Златното грло на Македонија: Наум Петрески слави 35 години јубилеј

Наум Петрески! Човекот со златно грло. Пејачот кој ги испеа едни од најголемите македонски хитови на народна музика. Од „Има ли Песна“, преку „ Жал за Деспина“ до „Љубов голема“, неговиот грандиозен музички багаж ќе остане засекогаш во аналите на македонската музичка историја.

Пејачот е оженет долги години со исто така познатата пејачка на народни песни Зуиица Лазова, а од неодамна станаа баба и дедо по втор пат.

Петрески годинава слави 35 години од својата кариера, па денес го има и првиот голем концерт во Битола по тој повод. Вториот е во Охрид. Пред големиот настан, го имаме Наум со интервју за нашиот магазин. 

* Дали во деновите пред концертите имате посебни ритуали, правила, спортувате или се одмарате?

- Немам посебни ритуали освен одмарање и проби со оркестарот.

* Беше ли тешко да се одберат песните за новиот албум. Се добива впечаток дека која песна и да ја отпеете е најдобра....  

- Новиот албум е "Најдоброто од Наум Петрески ",но сепак беше тешко да се одберат најдобрите, мене секоја ми е најубава.Тоа што се добива таков впечаток веројатно се должи на внимателно селектирање на песните и работа со авторите како таа да го достигне максимумот.

* Што да очекува публиката на концертите? Ќе има ли специјални гости?

- Публиката може да очекува дека ќе има супер забава, внимателно одбрани песни кои ќе ги развеселат, но и ќе ги разнежнат. Ќе има бура емоции. Во Битола гости ќе бидат групата "Боеми"Татјана Стефановска, Зуица Лазова и Владимир Поповски, а во Охрид Ѓоко Танески, Милован Секуловски, Зуица Лазова и Владимир Поповски

* Може ли да ни го опишете чувството кога првпат се појавивте на сцената на Валандово и ја отпеавте „Има ли песна“. Што ви се „ вртеше“ во главата во тие мигови?  

- Уште кога првпат ја слушнав, знаев дека ќе ги допре сите и дека ретко кој ќе остане рамнодушен на неа. Затоа на сцената едноставно уживав додека ја пеам и тоа публиката го награди.

* Како во почетокот се носевте со успехот и популарноста?

- Кога се случи "Има ли песна" телефонот не престана да ѕвони сите сакаа да честитаат и да го искажат воодушевувањето. Во домот ретко кога немаше гости. Јас сепак мислам дека си останав истиот, а популарноста во секој случај годи.

* Спомените ја топлат, но и ја распарчуваат душата. Кога ќе направите ретроспектива на изминатите 35 години на сцена, кој период ви беше најубав, а кој најтежок?

- За да опстои уметникот на сцената толку години, треба константно да работи да твори нови хитови за сите генерации и да ги прифати новите трендови, а сепак да остане свој. Секој период од изминатите 35 години е убав, но и тежок на свој начин. Во почетокот можби имаше повеќе дружби до зори, а потоа приоритет станува семејството, децата, приватноста...

* На кој начин ја Зуица ви  искажува поддршката?

- На секаков начин се поддржуваме со Зуица и во избор на песни и во поделба на обврските, како велат и во добро и во лошо.

* Анастасија веќе го покажа талентот за музика. Кој од останатите деца е музикален?

- Анастасија веќе изгради своја кариера и своја препознатливост. Сите се музикални и убаво пеат, Сања е физиотерапевт и пее за своја душа и ќеиф, Македонка е на факултет посветена на класичото пеење, тоа и го изучува, а Стефан засега свири гитара и тој убаво пее, но што ќе избере понатаму останува на него да си реши.

* Како се носите со улогата на дедо?

- Чувството да се биде дедо е неописливо и само ми жал што немам повеќе време за да уживам со малите Андреа и Лука.

* За вас велат дека сте златно грло, но и многу добар човек. Како Bи успева да останете таков и во ова време- невреме?

- Ова време невреме сите не допре, но можеби и не потсети што е најважно во животот. Јас бев и останав човек кој сака луѓе, убави дружби со песни до зори, иако сега многу поретко од порано. Каков сум како човек знаат блиските и тие што вистински ме познаваат, се надевам дека е така како што велите.

Н.Т.