Соблечете ги гаќите и разголете се, пред сите да се разболиме, колективно од рак на живот

Добивај вести на Viber

Ах мајку ви вашу, како успеавте да го поделите вака народот!? Ах!!! Ах мој народе Македонски како ти дозволи вака да се мајтапат со тебе.

Не!, не ти се лутам. Добро ја познавам твојата простодушност и наивност. Само нешто сепак ме мачи! Во оној збор „простодушност“, има дел „прост“. Безоглед што вториот дел од зборот е „душност“, илити душа.

Дали!?, дали простотилукот надвладеа!?

Дали простотијата ја надвладеа душноста. Ах!

Не знам да си одговорам на ова прашање. Не знам, бидејки и мене самата, оваа простодушност, неколку пати ме довела до бездната. Како „просто“ - душна некоја правев грешки во животот, од кои, од некои од нив сè уште си тргам последици. Им верував на некои луѓе, кои се испостави дека ич, ама ич не биле за верување .Ама тоа отпосле се покажува. И, и покрај тоа што сепак се покажало, јас пак, после некое време повторно на некои слични такви, пак им гласам доверба.Ко магаре на мост - да ми простите. Или ко вол у купус, пак да ми простите. Ем си земал еднаш „скалп“ од такви типови и пак како јуне некое.

Не ми се збори на оваа тема, оти ако фатам, ќе треба да испердашам се живо и диво. И по свое и по туѓо и со име и со презиме. А сè уште ми е рано за тоа.Тоа се обелоденува тогаш, кога веќе не ќе имаш што да загубиш. Сè уште ми е рано за тоа. Знам дека сум зихераш во вакви моменти, но ако тоа малку ме амнестира, ич не ми е драго поради ова. И нормално дека си се кудам и само - покажувам со прст. И шамари си само - удирам. Секако Да! Сама, пред сопственото огледало.

Ама не ми е сè уште дојден момент, кога ќе фатам да пукам со сите куршуми и по деца и по мајки и по мажи и по свекрви и по браќа, или сестри што блиски што подалечни роднини, комшии и пријатели. И знам дека од тоа си патиме. Од потпикнување под тепих.

Сто пати полесно ми е на другарка ми да и кажам што мислам за син ми, мајка ми, маж ми, или свекрва ми, отколку да ги седнам и нив да им кажам „два лафа“. Толку треба „два лафа“. Ама знам дека ќе ги боли и нив и мене. И се откажувам. Во име на што!? Во име на некаков сикомформизам. Вака е полесно. Ќе се гледаме во очи, знаејки, дека се лажеме едни со други, ама ќе си тераме и барем ќе ни биде „привидно-комфорно“, во сопствената кожа. Ама така се добива рак драги мои!

Сѐ што ќе премолчиш и сѐ што нема да извадиш од утроба, па колку и да боли, те јаде и те гризе одвнатре. Не им даваш на клетките слободно да дишат. Не му дава на организмот да се храни од чисти мисли, туку го труеш секој ден со „компромиси“. Од разни разни калибри.

Е тогаш кога човек ќе се разболи од рак, тогаш ги учи лекциите. Односно тогаш, кога веќе нема што да загуби. Оти животот му е на конец. А повредно од животот има ли!? Нема! Ама си играме со него, како да ќе живееме сто години. Се додека не се разболеме од рак. Секој со својата рак - рана. Затоа и се вика така. Оти секоја рана е рак. Рак - рана. И нема бегство од тоа. Не те спасува ниедна пара, ниедна фотеља, ниедна партиска книшка. Не те спасува ниту еден тендер, министерско, или директорско место. Нит претсетадел, нит премиер.Ништо не те спасува. Вистината ја знаат сите. Ја знаеш и ти и твоите деца и твоите родители и комшии и роднини и пријатели. Сите знаеме се. Баба ми викаше „будала чоек нема“. Секој знае се. Само што полесно ни е да потпикнеме под тепих.

А камчињата „глоќкаат ли, глоќкаат одвнатре“. И што!? Не ги чувствуваме!? И тоа како ги чувствуваме и ги знаеме. Само што така ни е полесно. Ама колку до утре. До задуте веќе не. Сите знаеме кога завршува љубовта и кога треба да се разведеме. Ама поради ова - она, што роднини, што пријатели, што деца, сметки во банка, кров над глава, турли тава… и ред други будалаштини, се правиме на глупави. Се до моменотот додека не се разболеме од рак. Е тогаш, ќе се разведеме. И тогаш почнува животот. И тогаш ќе видиме дека и сметки можеме сами да платиме и на одмор можеме сами да одиме и во театар, на концерт, или во кино. Тогаш почнува проекцијата на сопствениот и најубав животен филм.

Еве јавно ви објавувам бракоразводна парница на сите политички партии, сите кандидати и притив кандидати. Сакам да ви кажам дека ми се гадите, дека ми е лошо од вас, дека не ве сакам веќе и дека ништо не ви верувам. Ама баш ништо. Во името на целиот Македонски народ ви објавувам бракоразводна постапка, дури и во име на она ваше редовно и толку послушно партиско членство. Оти знам дека и тие мислат така. Имам другари и другарки меѓу таквите. И ми кажале. Знам како мислат. Ама и ним, како и на сите нас, ни е полесно да им кажеме на другарките отколку вам лично.

Ве молам, пред сите да се разболиме, колективно од рак на живот, соблечете ги гаќите и разголете се. Бидете искрени до гола кожа и кажете си се што сте направиле за трошки. За трошки самодоверба, за трошки некоја, пура, виски, или куќа со базен…

Кажете си! Ќе ви биде полесно и вам и нам. Спремни сме да ви простиме. Оти такви сме сите, сиот мој народ е таков. Простодушен. Бидете и вие барем еднаш такви. И не потпикнувајте под тепих. Колку за до утре. Оти задутре и вас ќе ве стаса, таа рак - рана. Ако не по вас, по најмилото.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу