Утринско кафе со Нина Ред: Работете на своето ментално здравје. Ширете љубов!

Утрото ми е најважно, особено кога го сетирам умот и духот со позитивна енергија. Можеби денот не го започнувам со типично кафе, меѓутоа знам да си направам macha latte, а некогаш и топол напиток со лимон. Мачата сама по себе содржи доза кофеин и е доста поздрава варијанта од класичното кафе, така што нека влезе во оваа категорија.

Една работа што со сигурност ја знам за мачата е дека го забавува стареењето, игра одлична улога во слабеењето, но прочитав некаде и дека содржи антиоксиднаси познати по името катехини, кои ги преполовуваат опасните слободни радикали во телото. Ако треба да судите по мене, засега супер ми делува.


Кафе по мој вкус...Лажичка прав од мача, млеко по ваш избор, лажичка таан, лажичка мед како засладувач или агаве сируп. Сето ова го блендирате и сервирате во вашата омилена шолја со коцка мраз. Совршенство!


Музиката и танцот ми даваат дополнителна енергија. Опседната сум со плеј листата што ја имам. Во моментов креирам кореографии, во креативен процес сум и уживам во тоа. Можам слободно без храна да поминам цел ден, ама таква бомбастична енергија како што ми дава музиката, мислам дека ништо не може. Чудна работа (се смее).


Ме мотивираат креативни луѓе, добри луѓе кои го живеат својот сон, што се среќни и изреализирани и што се во мир. Тоа ми е цел во животот. Кога ги слушам таквите приказни, ми се будат сите можни клетки за акција. Како да не се мотивира човек за подобро утре и за подобра јас? Во тоа лежи убавината.

Мојот ден не е ист како секој претходен и тоа ме држи будна и ме радува што е така. Не знам што ми носи денот, но сум подготвена за предизвиците. Моментално главниот фокус ми е на музиката и танцот, но истовремено успешно ги завршувам и тековните работни активности.


Се зависи од денот како ќе ми заврши, некогаш со моето куче Оскар, некогаш со книга, некогаш прошетка низ маало, некогаш со проекти, некогаш со танцот, или слушање поткасти, дружба со пријателите. Не би можела конкретно да ви го опишам тој дел, бидејќи како и утрото, така и вечерта е непредвидлива.


Обожавам да читам книги! Блиските некогаш не ме разбираат дека обожавам да поминувам одредено време сама и тоа така некаде седната надвор на пијалок, книгата во раце, слушалки на уво и уживање во моментот. Ретко гледам филмови, го креирам својот (се смее).


Ова е вистина што ќе ви кажам, ама кога ќе си легнам секоја вечер си го велам следново: „Денеска не излажав никого, не украдов, не изневерив, не предадов, не убив никого, можам мирно да спијам.“ Оваа мисла ме одржува да знам дека и кога некој ќе направи да се чувствувам лошо без причина, да се потсетам дека сум на правиот пат, а тоа никој не може да го стори за вас. Работете на своето ментално здравје. Ширете љубов!


*Нина Ред - Водител