Утринско кафе со Пале Стојанова: Не можам да ги прегрнам внучињата во живо, но уживам во нивните слатки насмевки преку екранот

Денот вообчаено не ми почнува многу рано, бидејки навечер седам до многу доцна. Наутро кога станувам пред да го пијам првото кафе пијам витаминско-протеински шејк со кој го заменувам појадокот. Потоа следува кафето што го подготвува мојот сопруг, и нормално заедно го пиеме додека разговараме за плановите во тековниот ден. 

Бенефитот од пиењето кафе наутро за мене е времето поминато со сопругот и распоредувањата на обврските што треба да се завршат во текот на денот. 

А кафе по мој вкус е кафето што ми го подготвува сопругот, бидејки така се навикнав. Тој го пие средно, го вари за двајцата, а мене дополнително ми додава лажичка шеќер.  Да се насмееме малку, ама јас за мене никогаш не сум направила кафе, а да ми се допадне. Но, секое кафе додека го пијам во присуство на драги личности, за мене создава задоволство. 

Не можам да кажам дека кафето ми дава некоја енергија, но позитивните мисли и обврските на работа кои треба да се завршат, ме држат со позитивна енергија, бидејки одговорно сакам да го исполнам она што сум го ветила на моите клиенти или муштерии. 

Моја мотивација на работа се прекрасните објекти за кои работиме да им дадеме дополнителен, уште поубав и попријатен изглед. Многу сум среќна и се радувам кога ќе ги видам задоволните лица на домаќините, или кога ми стигнуваат пораки полни со задоволство и радост после поставувањето на нашите ракотворби во нивните простории. Тоа дополнително ми дава мотивација за уште повеќе да им дарувам радост на луѓето со моите идеи и изработки. 

Дневните планови ги правам ден за ден, бидејки секој ден носи нови обврски за наредниот ден. Моето работно време почнува од 10:00 часот и треба да трае до 18:00ч, но често се случува дома да си дојдам околу 20:00ч. или подоцна. Обврските на работа ми се од презентации на материјали и модели пред потенцијалните муштерии, договарања со нив, посета на нивните домови или објекти во кои треба да се дадат препораки, земање прецизни мерки, па до изработка и монтажа на избраните производи. Со задовоство секогаш сакам да ја сработам завршната фаза, после која следува фото сесија која со задоволство самата ја правам.  Направените фотографии ги споделувам на официјалните страни на мојата фирма на Фејсбук и Инстаграм. Време за домашните обврски ми се доцните вечерни саати, како и недела. Готвам единствено во недела, и тој ден ми е ден за ручек со дел од семејството. 

Кога се враќам од работа во нормално време, седнувам да одморам со телефонот во рака. Половина семејство ми е преселено во Германија, па скоро секој ден се слушаме и гледаме преку Интернет. Бидејќи не можам да ги прегрнам внучињата во живо, се трудам да бидам задоволна и да уживам во нивните слатки насмевки преку екранот.  Вечерта обично ја поминувам со сопругот дома, или во посета на нашите родители. Пред спиење знам до доцна да се задржам на социјалните мрежи, одговарајќи на поставени прашања од потенцијални муштерии, или разгледување на новитети од областа на уредување на домови.

Филмови скоро и не гледам. Читањето книга не е вообичаено за мене, бидејќи не ми преостанува слободно време за тоа. Но некоја интересна книга доколку ми падне во раце знае да ми го задржи вниманието и да ме исклучи од се‘ останато додека ја читам. Во последно време се дружам  со стручна литература. Сакам да се надоградувам, како од домен на мојата работа, така и од домен на општествениот живот. 

Првата мисла за почеток на  денот сепак ќе остане моја тајна... 
Навечер сум благодарна што поминал еден убав и успешен ден, и посакувам наредниот да биде уште поубав и поуспешен, како за мене, така и за сите што ме опкружуваат. 


*Пале Стојанова - дизајнер во сопствена компанија за изработка на пердиња*