Утринско кафе со Д-р Вујадин Трајковски: „Кога ќе посакаш да се откажеш, сети се зошто си почнал“

Има денови кога дома сум сам, но најчесто првото утринско кафе го пијам со мојот брат близнак, обврските секогаш ни се идентични, секогаш денот го започнуваме со заедничка енергија. Но понекогаш и со моите родители доколку тие се слободни и не се на работа..

Некои посебни бенефити од кафето немам, но без утринско кафе денот не го започнувам. После секое утринско кафе се чуствувам дополнително мотивиран пред секоја обврска што ја имам во текот на тој ден.

Секогаш кога и да пијам кафе го правам сам, никој не може да го направи така како што ќе го направам самиот (се смее) (дури избегнувам да пијам кафе и кога сум на гости некаде, па го правам сам кога ќе се вратам дома).


Секогаш пијам “турско“, а го правам со ладна вода, една лажичка кафе, без шеќер.. тоа е рецептот за моето омилено кафе. (се смее)

Дополнителна енергија ми дава тоа што од претходно знам кои се моите обврски за тој ден, точно знам со која обврска треба да го започнам но и завршам денот без да мислам што ми остана и што не завршив за тој ден.

 

Мојата најголема мотивација е семејството. Тие се мојот најголем извор на инспирација и мои најсилни поддржувачи исто така. Нивната посветеност на работата е она што ме мотивира да бидам како нив. Од татко ми научив како да не се откажувам а тоа ме возбудува да преземам поголеми предизвици и ризици без страв од неуспех или повлекување. Додека, мајка ми е извор на мирна самодоверба. Знам точно каде да туркам силно и каде да успорувам е нешто што сум го наследил од неа. 


Секој нов ден, нови предизвици како на професионално така и приватно воопшто.

Мои дневни планови и обврски ... Најчесто на работа, средби со колеги, пациенти, носење одлуки, следење на состојбите во домашното и надворешното окружување. 

Најчесто работното време ми почнува од 08:00 завршува во 20:00, но некогаш и помалку, се зависи од смените на работа.

Секогаш завршницата од денот гледам да ми биде резервирана за домот, за моите најмили во семејството, а често и за пријателите. Сѐ зависи како претходно ќе се договорам. 


Вљубеник сум во добар филм и во добра книга. Секогаш предност ми се филмовите, секогаш при секое мое слободно време кое го имам сѐ помалку во последен период настојувам да гледам добар филм. Можеби обврските не ми дозволуваат сега да читам многу книги онолку колку што читав додека студирав, но како велат кога се сака се сè може. Темпото на животот во денешното време кое често знае да биде со огромна брзина може да ни биде причина и да ни ги одземе ваквите убави нешта.


Денот го започнувам со една и единствена мисла:

„Кога ќе посакаш да се откажеш, сети се зошто си почнал“.

А го завршувам:

„Никогаш не престанувај да се трудиш, бидејќи трудот секогаш се исплаќа порано или подоцна. Колку потежок е патот, толку посладок е успехот!“


*Д-р Вујадин Трајковски - Доктор по Општа медицина