Утринско кафе со Гаго Ангеловски: Животот е прекраток за да дозволам негативните мисли да ми го ориентираат

Денот секогаш го започнувам со дневниот внес на електролити и витамини, а потоа појадувам високо протеински оброк. Потоа, пред да започне работниот ден го пијам првото утринско кафе.

Кофеинот е нешто без што не можам да го замислам денот. Иако се сметам себе си за прилично енергичен, потребно ми е кафето за да можам да бидам попродуктивен во долгиот работен ден и прилично пополнетиот распоред. Бидејќи нашето тело има биолошки аларм, лачејќи стрес хормон и енергија секое утро, практикувам да пијам прво кафе 90 минути по будењето.


Не сум премногу комплициран на оваа тема, едноставно топло кратко еспресо со густа крема и чаша ладна вода или електролити.

Освен кафето, енергија ми дава и амбицијата која ме тера да работам на себе за да бидам најдобар во мојата професија.

Најголем мотив е првенствено иднината која ја имам замислено за мене и мојата идна сопруга, а меѓу другото и компетитивниот дух кој неуморно ме притиска да се натпреварувам со вчерашниот Гаго.


Планови имам безброј, но практикувам да не работам на повеќе фронтови и да се посветам на секоја обврска поединечно и фокусирано. Една од моите  “обврски” (читај – задоволства) е да вежбам, а потоа и да им помогнам на десетици клиенти со нивните фитнес планови и цели.

После долг и напорен ден, седнувам со мојата свршеница во “зона без телефони”, при што споделуваме еден на друг како ни поминал нашиот ден и делиме искуства.

Претпочитам филм, бидејќи ме опушта. Голем фан сум на класици и на филмови од 90тите – златната ера на филмот. Од книги читам само стручна литература поврзана со спортот и фитнесот.


Прилично сум позитивен и оптимистичен. Секој ден го започнувам со “Денес ќе растурам”, а се обидувам да го завршам со “Денес беше добар ден”.  Животот е прекраток за да дозволам негативните мисли да ми го ориентираат.


*Гаго Ангеловски - Фитнес тренер и модел