Утринско кафе со Mаја Костовска: Секое утро се обидувам да го започнам денот со мисла дека ќе биде убав, лесен и забавен

Секое утро се будам и се обидувам да го започнам денот со мисла дека ќе биде убав, лесен и забавен. Ама има денови кога баш би сакала да поспијам уште само 5 минути. Има денови кога ќе се успијам, па сите работи што ги правам за половина час ги правам за 5 минути. Да, може да кажам дека секое утро е приказна сама за себе. Ама какво и да било утрото секогаш денот го завршувам во мир, спокој и тишина. 


Првото утринско кафе го пијам со колегите и колешките во разговор за обврските и плановите што ги имаме за денот. Мојата работа во Кроациа осигурување е поврзана со анализи, бројки, извештаи, работа која не знае за пропуст или грешка и бара концентрација и внимание. Работната атмосфера, соработката со колегите и чуството на припадност, секоја зададена задача ја прават полесна и предизвик да се сработи подобро. Секој труд се цени а за тоа е доказ и наградата и признанието на кое сум горда.

Некои здравствени бенефити од кафето и немам баш забележано, но социјалниот аспект на едно кафе е многу вреден. 

Кафе по мој вкус е турско и само турско кафе без шеќер.

Најголема мотивација ми е фамилијата. Се’ што правам, правам за нив. 


По завршување на деловните обврски, започнуваат моите планови и обврски за домот. Со моите кулинарски вештини си создадов такви гурмани по дома, така што сега веќе секој ден мора да се најде време да се подготви нешто ново и поинакво. Уживам и во планирањето и во обврската да го правам тоа. А сите останати домашни обврски се подеднакво распределни со сопругот и поголемата ќерка.

Најчесто со фамилијата, многу членови не има, хетерогена структура сме, ми завршува денот. Тројца полнолетни, еден третооделенец, едно куче, хрчок, зајак. Има што да се прави со секој од нив, така што често зависи и од расположение. Ако сакам прошетка, си го земам кучето и го шетам, ако сакам да се изнервирам, влегувам во собата на третоодделенецот, ако сакам да ги орасположам полнолетните, влегувам во кујна и спремам нешто вкусно....Ама да, најмногу сакам денот да ми заврши сите ние 7 индивидуи на куп собрани, што е голем предизвик во денешно време.

Искрено, периодов ги читам, обработувам и извлекувам поуки од лектирите за трето одделение за син ми, така што кога ќе дојде време за мене, веројатно за некоја година-две, можеби и ќе ми помине некоја посериозна литература низ раце. А филм, е за тоа сум секогаш спремна, секоја вечер. Мора да се гледа некој филм! А најдобар филм ми е оној кога го гледам со мојата ќерка. Тоа се два-три часа непроценливо, заедничко време и гледање и зборување. 


Среќна сум што многу работи може да ме рестартираат во текот на денот. Кафето со најблиските другарки, кога ќе ги грабнам децата да ги бацувам и гњавам, кога го шетам кучето, кога ќе ми успее некое сложено приготвено јадење, кога работам во пчеларникот што го имаме. Пчелите се заедница за која веќе 5 години учам, читам, работам со нив и секој пат се воодушевувам од беспрекорноста која ја има во нивниот дом. Има многу што да се  учи од нив. 


*Mаја Костовска - Координатор за план и анализа - Кроациа Осигурување