Утринско кафе со Мартин Андреоски: Покрај испиената шолја кафе, енергија ми дава и мојот авантуристички живот

 Во работните денови, денот ми започнува во 06:00 часот наутро, во тие денови утринското кафе го пијам со мојата колешка Ивана која исто така е љубител на дозата на кофеин и убав муабет! Додека во периодот на слободните денови кафето го пијам во друштво на моите 3 домашни миленици или пак мојата мајка.

Кога станува збор за бенефитот од кафето како прва работа можам да го наведам расонувањето и доколку сум со некого секако и како бенефит можеме да го опфатиме и убавиот муабет, кој може да е исполнет со некој совет или пак убава мисла која што ќе ни послужи во текот на денот или разубави истиот! 

Обожавател сум на сите видови на кафе, но најчесто тоа е макијато во домашни услови капсула во кафемат или македонското кафе: две лажичиња кафе, голема чаша вода и малку кокосово млеко, да нагласам без шеќер (се смее) ! 


Освен испиената шолја кафе, енергија (која што секогаш ја имам одвишок) мислам дека ми дава мојот авантуристички живот, љубовта кон адреналинот и мојот хумористичен и ведар дух.

Мотивација најчесто добивам од сопствената желба за живот и многу често може да ме мотивира успехот на луѓето кои навистина се потрудиле и успеале да направат нешто со или од себе и нивната креативност и кариера, мотивите и целите најчесто си ги задавам сам, и морам да се пофалам себеси дека често тие се остварени ! 

Дневните планови и обврски ми се сведуваат околу работата во институцијата во која работам и сопствениот мал бизнис кој е исполнет со многу креативност! Често денот ми е исполнет со многу одбрани луѓе кои се посебни за мене и сите шират позитивна енергија ! Мислам дека тоа е клучот на успешните пријателства ! 


Денот најчесто ми завршува мирно и пријатно, и покрај големиот број на обврски јас сѐ уште имам енергија за некоја убава прошетка или вечера во некој убав амбиент со моите пријатели или саканата личност.

Секогаш избирам некој убав филм ! Ја сакам кино режијата и често ја практикувам .


Утрото, текот на денот и вечерта секогаш ми се испреплетени со голем дел на убави мисли и совети, не дека сакам многу да мудрувам туку мислам дека тоа се должи на мојата позитива и добронамерниот карактер и љубовта за помош. Ете доколку е потребно да издвоиме некоја: „Дека животот е убав и треба да го сакаме, да се трудиме убаво да го живееме или пак дека кога се наоѓаме во една соба и вратата ни се затвори најчесто таму има и прозорец, сакајќи да прецизирам дека колку и да е безизлезна ситуацијата мора да постои некој излез и дека мора да се потрудиме да го најдеме, да не се откажуваме бидејќи среќата чини скапа етикета .


*Мартин Андреоски - Економист и инфлуенсер