Почина проф. д-р Чепреганов: Во последните негови интервјуа за Женски магазин зборуваше за стресот, тајните на долговечноста и Бог

На 86-годишна возраст почина истакнатиот невропсихијатар-епилептолог, Методиј Чепреганов.

-Со огромна жалост би сакале да Ве известиме дека денес по кратко боледување почина нашиот ценет и почитуван Проф.Др.Методи Чепреганов. Директорот,менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работата како дел од тимот на болницата,во која работеше повеќе од 20години. Вечна му слава!“, соопшти „Неуромедика“.

Чепреганов до смртта беше активен во својата професија. 

Во повеќедецениската дејност објави 47 книги, над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на Неврологијата и епилептологијата. Беше член на Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција.Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.

Во прилог прочитајте го едно од последните негови интервјуа дадено за Женски магазин, тој зборуваше за стресот, тајните на долговечноста и религијата.


Иако има 86 години, невропсихијаторот-епилептолог проф. д-р Методи Чепреганов е сѐ уште активен во својата професија. Во својот компјутер има заведено илјадници пациенти и води детална грижа за секој од нив. Забележителна е и неговата виталност и позитивен пристап кон животот. Тајната за договечноста ја поврзува со генетиката како основа на сé.

- Втората тајна е умереност во сѐ. Сѐ што правите треба да биде умерено. Третата е да избегнувате стресови или состојби кои го воспалуваат организмот. Тие прават дисбаланс на хормоните и психосоматски болести. Тоа е најголемиот проблем на цивилизацијата и на македонскиот народ. Македонскиот народ живее во пролонгирана стресогена состојба – вели професорот.


Д-р Методи Чепреганов максимално се посветува и на пишувањето. Наскоро ќе објави три нови книги - за патологијата која што е врзана исклучиво за мозокот. Со нив, вкупната бројка на објавени дела на 86-годишниот македонски и светски признат експерт за болести на мозокот ќе биде 65. Сите се од областа на неврологијата и епилептологијата. Факт кој зборува многу за неговата успешна работа, но и го издвојува како единствен во земјава со толку напишани дела.

- Во периодот од 1986 до 2021 публикував 65 монографии за мозочните структури и нивните функции, клинички слики, дијагностика и терапија. Пет книги се на француски јазик, две на албански и една на бугарски. За време на пандемијата напишав 24 книги. Можеби звучи чудно. Но, тоа се книги кои се пишувани 30 години. Секој ден кога ќе завршам со работа, си го синтетизирам материјалот. Тумори на едно место, епилепсии на друго место. Сѐ беше спремно, требаше само време да му се посветам на секој материјал. И тоа што е најбитно, јас сум дел од енциклопедиска француска група и секој ден ме хранат не само мене, туку и сите од групата со сѐ што се случува на ниво на светот во овој момент за мозок и за кичма. Тој труд го ставам во компјутер. Не сакам да ме сфатите дека сите книги ги напишав за четири месеци. Но, едно е сигурно, публикував 65 монографии, повеќе од 20.000 напишани страници, комплетна невролошка енциклопедија, можеби раритет во невролошката наука – појаснува докторот.

Следната книга ќе ја посвети на Ковидот и последиците кои се појавуваат кај пациентите што ја прележале болеста.


- Ковидот прави една компликација, која често ја среќаваме кај пациентите. Станува збор за мали тромбоцични промени на мозочното ткиво. Забележавме и енцефалит (воспаление н.з) кај еден пациент кој прележал Ковид. Но, не знаеме точно дали него го предизвикал вирусот. Често гледаме и мали инфаркти во мозокот - вели тој.

Ковидот е животозагрозувачка пролонгирана стресогена состојба и според докторот нормално е тој да предизвикува рекција.


- Во случајот реактивно психичка промена, страв, општа анксиозност, лоши мисли, безволност, несоница, дури и страв од смрт, што е реалност. Меѓутоа, колкава ќе биде клиничката експресија зависи од менталниот склоп на личноста, од неговата карактерна матурација, колку сака и треба да се превенира од оваа трета светскабиолошкавојна. Што значи, постои објективен стресоген фактор, ама нашата лична реакција, од цитоархитектурата на нашиот личен психопрофил, колку умееме и знаеме да се заштитиме и да ги преземеме сите мерки на превенција, пред сѐ вакцинација, за да го покачиме и својот и колективниот имунитет. Треба да ни е јасно дека извесен период ќе живееме во кохабитација со вирусот, тој нема да исчезне одеднаш. Едно е сигурно, овој вирус се однесува надвор од сите природни закономерности на мајката природа - посочува д-р Чепреганов.

Секој работен ден прегледува од 10 до 15 пациенти. Посочува дека бројот на пациенти со стресогена реактивна слика, не е зголемен.

- Клиничката експресија од Ковидот е во директна колерација со менталниот психопрофил на секого од нас. Значи, има пациенти, ама бројот не е зголемен, како што некои пропагандисти сакаат да го прикажат. Ама тоа е во реални граници – заклучува тој.

Д-р Чепреганов е дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА

Фото: Вангел Тануровски

Прочитајте и:

Проф. д-р Методиј Чепреганов за постот и религијата: Се крстам пред да јадам, за Бог да ја благослови трпезата, а кога ќе завршам му се заблагодарувам што ме нахранил