Утринско кафе со Ивана Поповска Батиниќ: Ги сакам позитивните луѓе околу себе!

Денот ми почнува во 07:15, со подготовки за на работа и секако Максим за во градинка, сакаме да си поспиеме па секогаш сме во трка со времето (доцниме).

Утринското, првото кафе го пијам во канцеларија во разговор со колешките, музиче, читање мејло-ви и организација на денот. Пијам огромна шолја турско кафе, само тоа ме расонува! Некогаш го пијам веднаш, а некогаш го влечкам до пладне, зависи од динамиката на денот, но ми е ритуал без кој не го почнувам денот дефинитивно.

По природа сум екстровертна, комуникативна жена и во принцип средината е таа што во секојдневието ме мотивира, а најмногу позитивните луѓе од неа! Ги сакам позитивните луѓе околу себе! 

Многу се давам, се вложувам себе си и во работата но и во личните односи па така feedback-от што го добивам ми е стимулот за понатака. Личниот успех, успехот на другите особено блиските околу мене ми е битен и навистина ми делува позитивно и мотивирачки.

Денот и дневните обврски ми се со набиена агенда, секогаш ми фали по некој час. 

Особено во работните денови обемот на обврски знае да ми биде со неиздржливо темпо. Сум дел од раководната структура на Секторот за Европска Унија во Министерството за образование и наука и сум Координатор на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), работам на големо портфолио проекти и сум во контакт со различни експерти и донатори но ја сакам функцијата и навистина со леснотија си ја извршувам. 

Како и секоја мајка, денот и обврските не ми завршуваат со работното време, напротив тогаш ми започнува “забавниот“ дел со Максим со сопругот и блиските. Семејните обврски се секогаш приоритет и никогаш не сум уморна за нив. Во вториот дел од денот најчесто имам обврска со Фичо, снимаме по некој рецепт (#готвимесофичо), а потоа  излегуваме се дружиме со семејството и пријателите, сакаме да излегуваме.

Денот ми завршува доцна, често сме излезени некаде со пријателите или сами во “Маџо”.  И јас и сопругот сме динамични и сакаме да се дружиме и ако не сме излезени тогаш сме дома со пријатели и мезе. 

Поретко пред ТВ дома, и кога сме сами дома сакаме да правиме нешто, во најмала рака седиме во двор со чаша добро вино и муабет како прошол денот.

Филм или книга, во последно време некако изборот е повеќе на филм иако сакам добри романи и сакам да читам психологија, но некако со “технологијава“ се повеќе се навлеков на слушање мотивациски говори. 


* Ивана Поповска Батиниќ - ИПА Координаторка, Раководител на одделение за имплементација и координација на ИПА, Министерство за образование и наука*