Се напив апче за смирување да не паднам во несвест: Кралицата на севдалинките, Амира Медуњнин покажа што е концерт

Добивај вести на Viber

Амира Медуњанин 20 години чекала да дојде да запее во Скопје. За синоќешниот концерт на кралицата на севдалинките, која ја нарекуваат босанската Били Холидеј во Филхармонија е грев да се рече дека чекањето се исплатело.

Медуњанин вреди да се слуша многу почесто во живо. Орасположува, растажува, разнежнува, исполнува музички желби и има одличен бенд.  Амира беспрекорно пее босански севдалинки, македонски и српски народни, поп и рок хитови, а вели дека севдах можат да бидат многу нешта. „Севдах е и Ник Кејв. Севдах е љубов“, рече таа пред скопската публика. Севдах или љубов е Амира Медуњанин, тоа е вистинскиот опис за оваа прекрасна уметница.

Има таа свои авторски песни кои ги пеела низ светот, на отварањето Олимпијадата во Лондон, како на пример  „Pjevat ćemo šta nam srce zna“. Ја има во репертоарот и Силвана Арменулиќ,  „Кафу ми драга испеци“ од Цуне Гојковиќ“, а ја има „Твојте очи лено мори“. Пее и песни од Кемал Монтено, Здравко Чолиќ, „Бјело Дугме“, „Азра“, и сето тоа на нејзин начин кој не мора стилски да се дефинира, доволно е да се каже дека ги пее жената со глас што гали, со триото музичари.

- Имам голема трема што сум вечерва тука. Се напив апче за смирување да не паднам во несвест“, рече Медуњанин која е многу забавна и духовита.

- Не сакам протоколи, она кога се глуми бис. Ние на сцената остануваме. Сега започнува неофицијалниот дел од концертот, се надевам дека не се брзате“, рече таа по неполни два часа пеење. На сцената ѝ се придружи нејзиниот пријател , нашиот вируоз на народни инструменти Стефче Стојковски.

- Кога го слушнав цедето на Амира за првпат, беше два ипол по полноќ. Ми се насолзија очите , и како што поминуваа песните, плачев повеќе. Имаше број на цедето, и веднаш го свртев, без оглед што беше доцна. Се јави Амира, и јас ѝ реков: Ти си душата на Босна“, рече Стојковски. Заедно со Амира, ги испејаа „Македонско девојче“ и „Јовано Јованке“, за уште повеќе да ја воодушеват публиката. Како изненадување на крај, се појави хрваската пејачка и актерка Паула Јусиќ, која ѝ се придружи во „Neću babo Aliju“.

Во претходно интервју за Женски магазин, Медуњанин раскажа дека животот ѝ се сменил преку ноќ, кога решила да ја напушти работата во канцеларија каде што работела во финансии, да го послуша срцето, и да пее. Паметна одлука. И после секој нејзин настап и кај нас- публиката се менува критериумот за добар концерт. Амира заслужено постави високи стандарди.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски