Цената на човечноста
Се’ си има своја цена, дури и љубовта. Знам дека самиот израз „љубовта има цена“ е груб и дека предизвикува одбојност, но факт е дека и таа си има цена. Цената на љубовта е можеби најспецифичната од сите цени кои сме спремни да ги платиме, бидејќи се изразува преку почит, трпение, несебичност, па дури и жртва понекогаш. Си бара константна работа, нема кај неа улежување или навики кои секогаш (порано или подоцна) ја поткопуваат или закопуваат. Она што е најинтересно е тоа дека висината на цената која ја плаќаме за да ја имаме, е секогаш иста(висока). Не е како со автомобил чија цена паѓа со помината километража, ниту како износена облека од втора рака. Можеби затоа вистинската љубов е толку многу ретка и скапоцена.
И ако цената на љубовта е најспецифична, чинам дека цената на човечноста е најголема и најтешка за плаќање. Кога велам голема мислам на тоа дека не само што најмногу чини, туку и дека секогаш е под влијание на разни искушенија. Но, на долги патеки е секако најисплатлива оти носи најголеми придобивки. Знам дека голем дел од вас ќе помислат колку е ова утопистички и ќе се сложам скроз. Во право сте и тоа 100% дека ова што го зборувам/пишувам е во рангот на научна фантастика. Особено е тешко да се сочува човечноста имајќи предвид каде ни се паднал к’сметот да се родиме и да живееме, а згора на се’, нималку не ни е во прилог на каде е тргнат светов. Во сета извитопереност, луѓето кои се’ уште се водат по принципот „не го правам она што не сакам мене да ми се прави“, ги сметаме за наивни (да не речам, будали). Некако како да стана „кул“ и модерно да се натпреваруваме кој кого ќе изигра подобро, како да се протнат сите валканици на мала врата, како да се смисли нешто за забушавање по она „со малку да извлечам многу“. Полека но сигурно, етиката станува предмет кој се изучува во училиштата, а пусто, како да имаме се’ помалку примери од реалниот живот со кои ќе го поткрепиме нејзиното постоење. Она што ме теши е дека сепак имаме напливи со кои си ја покажуваме човечноста во одредени ситуации. До солзи ме трогнува кога ќе видам дека во рекордно време биле собрани донации за болно дете или некој возрасен, иако е веќе друг муабет зошто на сите давачки за здравство, дел од населението ни се лечи со донации.
Но, неспорен е фактот дека многу потфрламе со човечноста и тоа во различни ситуации. Кога ќе ми текне како ја воспитувам ќерка ми, се фаќам себе дека се прашувам дали грешам и дали вредностите кои и’ ги всадувам ќе и’ донесат поголема болка од среќа. А немам решение, не знам како да ја спремам дека она што го има во себеденес е повеќе за потсмев отколку за восхит. Арно рекле старите дека децата се сунѓери и дека впиваат не само се’ што зборуваме, туку и се’ што правиме.
За сите овие години (чиј број не е за поценување), не научив да бидам претпазлива и со доза на резерва кон луѓето. Затоа, често пати ми се случува да се разочарам, па да си ветам дека „никогаш повеќе“, за веќе во следната ситуација да се фатам дека го правам истото, идентично како и многу пати дотогаш. Дали мојата наивност (а е наивност, тоа дефинитивно) ми донело болка? Да! Дали ми донело убост? Секако дека да. И можеби начинот на кој ја доживувам убоста ми е толку впечатлив, што свесно дури се саботирам за да внимавам.
Верувам дека во секој од нас постои добрина, исто како што постои и лошотилак. Никогаш не е се’ или црно или бело. Па и знакот јин-јанг всушност кажува дека во секое црно (лошо) постои барем точка бело (добро) и обратно. Како да одбивам (водејќи се од таа филозофија) да се предадам и да кренам раце дека луѓето се ултимативно лоши или нечовечни. Уште од дете сум била учена дека треба да дадам шанса, дека некогаш грешките на другите се заради сплет на околности и дека треба да бидам отворена кон простување или компромиси. Убавото е дека сум имала среќа да налетувам на луѓе кои и ден-денес ми останале во животот, иако не било баш се’ мед и млеко во нашиот однос. Но, токму заради особината која ни била заедничка ( да не престанеме да веруваме во човечноста на другиот), ни опстоило другарството иако и јас сум знаела да оплескам и тоа многу.
Цената која секој од нас ја плаќа за својата човечност кон другите, некогаш знае да биде и исцрпувачка. Да се разбереме, да се биде човечен е и прашање на избор. Свесноста дека имате опција да сте погани или кротки е веќе нешто што е врзано и со тоа што ви бара душата. Не е дека не знам да сум сурова или безобразна, ама па после мене нема да ми е убаво. На крајот од денот, кога ќе си легнам навечер ќе ме удри совеста по глава и тешко да ќе ме фати сон. И имаат право оние кои велат „најважно ми е да спијам мирно“. Налет ако сум лоша и ако си правам ќефови со кои ќе ги навредам или повредам тие околу мене, ако немам сон и ако совеста ми ровари низ умот по цела ноќ.
И повторно ќе се сложам дека звучам наивно и утописки. Ќе се сложам дури и ако ме наречете „види ја бе, будала“, ама мислам дека нема ништо полошо од тоа да ве мачат мислите и да се превртувате навечер.
Имам една блиска пријателка која е душа од човек. Една од оние ретки луѓе кои ако им се јавите на сред ноќ, во пижами и папучи ќе дотрчаат, жена која не прашува “зошто” туку „каде да дојдам“ и која никогаш, ама баш никогаш нема да ве прекори или да ви упати еден од оние погледи „ти кажав!“. Истата таа била многу пати повредувана, што од нечија немарност, што од злоба. Тоа што била мека по карактер и’ донело ситуации од кои се нашла отпосле во депресија или си заработила психички лузни од кои тешко се опоравувала. И сме правеле муабет милион пати баш за тие ситуации и колку се исплати да се биде човечен со нелуѓе. За разлика од мене (јас се пенавам и жолчно се расправам на темата, иако иста сорта сум), таа секогаш со една кроткост во гласот и погледот ми велела “Ама Ана, мене ми е убаво кога сум тука дури и за оние кои не заслужиле, убаво ми е кога им помагам. Не се каам за ништо, колку и да ми било тешко или да сум била злоупотребена”. Ете, тоа е тој избор кој таа го има направено, оти се’ што би било поинаку би ја направило понесреќна од што била кога била повредувана.
Да се биде човек и човечен во време кога има изместени вредности е тешко и многумина ќе речат оти е неисплатливо.
Да се биде, но и да се остане човек во време во кое повеќе се цени материјалното отколку она што го носиме во душата, е херојство.
Да се биде човеккога имаме се’ повеќе нелуѓе околу нас и да се обидуваме да видиме сепак нешто добро и убаво кај грдите (по душа) луѓе е тежок, ужасно тежок избор.
За среќа, има многу меѓу нас за кои тоа е единствениот избор кој доаѓа предвид. Ете, заради таквите се’ уште имам верба дека сепакнекако ќе успееме во овој суров свет да видиме дека минливите нешта не смеат да ни бидат императив. Парата се арчи, славата минува, денес сте горе а утре долу (како на ролер костер кој ве носи угоре до врвот, за потоа стрмоглаво да ве тресне удолу), ама ако ви е душата чиста и добра, тогаш сметајте се себеси за среќни луѓе. Впрочем, ќе не’ паметат само по делата и никако поинаку.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат дека од арен до будала
Многу малку има
Толку малку што линијата е како конец
Кој лесно можи да се скини
Исто ко онаа која е меѓу тивко езеро и небо
Та не знаеш дали небото во водата се огледува
Или водата небо станала
Ете така велат старите
Дека арен чоек лесно будала станува
И дека можиш мајтап со него да играш
На душата да му газиш
На наивноста да му плукниш
И грбот да го завртиш
Без појќе на него да помислиш
Од арен до будала малку имало
Толку малку што било скоро исто
А мене
Мене некако тажно ми иди
Оти јас знам
Ете и по себе си знам
Оти арниот чоек знај кога станува будала
И кога конецот сам го кини
Оти поинаку не умеј
Оти проколнат е да верува
И убото во луѓето да го бара
Ете
Арните луѓе сами знаат будали да се сторат
И да те гледаат со очи полни верба
Дека ќе знаеш да ги зачуваш
И од бол да ги сочуваш
Дека ќе знаеш оти арното во нив
Е како градина полна цвеќе
Во која не се влегува за да газиш по неа
Ниту е одаја чиста
Во која со чевли полни кал ќе изгазиш
Оти душата нивна не знај на кантар да клава
Ниту за ситни парички да се продава
Оти арните луѓе љубат без да мислат
Како кожичката да си ја сочуваат
И срцето да не си го распукаат
Ете тие
Тие арните
Тие кога будали стануваат
Никого не окривуваат
Туку ко кутриња после во дувло се кријат
И сами раните си ги лижат
И ноќи неспани минуваат
А во ноќите јадови ко богата вечера вкусуваат
И горчливи солзи голтаат
Ко некој скапо вино што пие
Тенка е линијата
Многу тенка е таа линија
Која од арниот чоек будала прави
И не оти учат пустите
Не научуваат нелуѓе да бидат
Оти на сета будалаштина
Која во себе ја носат
Душата разресена им е
Ама чиста останува
Како детска солза пролеана
Како млеко од млада мајка
Како вода изворска
И повторно арно-будали ќе бидат
Оти такви се
Оти такви сте
Оти таква сум
фото: freepik.com