Утринско кафе со Данче Азманова Мирчевска: Кафето наутро ми помага да запловам во светот на креативноста

Порано можев да бирам во колку часот ќе стартувам со денот, но сега распоредот ми го диктира мојот 4-месечен син Дарио. Кога тој ќе отвори очиња и реши дека е време да се каже „Добро утро”, нема простор за преговарање (се смее).

Утринското кафе започнувам да го пијам додека менувам пелени. А потоа излегувам на тераса, со син ми во едната рака и кафето во друга, за официјално да го започнеме денот апсорбирајќи витамин Д.

Последниве неколку месеци по препорака на мојот life coach, воведов и утринска рутина што се состои од следниве 3 дела: 10 минути медитација, 10 минути пишување во дневникот и 10 минути истегнување.

Колку помалку спијам како нова мајка, толку посилно кафе ми е потребно за да го поминам денот. Како фриленсер со активни проекти, одлучив да го прескокнам породилното отсуство, па денес балансирам со грижа за бебето, пишување контент за моите фриленс проекти и платформата Working Mom, договарање соработки и достава, готвење, дружба, вежбање, шопинг.


Кафето наутро не само што ме расонува и го означува официјалниот старт на мојот ден, туку и ми помага да си ги избистрам мислите, фокусот и да запловам во светот на креативноста дури и да имам спиено само 3-4 часа.

Македонското кафе ми е најомилено, иако во бременоста преку ноќ ми се одмили. За среќа, тоа веќе е далечно минато.

Вака се прави кафе по мој вкус: Ја отворам теглата со кафе и длабоко ја вдишувам аромата на кафето. Полнам вода во ѓезвето, додавам две полни лажици кофеин и неколку зрна шеќер. За помалку од минута, кафето е речиси готово ширејќи ја својата благопријатна арома низ собата. Ги затворам очите, ја пијам првата голтка и целосно уживам во неговата горчлива вкусност.

Сепак, најубавите кафиња ги прави мојот сопруг Дејан, кој мајсторски ги комбинира сите состојки и како вистински романтичар, знае да ме разбуди оставајќи ми шолја кафе во кујна со слатка порака.

Она што особено прави едвај да чекам да започнам со денот е пишувањето блогови и собирањето искуства за мојата платформа што ја креирав како безбедно катче каде што отворено зборуваме за сите кариерни предизвици што ги носи бременоста и мајчинството за една жена.

Можноста оваа платформа да прерасне во заедница на мајки и татковци што сакаат да го имаат најдоброто од двата света – свесно родителство и кариерна експанзија ми влева надеж и возбуда дека со мојот талент за пишување можам да направам огромен импакт.

Дополнително, енергијата ја фокусирам и кон бизнисот што го започнав во својата бременост заедно со сестра ми Зорица, изработувајќи тематски подароци на различни теми. 


Позитивниот фидбек, трансформацијата на креативните идеи во продукти, средбите со нашите клиенти, само дополнително ми даваат енергија да продолжиме да изненадуваме со иновативни подароци што ќе измамат насмевка на сечие лице.

Насмевката на син ми е моја мотивација. Неговите сонливи прегратки. Неговите очиња кога е фасциниран од светот. Тој ме учи дека треба да се радувам на малите нешта во животот, да живеам во моментот и едноставно, да не ги пропуштам сите убави моменти во сегашноста скролајќи на социјалните мрежи.

Дневни планови и обрвски ... Никогаш не би се откажала од флексибилноста што ја носи работењето од дома. Затоа и секој мој ден е нова авантура. Го започнувам секој ден со to-do листа, но сум флексибилна во случај денот да оди во сосема друга насока (што најчесто се случува).

Има денови кои биле испланирани да работам, но едноставно се будам и сфаќам дека сакам цел ден да се гушкам со син ми или пак да шетаме заедно на преубавото време, па работата ја ставам на пауза. Тоа е убавината кога си сам свој газда и работиш фриленс. Ти сам си го диктираш својот распоред според нивото на енергија и моменталното расположение, а слободата што ја добиваш е најисполнувачкото чувство.

Денот ми завршува со прошетка низ маало со сопругот и синот, вежбање аеробик или функционален тренинг и неколку часа интензивна работа. Откако син ми ќе заспие, дури тогаш започнува мојот работен ден. Вечерите се периодот кога успевам да имам неколку часа фокусирано време и тогаш сум најпродуктивна. Самиот факт дека имам само 2-3 часа мир и тишина на располагање, ми помага толку длабоко да се сконцентрирам што успевам да ги завршам работните обврски за кои сум сметала дека ќе ми биде потребен и цел еден ден.


Книга или филм ... Дефинитивно бирам читање книги. За мојот роденден наместо облека, си купив 15тина наслови и си ставив цел да ги прочитам до крајот на годината.

Иако многумина ќе ви речат дека не би имала време за читање со мало бебе, еве како правам јас - му читам на бебето додека го дојам. На тој начин, не само што бебето ги подобрува своите когнитивни способности и гради способност за слушање, меморија и вокабулар, туку и јас можам да прочитам некоја страница.

Моментално ја читам книгата „Црната овца” од Александар Шемко што ми помага да се прифатам онаква каква што сум и храбро да зборувам за предизвиците што ги носи мајчинството.

Секој ден се обидувам да бидам барем 1% подобра од она што сум била вчера. Едноставно се трудам да направам некоја позитивна разлика во животите на луѓето. Паралелно, се обидувам да бидам најдобрата, најпосветената и најсвесната мајка за Дарио, давајќи му пример дека може да биде и да постигне сè што ќе замисли, а јас ќе бидам тука да го поддржувам во секој чекор.


Денот го завршувам пишувајќи по 3 нешта за кои што сум благодарна за тој ден. Оваа рутина ми помага да се фокусирам на убавите работи што се случуваат во мојот живот, особено во денови кога мислите знаат да фатат некоја удолница.

Пред да затворам очи, секако дека сакам да размислувам на нешто мотивирачко, но единствената мисла што ми поминува низ глава е „Колку пати Дарио ќе се разбуди вечерва?”


*Данче Азманова Мирчевска - Претприемач, фриленсер, контент креатор