Среќни и со клемпави уши и кратки трепки: Познатите Македонки свесни за своите мани

Сестрите Тијана и Тамара, Лила Стојановска и Кристина Арнаудова се само дел од домнашните ѕвезди кои немаат комплекс за својата убавина. Доказ за нивната самодовреба се и фотографиите без грам шминка кои самите ги споделуваат на социјалните мрежи

На сцената изгледаат беспрекорно и фатално, но без шминка се далеку од секс-симболи. На фотографиите со светските ѕвезди забележуваме комплетна трансформација, но нашите девојки изгледаат убаво и без пудра и руменило. Познатите Македонки немаат комплекс за својата убавина, а некои од нив ни докажаа дека воопшто не им е проблем отворено да зборуваат за своите мани. Една од нив е и Кристина Арнаудова која секогаш е опуштена и спонтана.

- Одење во продавница со комплетен мејкап мене во најмала рака ми е смешно. За себе си имам фино мислење, се сакам себе си со сите мои убави и лоши страни. Си ги знам маните и одлично се носам со нив. Супер се носам со моите малку клемпави уши, мојот карајктеристичен нос и специфични заби и немам намера тоа да го корегирам - отворено зборува популарната пејачка. 

Доказ за нејзината самодовреба се и фотографиите без грам шминка кои самата ги споделува на социјалните мрежи. Таа забележува дека само балканските ѕвезди ќе ги видите на улица облечени и нашминкани како за на шипка.

- Македонките се природно убави жени, имаме многу убава естрада која не подлегна на трендот на силиконизација и горда сум што сум во едно такво друштво. Овде не ги вклучувам оние кафански певаљки кои некои медиуми почнаа да ги третираат како естрада. Во нормалниот свет само старлетите го практикуваат и форсираат тој „фејк“ имиџ - објаснува Арнаудова.

Тијана не сака шминка, Тамара не може без неа

Природниот изглед е повторно во мода, а познатите секогаш ги следат новитетите. Една од нив е и Тијана Дапчевиќ која приватно секој момент го користи да го одмори лицето. Совршено е свесна за несовршеното и нема комплекси.

- Сите знаат дека се шминкам само кога морам. На јавна сцена морам да внимавам на изгледот во функција на настанот на кој сум присутна, ама тоа е само заради мојата професија. Ако мене ме прашувате, најубава сум си без шминка – откри во една прилика Дапчевиќ.

За разлика од неа, нејзината сестра Тамара не се чувствува баш пријатно без мејкап. Медиумите имаат само пофални зборови за нејзиниот изглед, но таа си ги знае маните и не се плаши да зборува за нив.

- Имам кратки и густи трепки и затоа без римел не излегувам од дома. Без него како да сум без очи - коментира Тодевска.

Природно не значи „исплакнато“

Уште една позната Македонка која секогаш изгледа беспрекорно е водителката Лила Стојановска. И таа без шминка се чувствува убаво и природно, но нагласува дека сепак јавните личности треба да внимаваат да не излегуваат од дома како „исплакнати“.

- Кога Господ го создал мажот рекол дека тоа е совршенство, а кога ја создал жената дека треба да поработи за да биде совршена. Некои жени со шминка изгледаат полошо и на тие им завидувам, а останатите незнам зошто тоа го прават. Жената ја личи со шминка, но не на плажа или во теретана - објасни во едно интервју Стојановска нагласувајќи дека најудобно се чувствува во лето кога освен маскара и сјај ретко става нешто друго на лицето.

Ѓ.С.