Утринско кафе со Владимир Богески: За мене почетокот на денот е само едно големо „Благодарам“
Најчесто денот го започнувам
со утринско кафе, во зависност од тоа дали вечерта сме биле на настап или не, сам
или во друштво на мојата сопруга
Секогаш
кафето ми помага да се освестам, особено преку викендите ако сме заглавиле на некој настап, па го комбинирам со овошје, а
сето тоа ми дава сила за започнување на утринските физички вежби.
Кафето за мене е ритуал на кој премногу му посветувам внимание затоа што со тоа се прават дневните обврски и планови. Секогаш сакам да биде пресно измелено со појака арома, внимателно го варам и дел од дозата ја ставам во филџанот пред да зоврие, а останатиот дел го оставам малку да зоврие и го додавам во филџанот.
Дополнителна енергија ми дава музиката. Секогаш после комбинацијата кафе, овошје и утрински вежби седнувам на пијаното свирам најразлични класични теми и се фокусирам на нови теми за следна песна со „Тајфата“. Прво мотивација ми е семејството - мојата сопруга и двете ќерки, а второ „Тајфата“.
Покрај обврските што ги имам во основното музичко училиште во Прилеп,
секојдневно наоѓам време со останатите членови на „Тајфата“: Александар, Живко
и Сара да се видиме и да размениме по некој муабет во врска со тековните настапи, дали е тоа фамилијарни веселби (свадби), настапи во клубовите низ Македонија и
слично, и да направиме ретроспектива на настапите што поминале сѐ со цел да се
одржи квалитетот и рејтингот на бендот. Секако еден дел од денот го поминувам
во „ќе го наречам моето студио” - „R music sound“- каде се разработуваат нови
теми за песни кои се подготвуваат за „Тајфата“.
Вечерта
е мојот омилен дел од денот, особено ако не сме на некој настап, од понеделник
до среда, кога заедно со семејството се почнува со салата, вечера и по некоја
чашка вино проследена со сладолед или торта. Понекогаш и се
подзабораваме со чашките, па завршуваме на клавирот со убава песна.
За
мене почетокот на денот е само едно големо „Благодарам“,
а го завршувам со надеж за поубав ден.
* Владимир Богески - наставник по музичко образование и член на бендот „Тајфата“