Утринско кафе со Софија Манева: Планината ми го дава најголемиот бустер на позитивност, имунитет и енергија

Го сакам будењето рано наутро.  Па, дури понекогаш и за време на викенди. Така успевам да го искористам максимумот од денот што ми следи и да им пркосам на обврските.

Денот ми започнува со чаша цеден лимон, ѓумбир и мед, а во вистинскиот вкус на кафе сѐ уште не сум научила да уживам, бидејќи го пијам „од нога” со цел побрзо да се фатам за обврските кои ми ги носи денот. И тоа е обично црно кафе.

Кога имам дополнителни неколку минути, секогаш спремам смуди и сум претежно во тимот на „Eat healthy, stay healthy”. 

Со оглед на тоа што сум во „цутот” на лекарската кариера, искрено, немам некое изобилство од слободно време за фитнес, па преферирам истото да го избалансирам со пешачење и секако, оние кои ме познаваат, знаат дека мое омилено хоби е планинарење. Ден од викендот ми е резервиран за планина, која всушност ми го дава најголемиот бустер на позитивност, имунитет и енергија потребна за целата работна недела. 

Јас сум човек што се радува на ситници и мали нешта, а мотивација наоѓам во успешно завршените дневни обврски и среќните лица на луѓето околу мене, особено моите сакани.  Моето животно мото е: „Најди начин и бори се за она што вистински го сакаш и она што те прави среќен и смирен. Само така го освојуваш врвот.” На крајот од денот, мирот е она што ни е потребен на сите, зар не? 

Денот секогаш го завршувам со вкусна и свежа салата – бидејќи сум Бик во хороскоп, знаеме дека сме големи гурмани(се смее). Вечерите преферирам да ги поминувам во домашна атмосфера со најблиските, а за време на викенд вечера во ресторан или на пијачка со пријателите.  Со оглед на професијата која ја имаме и неопходноста од надоградување на знаењето, во последниве години поголемиот дел од книгите ми се заменети со стручна литература, сѐ останато е белетристика, а филмови гледам секоја вечер и тоа е она што со кое што заспивам. Кога не се тие, овде е мојот омилен канал за успивање – Mtv Hits 80’-90’. 

Од мисла на денот по која се водам, ќе ја издвојам: „Лесно е да кажеш „НЕ”, потруди се да успееш. Ќе вреди.”


*Софија Манева - лекар*