Потресна исповед на Моника Селеш: При крајот од маестралната кариера доби нож во грбот на теренот, но има незалечена емоционална рана за која проговори

Таа имаше само 19 години и веќе имаше девет Грен слем титули. Беше на добар пат да стане најдобрата на сите времиња. Сепак, сè за неа се промени на 30 април 1993 година.

Поранешната светска тенисерка број еден Моника Селеш беше нападната пред точно 28 години на турнир во Хамбург, кога беше прободена со нож во грбот, што целосно и го сврте животот. Таа потоа го одигра четвртфиналниот меч на турнирот во Хамбург, против Магдалена Малеева, кога Гинтер Пархе во вториот сет истрча на теренот и ја нападна со нож од 23 сантиметри затоа што не можеше да поднесе дека неговата миленичка, германската тенисерка Штефи Граф, повеќе нема да биде прва во светот. Моника по две години повторно играше тенис, една година подоцна го освои Австралија опен и уште неколку турнири, но никогаш повеќе не играше во Германија.

-Ова долго време го чував во себе, но нападот со нож ми остави многу необична последица. Со сите стравови и фобии, веќе не можев да го контролирам апетитот. Тоа траеше со години. Бев засрамена затоа што не можев да прифатам дека немам нешто под контрола. За кратко време јадев огромни количини, а тоа лошо се одрази на мојата физичка подготовка по враќањето на теренот - изјави Селеш за еден американски магазин.


По нападот, медиумите шпекулираа дека нападот имал и политичка причина, со оглед на тоа дека таа била тогашна конкурентка на Југославија, но на крајот се утврдило дека Пархе е ментално болен. Тој никогаш не завршил во затвор, туку добил двегодишно лекување.

-Неверојатно е што овој човек ме повреди намерно, а за тоа не доби никаква казна. Едноставно повеќе не сакам да одам во Германија, не се чувствувам удобно и се‘ ме потсетува на тој ден – изјави Моника.

Во нејзината втора книга „Од страв до победа“, таа напиша дека членовите на нејзиното семејство се откажале од кариерата, продале се што можеле и отишле во Америка во 1986 година. Таа откри дека во исто време додека закрепнувала од раната дознала дека татко ѝ умира.

- Имаше причина зошто татко ми не присуствуваше на тој кобен натпревар во Хамбург. Кога тој и мајка ми ми се придружија во Вејл, изгледаше лошо. Беше член на старата гарда и ги мразеше лекарите, едноставно не поднесуваше прегледи. Имаше рак на простата. Бев уништена, како некој сурово да се пошегува со мене. Тато беше сместен во врвната клиника Мајо во Минесота. Во пролетта 1993 година, ми беше лошо да се грижам за татко ми и се плашев за мојата кариера. Сакав да бидам покрај него, но морав прво да се излечам себеси.

Таа вели дека неговата смрт била потешка рана од раната со нож.

- Секој ден го почнувам размислувајќи за него. Како што одминува времето се повеќе ми недостига. Каде и да патував на натпревари, татко ми секогаш беше покрај мене. Кога беше опериран од рак на простата и падна во кревет, јас бев до него. Му давав морфиум за да ја ублажи болката и го охрабрував да издржи, како што тој ме бодреше на турнирите. Почина во мај 1998 година и таа загуба ме боли повеќе од раната во Хамбург. Тешко е кога од навика ќе ја погледнеш публиката за време на натпреварот и ќе сфатиш дека најважното место засекогаш останало празно – изјави таа во својата автобиографија.

View this post on Instagram

A post shared by Monica Seles (@monicaseles10s)


Таа официјално се пензионираше во 2008 година.

- Речиси три децении секое утро се будев мислејќи на тенисот. Последниве години сфатив дека има многу поважни работи на овој свет, токму оние што ги пропуштав додека ги поминував деновите додавајќи ја топката преку мрежата. На крајот на краиштата, пристигнаа некои нови генерации млади лавици, желни за победа и слава, па нема смисла еден пензионер да ги предизвикува на борба. Мислам дека навреме го напуштив професионалниот спорт. Рекетите и топките ми го променија животот, ја делеа истата судбина со мене, секоја капка пот, секоја секунда помината на теренот. За мене тенисот никогаш не бил тешкотија или работа – пишува во официјалното соопштение во кое таа ги известила фановите за повлекувањето.


Фото:  Shutterstock/Инстаграм-Моника Селеш

Видео: Youtube