Пред огледало со Алмедина Исмајли: Килограмите не се важни ако се чувствуваме убаво во нашето тело
Алмедина Исмајли е новинар и водител. Нејзина опсесија се кармините, а преферира природен третман за нега на лицето и телото.
Таа за Женски магазин, ги откри нејзините ритуали за убавина.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
Јас сум тип кој не претпочита многу шминка преку ден, особено кога треба да одам рано на работа. Во тој случај доволна е дневната крема што ја користам за хидратација, балсам и маскара. ББ крема наместо пудра, а може и малку контура (сенчење) со „нуд“ боја.
Инаку, кога имам повеќе време на располагање, серумот со Витамин Ц и валјакот за масажа со кварцни камења ми се омилените „алатки“ кои придонесуваат за посвеж изглед на моето лице. Со последните два производа што ги наведов и го завршувам денот, бидејќи ги користам и пред спиење.
Меѓутоа, ова не значи дека не ги сакам козметичките производи. Толку голема опсесија ми се кармините, што и последните пари ги трошам на нив.
* Со какви препарати го негувате лицето?
-Повеќе ги преферирам методите за природен третман на лицето и телото. Доколку имам недостаток на некој витамин, тогаш се обидувам да го надоместам преку храна, а не преку лекови. Користам разни видови масла, како што се арганово, кокосово и дабово. Сепак, динамиката на нашето секојдневие не ни го дозволува луксузот да издвоиме доволно време за да подготвиме маска или пилинг за лице или коса. Поради тоа, секогаш ги имам при рака производите на „Collmar“ и „Klairs”.
* Посетувате ли козметички салони?
-Не одам често во салони за козметика, обично ги посетувам кога се менува сезоната и времето, период кога мојата кожа има потреба од хидратација затоа што имам доста сува кожа, а кремите понекогаш не се доволни и не го даваат бараниот ефект. Но, со текот на годините потребата расте и очигледно ќе треба да почнам да поминувам малку повеќе време во козметички салони. Кој ќе ми предложи добар салон за убавина?
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
-Oбично ја третирам косата во салон, а во последно време користам маска од AVON, од линијата на Планет Спа (со кавијар) и серум за суви врвови од истата марка. Косата, најскапоцениот аксесоар на жените, му ја доверувам на Арменд Рамадани (Art Fashion) кој се грижи за подлабоки третмани, боење и кратење, па не морам самата да се грижам премногу.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
-На моја среќа, никогаш не сум имала проблеми со акни или слични проблеми на лицето. Сакам да ги покријам само подочниците. Во меѓувреме сакам да ги истакнам усните и јагодиците. Не знам зошто, но шминката наместо од очите секогаш ја започнувам од усните. Ви препорачувам да уживате додека ја нанесувате.
* Кои се вашите омилени козметички производи?
-Не е брендот оној што го дефинира производот за мене, туку производите го дефинираат брендот. Купувам тоа што ми одговара, на пример пудра од L’oreal, кармин од Dior и маскара од Maybelline, за споредба. Инаку, еден од моите омилени производи е хајлајтерот, без кој шминката не може да биде целосна.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
-Во несесер секогаш имам балсам за усни, молив за дефинирање на усните, молив за очи и маскара. И секогаш и секаде - крема за раце.
* Омилен парфем?
-Сакам луѓето да ме паметат по мирисот што ме карактеризира, обично се обидувам да користам само еден парфем, но секако дека тоа е невозможно. Сакам силни, но не и слатки мириси, ова ми го нудат DG “The Only One” и Boss Femme Pink.
* Како ја одржувате линијата?
-Хиперактивноста која е присутна во секој мој работен ден се чини дека ми помага да ја одржувам линијата во форма, затоа што сум љубител на храната и просто не можам да ѝ кажам „не“. Кога сум пред компјутер, ги заменувам чипсот и слатките со црно чоколадо и бадеми или лешници. Во меѓувреме барем еднаш во три дена консумирам здраво смути 1 литар што го подготвувам сама. Не е важно дали имаме неколку килограми повеќе или помалку сѐ додека сме здрави и се чувствуваме добро во нашите тела.
И.Ставрова