Првата незавршена трка, ме научи многу за животот: Спортската страст на пејачката Леа Таќи
Со добра организација, сѐ може да се постигне и при тоа да не се загубат убавините на слободното време и на приватниот живот
Музичарката Леа (Леана) Таќи, поранешна членка на „Ај Кју“и ќерка на легендарниот рокер Гранит Таќи од групата „Лева патика“, рекреативно, но многу посветено се занимава со три спорта, три во еден, триатлон.
„Триатлон е спорт кој се состои од: пливање, велосипедизам и трчање. Овие три спорта се прават одеднаш, еден по друг. Моите пријатели ме задеваат- како не ми е напорно се постојано да се пресоблекувам, од еден спорт на друг? Се разбира дека ми е огромен предизвик. Пливам и возам велосипед од рана возраст, но попрофесионално, прво започнав со трчање, се пријавив на неколку полу-маратони, и потоа ја открив љубовта кон триатлонот“, ни раскажа Леа за своето интересно хоби. Таа искрено раскажува дека посериозно спортски се активирала дури пред десет години, кога имала дваесет, и за Леа тоа е доказ дека за физичка активност никогаш не е доцна.
Велосипедизмот, заедно со пливањето и со трчањето е дел од триатлонот
„Бев мошне мрзливо дете, морам да признаам. Но, подоцна, во таа некоја борба да станам подобар човек и поздрава жена, решив да почнам да се занимавам со спорт. Потоа почнав да ја откривам љубовта кон триатлонот и на првата трка се пријавив во 2014 година. Најголемата трка ми се состоеше од 3.8 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42 километри трчање“, ни раскажа Леа.
Таа додава дека на почетокот, себеси се сметала како пејачка која често спортува, но сега се труди, еднакво внимание да им посветува и на музиката и на спортот. За да успее во двете работи во кои е вљубена, Леа вели дека треба многу дисциплина, многу здрава исхрана и многу баланс. „Со добра организација, сѐ може да се постигне и при тоа да не се загубат убавините на слободното време и на приватниот живот“.
Минатата година во септември, Леа ја имаше својата последна триатлон трка која не заврши така успешно за неа.
„Трката ми беше поддржана од „Пелистерка“ - и ова ми беше прва поддршка од овој тип. Бидејќи сакав да го дадам својот апсолутен максимум на апсолутно сите полиња - и спорт и музика и работа - се донесов до некој степен на истоштување, а подоцна и повреда, што резултираше со незавршена трка за првпат во животот. Колку и да звучи чудно, екстремно сум благодарна за ова искуство, бидејќи паузата која бев принудена да ја направам ме научи на многу нови работи за себе, па и за спортот.“, искрено раскажува таа.
Кога татко ми сфати дека музиката е она што го сакам, малку по малку почна да ми помага и сега стасавме до фаза кога обожаваме да настапуваме заедно.- Леа и Гранит на концертот на „Меморија“
Паузата ѝ дозволи да се посвети повеќе на првиот албум со нејзиниот бенд „АнтиарТ“, кој е во финални подготовки и ќе има концертна промоција за некое време. Сепак тоа не значи дека Леа се откажува, но дека сѐ уште тренира редовно и напорно и верува дека набргу ќе им се врати на трките.
Големо музичко влијание, врз неа имал нејзиниот татко, Гранит Таќи. „Татко ми се обидуваше да ме спречи да се занимавам со музика, поради некои свои негативни искуства се обидуваше да ме оттргне. Но, кога едноставно си роден за да правиш нешто, нема бегање од тоа. Кога татко ми сфати дека музиката е она што го сакам, малку по малку почна да ми помага и сега стасавме до фаза кога обожаваме да настапуваме заедно“, ни раскажа пејачката. Леа, заедно со татко и, беше гостинка на концертот на „Меморија“, пред две години во Метрополис Арената.
Леа за календарот на „Пелистерка“, посветен на жените спортистки во Македонија
Уште едно интересно искуство за Леа е позирањето за новогодишниот календар за „Пелистерка“ во 2018-та година. За тој ангажман, вели дека долго се мислела, но не се кае, затоа што била во друштво со уште 11 прекрасни жени, спортистки.
„Водата е единственото нешто кое е секогаш до мене (и моите три кучиња). Водата е првото нешто со кое се будам наутро и последното нешто кое го спуштам на масичката до креветот пред да си легнам. Било да е во музиката, спортот или секојдневнието, шише или чаша вода е нешто што секогаш го има во моја близина“, раскажува таа.
Леа е девојка со зацртани планови за својата иднина и секојдневна мотивација да ги оствари, која се состои од „трчање по душевен мир“, како што самата вели „нештото што на светот ништо не може да го замени“.
- Низ животот не ме води едно единствено мото - но ако треба да издвојам едно, тоа би било „whatever works" или во слободен превод „што и да функционира". Првпат го слушнав во филм на Вуди Ален и ме потсетува на тоа дека околностите и приликите постојано се менуваат, па така и ние со нив. Уште едно мото, ултра-важно за мене е нешто што за првпат го прочитав во форма на молитва: „дај ми мир да ги прифатам нештата кои не можам да ги сменам, храброст да ги сменам оние кои можам и мудрост да знам да ги разликувам.““, изјави Леа за крај.
Д.К.