Беше мака со три деца, сега влеговме во шема: Искрено со Жељко Јоксимовиќ

Добивај вести на Viber

Жељко Јоксимовиќ утревечер од 21 часот ќе одржи концерт во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“. Минатата година, миленикот на на македонската публика одржа два успешни концерти во Македонската Опера и балет како промоција на третиот дел од проектот „Два света“. 

Жељко на концертот во Скопје минатиот месец 

Среќата не го следи српскиот кантавтор само на сцената, туку и дома. Во октомври во 2017 година, тој и неговата сопруга, водителката Јована Јанковиќ ги добија близначките Ана и Срна. Нивниот постар син Коста има пет години. Жељко е татко и на 23 годишната Мина.

„ Коста многу убаво реагира на сестричките. Ги чува, помага околу хранењето, пресоблекувањето. Сака да учествува и да покаже дека е голем батко кој може да се грижи за нив. Се разбира, се трудиме вниманието рамномерно да го распределиме на децата, и да не се врти сè околу близначките, затоа што Коста е сè уште мал. Во секој случај, весело ни е. Журката е главно во текот на појадокот, тоа треба да се доживее. Тешко ми е да раскажам. Денот поминува брзо, ноќта нешто побавно, но сите сме многу среќни и добро организирани“, изјави Јокисмовиќ за своето семејство во претходно интервју за Женски магазин. 

За неговата сопруга Јована, тој додава дека со три деца дома таа се снаоѓа многу подобро отколку што тој можел да претпостави. 

Ретко се фотографираат во јавност.- Жељко и Јована со децата, Фото: Стори.рс 

„ Јована има помош од бабите и се снаоѓа некако. Јас се наоѓам исто така, и помагам што и да треба. Сакам да се занимавам со деца и уживам со нив. На почетокот беше комплицирано, околу капењето, пресоблекувањето, хранењето, заспивањето. Едното само што ќе заспие, другото ќе се разбуди и обратно. Но, сега сме во фаза кога веќе влеговме во шема. Мина го обожава Коста и сестрите, а љубовта е обострана, тоа можам да ви го кажам. Коста многу сака да поминува време со неа, а и Ана и Срна убаво реагираат. И се насмевнуваат, сакаат кога таа им пее, си игра со нив. Има ли поголема среќа?“, сподели пејачот. 

Проектот „Два света“, ветува тој ќе продолжи да живее, вклучувајќи и некои нови песни во репертоарот. „ Го слушаме вкусот на публиката и се трудиме за секого да има по нешто за време на тие концерти. Секој пат, публиката да излезе од сала задоволна и расположена, да им разбудиме емоција“, додаде Јосимовиќ.

М.Џаровска