Утринско кафе со Јелена Никодиноска Чаповска: Желбата да пренесам знаење и да раскажувам и пишувам се мој мотив

Денот ми започнува со бакнеж од сопругот кој ме остава малку подолго да поспијам. Во моментов сум на породилно, па првото кафе најчесто го пијам сама во тишина, за време на првата дремка на Сара.

Денот го започнувам со вода со цеден лимон. На телото и умот им е потребна хидратација по сѐ што направиле за нашето тело во текот на ноќта.

Кафе по мој вкус...Турското го сакам горко со кајмак.

Често знам да си направам и френч прес со малку (по можност билно) млеко и лажичка мед.

Вода, свежо цедени сокови и смудиња. Тоа ми дава енергија, освен испиената шолја кафе


Мој мотив се семејството, учениците, желбата да пренесам знаење и да раскажувам и пишувам.

Мои дневни планови и обврски ... Додека сум на породилно, првата половина од денот ја поминувам со мојата ќерка Сара. Откако ќе се вратат сопругот и постарата ќерка Јана од градинка, најчесто излегуваме да прошетаме или да се возиме со велосипеди. 

Пред да се породам, последните пет месеци бев исклучиво посветена на пишувањето и уредувањето на мојот роман „Тишина“.

Инаку веќе седум години работам во меѓународната гимназија „Нова“ каде предавам англиски јазик и книжевност во склоп на програмата меѓународна матура. Денот кога сум на работа ми минува низ дискусии со моите ученици за разни четива каде истражуваме правци во книжевноста кои им помагаат да ги зајакнат своите вештини за критичка анализа и академско пишување. 

ФОТО: Јане Темелковски

Како ми завршува денот ...

Откако ќе ги легнеме децата, со сопругот Мице седнуваме да се видиме и да си поразговараме, најчесто со по еднo пиво (се смее) некогаш ќе си пуштиме филм или серија, но периодов тешко успеваме да ги изгледаме во едно седење, уморот не совладува. 


Сакам и да прочитам книга и да гледам филм. Последна книга што ја имам прочитано и ми оставила голем впечаток е „Американа“ од Чимаманда Енгози Адичи. Филм што ми оставил впечаток во последно време е „Кода“ на Сиан Хедер.


Мисла со која ми почнува денот ...Благодарност за новото утро и што сите мои блиски ги служи добро здравје. 


Јелена Никодиноска Чаповска - Автор и професор