Утринско кафе со Здравко Василески: Релаксирани утра, со многу позитива и љубов

Денот го почнувам со будењето на син ми, кој има 4 месеци и во овој период целото мое внимание е насочено кон него. Мислам дека не постои поубаво чувство од тоа да се разбудите и да го погледнете вашето бебе со огромна насмевка, како ве чека да му се посветите. 

Утринското кафе го пијам заедно со мојата сопруга додека заедно го планираме денот. Утрото е всушност најважниот дел од денот. Од него зависи и нашето расположение и став понатаму низ целиот ден. Поради тоа преферирам релаксирани утра, со многу позитива и љубов.


Добивам мотив кога знам дека нештото на кое се посветувам или го работам има цел и суштина. Доколку се работи за претприемништво, мотивиран сум да створам одржлив бизнис од кој "утре" ќе имаме бенефит и јас и клиентите. Кога се работи за приватен живот, мотивиран сум да се посветам на пријатели со искрени намери а не сувопарни познанства. Во интимниот живот, ме мотивира целосно да се посветам на мојата сопруга Радмила бидејќи сум ја препознал нејзината вредност како човек и партнерка. Всушност, и мотивот да ја напишам мојата прва книга "НАТО во новиот светски поредок: Геополитика и Реализам" е во склад со желбата да се створи нешто што има смисла. Книгата е резултат на мое опсежно истражување на геополитичките и бебедносните предизвици во светот денеска и нуди практични решенија како да се створи побезбеден и попросперитетен светски поредок. 

Приоритет број еден е моето семејство. Настојувам да сум максимално присутен и посветен на моето дете и сопруга. На второ место доаѓа кариерата и работните обврски. Доколку остане време, секогаш гледам да го искористам и за дружење со пријателите или физичка активност. Мислам дека ова е секојдневието на повеќето од нас а вистинската умешност е во тоа како да додадеме вредност и на тоа малку слободно време што останува. Во мојот случај, јас се посветив на пишувањето.


Денот го завршувам на начин што ја "излудува" мојата сопруга, следам политички дебати и сите актуелности кои се случувале во текот на денот. Всушност морам да се корегирам, ја излудуваше*, но е веќе навикната до степен што и кај неа се роди интересот за политички теми. Сега сме соговорници со заеднички интереси, а нашето бебе внимателно нѐ слуша.


Филмови обожавам, но во однос на книгите, можеби малку атипичен одговор, но не преферирам книги. Обожавам енциклопедии и поседувам цела колекција од нив. Сакам да читам корисни информации, издржани мислења со суштинско значење, но не и забавна книжевност, долги романи или емотивни приказни. Мојата книга "НАТО во новиот светски поредок: Геополитика и Реализам" е токму спротивното, би рекол помалку несекојдневно и пред се научно дело. Внимавав да нема ниту една реченица која би била вишок и целата содржина да биде корисна за читателот. Делото кулминира со понудување на издржан одговор дали Северноатлантската алијанса е фактор на стабилност или нестабилност во светот? Искрено верувам дека оваа книга би била интересна за сите кои се заинтересирани но и загрижени за моменталниот геополитички развој на настаните, особено после почетокот на војната во Украина.


*Здравко Василески - магистар по економија и организиран криминал