Утринско кафе со Јулија Милкова: Ме мотивира секое изгрејсонце, син ми, работата, семките кои никнале во растенија...

За мене најнормално е денот да го започнам со кафе, отприлика доколку ме гледа некој тоа би изгледало вака: седиме јас и кафето сами, јас на стол, кафето на маса во кујна, уживаме во утринската тишина. И во таа тишина најчесто си повторувам кои ми се тековните обврски, а доколку ги немам си правам план како би го уживала денот. 

Ме мотивира секое изгрејсонце, мојот син, мојата работа, семките кои никнале во растенија, искрените насмевки, толку многу работи што навидум се ситни но сепак доволно моќни. 

Во овој период од годината, обично обврските ми се намалени со оглед на тоа дека е летен распуст за учениците и завршена театарска сезона, единствено дневните обврски ми се сведуваат на прошетки, планирање на годишен одмор и нормално уживање во него со цел да се започне новата сезона со полна енергија. Во останатите три годишни времиња деновите минуваат со многу секојдневни обврски кои вклучуваат театар, училиште, настани, проекти со невладин сектор, дружба со пријатели. 

Денот ми завршува со мојот син со кого откако физички ќе се исцрпиме од играње, ги гледаме „Сказните на Биби” за добра ноќ. 

И книгата и филмот се нешто без кое не би течел прекрасно животов. Книгите се впрочем дел и од мојата работа, кои и доколку не би биле, секако би ги консумирала, а пак филмовите се моето нешто за добра ноќ, се разбира после приказните за деца.


*Јулија Милкова - актерка*