Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: Самодовербата- Како ја градиме и како ја чуваме?

Добивај вести на Viber

Деновиве ми се врти низ главата, а и низ срцето, еден увид, едно чувство, едно сознание...а, тоа е следното: ако едно нешто е најважно и, во моето животно и работно искуство, забележувам дека им треба речиси на сите луѓе, во ваква или онаква форма, јачина, силина – тоа е чувството дека вредат. Некои го викаат самодоверба, а тоа е можеби и различно од чувството на вредност.

И тоа некако се засилило, се кондензирало до степен на густина, вриштење, влечење за рака... Ми вели: „Ако има нешто што можеш да правиш за луѓето и да биде твоја професија, твој повик, што си го видела, чула, осетила кај многу луѓе, дали тоа е ова? Дали тоа е ова?“

Она што на луѓето најмногу им треба и насекаде го бараат – тоа сите го имаат и можат да го најдат или создадат токму – во себе! Затоа, така и се вика: само-доверба (self-confidence).

Колку си верувате себеси, колку верувате во себе и колку ова (чувството на самодоверба) е место (како шалтер) каде што ја издавате или не ја издавате вашата дозвола за – напред?

Самодовербата се гради, се пронаоѓа во себе, се моделира или што сакате, но, најинтересно од се’ е дека таа претставува внатрешно чувство. Таа не може да се купи, да се изеде, испие, инсталира во нас – таа се раѓа, гради и одржува од внатре. И токму внатре (во нашиот свет на мисли, чувства, енергија) вреди да започнеме да ги бараме точките, местата, мислите, ставовите, навиките, механизмите што ја хранат, негуваат, зголемуваат и зацврстуваат, што и’ даваат крила, течение или подлога... за таа да може да се смести и да ни служи.

И, уште подлабоко, и уште порано од ова – вреди да истражиме и како таа (самодовербата) започнува со работа, а како оди на пауза или на годишен одмор? Кои се тие внатрешни сигнали, места на пресврт што и‘ даваат сила за живот, дозвола, растење, а кои се тие состојби што ја тераат на заспивање, на криење, на тлеење... И кои се надворешните точки, места, случки, луѓе, ситуации...што внатре во нас ги дигаат или спуштаат рампите на реката што сака незапирливо да тече, а се вика самодоверба? Кои се тие? Запишете си ги.

И, конечно, сите сакаме самодоверба, а дали сме се запрашале: како ќе ја препознаам?
Како ја чувствувам? Со што ја хранам, а од што бега? За што ми треба?

Тука ќе искористам место да направам нежна (а, можеби важна) разлика меѓу чувството на вредност и самодовербата. Можеме на самодовербата навистина да гледаме како на шалтер каде што самите ние од внатре себеси си издаваме потврда и дозвола за да направиме нешто. Или не си издаваме дозвола и нема нешто да направиме. Кога вам тоа нејчесто ви се случува?

Ве предизвикувам да размислите на следново: Што треба да се случи во вас за, сепак, да направите нешто за што сметате дека не можете (или не сте доволно подготвени) и за што до сега не си издававте дозвола во вид на самодоверба? Ве канам и предизвикувам да пробате сепак да го направите тоа на свој начин и потоа со доказот (снимка, чувство, искуство) да се вратите на својот шалтер што издава потврди за самодоверба и да пробате пак. Дали овој пат, откако го направивте тоа за коешто не верувавте дека можете, себеси ќе си ја заверите потврдата? 

И, како ќе се однесувате и чувствувате потоа? А, како ќе се чувствувате кога некој од надвор (друго лице, ситуација) ќе се обидат да ви ја ишкртаат, исплукаат, скинат вашата потврда преку нивното однесување или говор? Дали ќе дозволите или ќе ја чувате во плик? Пластифициран, за да не пропушта вода и кинење.

Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching