф. Градчето има големи широки улици, велосипедски патеки, спорстки центар, лизгалиште, хокеј клуб и тренинзи, часови по уметничко лизгање, голем парк со езерца, детски игралишта, многу различни и големи маркети.. Едноставно си има се', а најважно нема галама и индустија. Мирно место е. Во градот има многу стари куќи, архитектурата му е бајка. Сите куќи се убаво сочувани и реновирани, обоени во различни бои. Кога одам по улица, како на сон, џиџано, бајковито и романтично“, раскажува Снешка за новиот живот во Германија. 

Вели дека брзо се снашле во новата средина, и најважно ѝ е се сите заедно, тоа им дава сила на сите, полесно и поубаво им е.

„Јас уште сум на почеток со учење на јазикот, но и тоа ќе биде. Секојдневно недостасување за дома нема. Свесно одлучивме да дојдеме тука. Знаеме и зошто дојдовме, затоа нема некои посебни недостасувања, но домата што ја оставивме си има посебно место во нашите срца“, ни раскажа нашата соговорничка и продолжи за најмалиот син Филип, и искуството да се породи токму во време на пандемијата. 

„ Јас бев петти месец бремена кога дојдовме. Патувавме јас, Дамјана и Оги, секој со својот ранец на грб. Толку носевме со нас за почеток. Породувањето ми беше нешто што не можев да го предвидам никако. Особено не со коронава, тоа па ич не можев да го предвидам ни замислам дека ќе се случи. Јас дојдов тука со солидно познавање на англиски јазик и никакво познавање од германскиот. Се чудев како ќе се разберам на породување. После си велам, ај, Мартин ќе биде со мене, како и за првите две, ќе се снајдеме. Но, заради короната, забранија присуство на придружба. на породување појдов буквално сама, со ранецот и мешето. На мое големо изненадување во државна болница ме пречекаа подобро од приватни кај нас. Феноменално љубезни, услужни, се трудеа да зборуваат англиски колку што знаеа, во ниту еден момент не го омаловажија фактот што не го знам јазикот или што сум дојденец.

Сета нивна посветенот и љубезност направи да не се почувствуа ни короната како ситуација што ни висеше на сите над глава, ниту пак фактот што сум комплетно сама во еден од најубавите моменти во нашите животи. Имав околку мене голем број на непознати луѓе кои се радуваа со мене. Направија магија од емоции.

Бебето сега има веќе месец и половина. Требаше да се вика Горјан, но тоа беше македонската верзија. Ќе беше тешко за правопис и изговор во Германија, па се решивме за Филип. Филип е супер бебе. Лесно дојде на свет, ретко плаче. што има за плачење кога се роди во Германија, хахаха. 

Првата постава, Дамјана и Оги се снајдоа феноменално. Училиштето им е на 7-8 минути од дома, децата веднаш ги прифатија, ама буквално веднаш, уште првите 3-4 минути од кога ги оставив на училиште и заминав.

Учителките се полни со разбирање и многу помагаат, многу се толерантни кон целата ситуација. Прекрасни се. Ни Дамјана ни Оги не знаеја германски кога дојдовме. Но деца, веднаш научија, барем секојдневното и основното го совладаа за недела- две. Учат на германски, така и ние сакавме, а ако нешто не разбираат, учителките и дечињата им преведуваат на англиски. Англискиот го владеат солидно бидејки од мали секојдневно им преведував цртани филмови кои ги гледавме заедно“.

При крајот на нашето онлајн дружење со Снешка, зборувавме за она по кое стана позната на Фејсбук, нејзиниот прекар „Огнените ѕверови на Дамјана“. 

„За мене интернетот е место за забава. Место каде што не мора да си формален, па на интернет користам имиња кои не се по документи. Се потпишував како Снешка ѕвер, потоа се роди Дамјана, па профилот го крстив Ѕверовите на Дамјана. Јас и Мартин ѕверовите, нели. Потоа се роди Оги, па се потпишав Огнените Ѕверови на Дамјана, за го имаме и него во името. Е, сега Филип. Него му дадовме две презимиња Трајковски и Путински, за да не биде тринаесто прасе што го нема во Огнените Ѕверови. 

Страната си ја почнав за мене, за моја душа. Борба за лајкови никогаш немало, но ете, низ годините, природно си стигна до кај 12.000 лајкови. Не знам ни колку се точно“, вели Снешка која јавноста ја знае и по интересните рецепти кои ги споделуваше на Фејсбук. Нејзините кулинарски вештини, токму од селото Петралица, ги гледавме во видеата на готвачот Фичо- „Готвиме со Фичо“. 

„Готвењето е нешто за кое што постојано велам: трпезата го собира смејството на куп. Тоа порано го правеа моите баби, но тие веќе не се со нас, па ете, готвењето како нив ми е мелем на душата. Немам посебен еден рецепт“, вели Снешка и со гордост додава дека ги има сите рецепти од бабите и мајка ѝ, кои прават домот да мириса на спомени и на среќа.

Милица Џаровска