Проф. д-р Методиј Чепреганов за постот и религијата: Се крстам пред да јадам, за Бог да ја благослови трпезата, а кога ќе завршам му се заблагодарувам што ме нахранил

Постот, како интитуција на религиозна норма и канон, во семејството на проф.д-р Методиј Чепреганов(86) невропсихијатар-епилептолог, постои како традиција. Откако знае за себе ги издржува целосно Петровите, Богородичните, Божи11кните и Велинденските пости. Тоа го правеле и неговите родители и предци.

- Во прашање е канон, длабоко инкорпориран во фамилијарната хармонија и опстојување. Постам и во поедини денови во годината кои се строго одредени, како и среда и петок. Морам да признам дека во овие денови може да има и отстапувања. Постев и кога бев во Франција. Дури имаше колеги кои ме следеа во постењето. Ритуалот да се пости е норма која треба да ја всадите од рана возраст, како и секоја молитва, макар и само со крст, кога почнувате да се храните, Бог да ви ја благослови трпезата, и кога завршувате со ручекот да му се заблагодарите што Ве нахранил. Ако овие канони не ви се всадени во Вашата личност, би требало и подоцна да ги усвоите –вели тој и дополнува дека пости од две причини - религиозна и медицинска.

-Религијата ги носи социјалните, моралните и етичките норми на личноста, со една и единствена цел - да знаеме да сакаме, да го почитуваме ближниот и да бидеме толерантни, за да конечно нашите интерперсонални односи бидат нормални и во хармонија и почит. Религиозните норми на однесување помеѓу луѓето мислам дека се крајно битни во сите релации. Постот е една од нормите, кога личноста може комплетно да се контролира, така што исхраната како една секојдневна филозофија на нашето постоење, ја држите под контрола, за Бога, за себе и за сопственото здравје. Немањето на таква самоконтрола, води кон тешки последици за сопствениот организам. Во овој контекст, медицинските аспекти на постот се повеќе од потреба за секој организам, знаејќи дека богата храна со маснотии, за секој организам е повеќе од штетна. Проблемот е многу широк, така што, постот, како религиозна норма на самозабрана, ќе го оставам како отворен, секој да го прифати како добро решение за сопственото здравје посочува докторот.

Проф.д-р Методи Чепреганов е светски признат експерт за болести на мозокот и има објавено 71 дело.

С.А.Н

 фото Вангел Тантуровски