Утринско кафе со Даниел Тренчовски: Потребно е да чувствувате страст кон сè што правите во животот

Станувам после пладне... нормално ме буди мојот аларм (моето маче кое почнува да прави хаос по дома). A првото кафе скоро секогаш го пијам покрај моето електрично пијано. „Натенане“ голтка по голтка, заедно со па некоја нота, а тоа знае да потрае и по два, три часа.

Кафето кое го пијам е секогаш турско. Така било и останало - тоа ме потсеќа на детството, една убава слика на моите родители која трае од кога знам за себе.

Ме мотивира сечиј успех. Секој нов ден ми дава нова идеја и мотивација за нешто ново. 

Можам да кажам дека себе си се гледам само во мотивацијата за музика и љубов. Без страст нема успех.

Потребно е да чувствувате страст кон сè што правите во животот, бидејќи тоа е единствениот начин да уживате во секој ден. 

Кога ќе ја откриете страста што ве привлекува и ќе почнете да ја следите, ќе сфатите колку навистина е животот вреден за живеење. 

Од страна изгледа дека имам многу слободно време, но искрено премногу сум посветен на мојата кариера иако секако можам да се организирам и да одвојам време за работи кои ми се битни.

Музиката ја доживувам како љубов но и како работа. Тоа е моја примарна и единствена работа - егзистенција. Можам да кажам дека имам работа од соништата, а тоа е и еден од основните услови за среќен живот. 

Таа ви е мотивација да станете од кревет и да го започнете работниот ден со насмевка, знаејќи дека го правите тоа што го сакате. Страста е тоа што ве движи низ животот, па затоа и ќе бидете многу среќни ако ја работите работата што ја сакате. Среќен сум и исполнет. 

Обврски и планови освен музиката ми се моите миленичиња и максималната грижа за нив, за сега... 

Излегувам често но викендите секогаш ги поминувам работно. Настапувам најчесто во околината на Париз.

Искрен да бидам размислувам да се преселам ... тука живеам 8 години и веќе чувствувам дека ми треба некое мирно место (топло).

Париз е преубав град ама само за туристи. Ако некој ви каже дека не е така, ве лаже! 

Вечерта ми завршува наутро!  Дома со слушалки на уши се до раните утрински часови. 

Филмови гледам ретко, според мене ако гледам филмови ми е како да го губам времето нерационално. Пак ке кажам музика и само музика! 


*Даниел Тренчовски- пејач*