„Секое внимание не е љубов и наклонетост. Така се станува жртва“: Психолог м-р Дора Попова Узуновски за семејното насилство

Добивај вести на Viber

За среќа денес, за разлика од минатото се‘ почесто се зборува за насилството врз жените и девојчињата. И можеби токму големиот број на кампањи, обуки, трибини се причина за да се освестат жените да соберат сила и храброст и да кажат стоп за насилството. Редовно се зборува, се апелира да се зголеми свесноста на општеството за оваа голема и многу горчлива проблематика, која за жал кај нас е честа. Бројките на жртви секоја година е висока, а она кое е можеби и најважно е што да прави жената коja трпела семејно насилство откако ќе го напушти насилникот. Токму на оваа тема зборуваме со психолог м-р Дора Попова Узуновски, се осврнавме и на тоа, што можеби е и најбитно кај жената која била жртва, за нејзиното ментално здравје и јакнење на нејзината самодоверба откако ќе се ослободи од канџите на насилникот.

* Што може да доведе до насилство врз жената од страна на мажот?

- Насилството е сложен феномен и често е резултат на повеќе фактори кои во личноста креирале необработена агресија која излегува на антисоцијален, непожелен и болен начин. Болен е бидејќи излегува од разболениот дел на човекот, а колку овој дел е пометастазиран, толку повеќе здравиот дел не може да излезе на површина и да одлучува. Со тоа ја разболува и другата личност, но колку и да не ни се допаѓа, исто така мораме да кажеме дека постои проблем и кај личноста која несвесно бира ваков партнер. На улогата агресор секогаш му треба улога на жртва. Се разбира, не е ова 100% правило, бидејќи се случува да биде се‘ во ред цели 10-15 години од врската или бракот и потоа под одредени околности, човекот да се "изгуби" себе и да ги шокира сите околу него со своето однесување. Кај мажите кои се склони кон насилство, тоа обично се поврзува со: искусена траума, односно необработени детски искуства, честопати со насилство или занемарување. Голем дел од луѓето кои се склони да произведат насилство од себе, исто така биле изложени на насилство. Тоа води до емоционална незрелост и неможност за изразување и канализирање на емоции како бес, фрустрација или несигурност на здрав начин, бидејќи тоа никогаш не било научено. Не може да очекувате од некој кој е тепан со каиш да изрази емоции на здрав начин. Тоа дете останува збунето и анксиозно, не му е јасно ништо што се случува околу него. Таа енергија останува заклучена и складирана во него и го чека тригерот да експлодира. Директното насилство не е секогаш резултат. Има луѓе кои тоа и против себе би го свртеле или на било кој друг начин кон околината. Сето ова често е водено од обрасци како желбата за доминација и контрола, понекогаш поттикната од патријархални вредности и верувањето дека ќотекот е од рајот излезен и дека дава позитивни резултати.

Ги имаме и социјалните фактори како притисок од околината, економска нестабилност или влијанието на токсична култура на мажественост. 

* Како се одразува трпењето насилство врз жените и децата?

- Како што веќе споменав погоре, многу е важно да се објасни изборот на таков партнер. Често тоа се жени кои веќе имаат познат образец на насилство од примарното семејство. Или биле жртва на насилство како девојчиња од страна на родителите или сведочеле на насилство меѓу родителите. На тој начин насилството станува дефиниција за љубовта. Многу жени кои се жртви на насилство, веруваат дека тоа така треба да биде, прво поради пораките кои се примени од дома. Насилството се доживува како нешто сосема нормално. Потоа, откако долготрајното трпење насилство ќе доведе до сериозни последици како: ниска самодоверба, чувство на беспомошност, депресија и анксиозност, посттрауматски стрес и физички здравствени проблеми, на жртвите не им е ниту целосно јасно зошто е нарушено нивното ментално здравје. Ставот им е дека бракот или врската им се сосема "нормални". Еден од проблемите во испливувањето на свесноста е првото доживување на чувства на срам и вина. Тогаш жртвата се обидува да го оправда насилникот и да објасни зошто го "заслужила тоа". Но нејзиното верување дека го заслужила доаѓа сигурно од изветоперениот став кон самата себе за нормалноста на нештото. Што се однесува до децата, постои зголемен ризик од емоционални проблеми како анксиозност или агресија кои во иднина ќе ја произведат тие самите. Тоа е магичниот круг на насилството. Но може да се случи и обратното сценарио. Во потрагата по љубов, да останат кревки, без здрави развиени граници на егото и да развијат хипер-емпатија кон светот. На тој начин би биле злоупотребени, бидејќи во барањето на љубов, лесно би се ставиле во рацете на било кој и би ја дале довербата на секој кој ќе им даде трошка внимание. Но, секое внимание не е љубов и наклонетост. Така се станува жртва.

* Што потоа, кога жртвата ќе го напушти насилникот?

- Ова е критичен момент, бидејќи жртвите се склони да се вратат кај насилникот. Таа веднаш треба да побара професионална помош, терапија за обработка на траумата и градење на самодовербата. Потоа да создаде безбедна средина, односно да пронајде стабилно живеалиште и да создаде финансиска независност. Сето ова може да биде долг и комплексен процес, во зависност од тоа колку поддршка недостасува. Жртвите не можат сами, а државниот систем се‘ уште изостанува во поддршката. Исто така ако недостасува емоционална поддршка од семејството, важно е да ја побара на друго безбедно место како разговори со блиски пријатели или групи за поддршка. Да продолжи многу активно со работа на себе како учество во активности кои поттикнуваат личен раст, обука или хоби. Потребен е целосен ремонт на личниот живот и идентитет. Посебно на идентитетот, бидејќи идентитетот е тоа што ние веруваме дека сме, а ова верување го креира нашиот живот. 

* Колку е важна поддршката од најблиските?

- Поддршката од блиските е клучна, бидејќи обезбедува емоционална стабилност. Ја намалува анксиозноста, срамот и вината. Жртвата чувствува дека не е сама и дека има каде да се обрати. Но веќе рековме, дека ова често не се случува. Потребна е психо-едукација на целата околина, а посебно во руралните делови, бидејќи таму е позачестена оваа појава. Важна е и практична помош во форма на финансиска поддршка, грижа за децата или помош со животни организациски аспекти. Континуирана мотивација на жртвата е исто така важна. Слушањето на охрабрувачки зборови од блиските им помага на жртвите да ги продолжат со чекори кон исцелување. 

*  Првите чекори за ментално здравје по напуштањето на насилникот?

- Најпрво е многу важно да се препознае и признае траумата. Потоа работиме на излегувањето од улогата на жртва и преземање на лична одговорност за себе и животот. Тоа вклучува задолжително излегување од чувствата на вина. Се‘ додека некој живее во чувствата на вина, не може да излезе од улогата на жртва. Вината е доживување кое поттикнува само-осуда. Осудата кон себе ја става личноста во една пасивна позиција на чекање казна. Тоа е агресија насочена кон себе. Со агресија насочена кон себе, не можам да очекувам љубов и емпатија. Одговорноста значи поставување граници, односно сила и подготвеност да го исклучам насилникот од животот. Исто така вклучува само-грижа и нега кон себе. Сето ова започнува од предизвикување на телесни сензации како топла купка, добар сон, читање добра книга, слушање добра музика, посетување на пријатни настани, здрава исхрана и физичка активност за враќање на телото и умот во баланс.

Ова е важно бидејќи ја неутрализира траумата на телото, а со тоа и психичката траума. После одиме кон подлабока работа на себе. 

* Како да се надмине чувството на вина?

- Важно е да се постигне разбирање дека вината е голтната и инторектирана. Само-осудата е потребно да се замени со прошка кон себе за тоа што така се знаело и умеело во дадениот момент. Потребна е и прошка кон примарното семејство. Прошката ослободува, осудата не‘ чува заробени. Заглавеноста во осудата генерира само повеќе гнев. Прошката ја создава љубовта кон себе. Со тоа се освестува личната вредност и се работи на самодовербата.

* Како децата од дисфункционални семејства да растат здрави и стабилни?

- Искрено тоа е многу тешко, но не е невозможно. Тешко е бидејќи интернализацијата од семејството детето не ја бира тоа е целосно несвесен процес. Но, сепак на крајот на краиштата, одлуката за тоа каков ќе бидам во животот ја имам само јас и никој друг. Денес играм една улога во театарот на реалноста, но утре можам да одлучам и да ја сменам таа улога. Сепак, важно е децата да бидат изложени на некој здрав пример за здраво однесување. Жртвата, како родител, потребно е да научи многу трпение и разбирање. Децата треба да се едуцираат за своите емоции, односно да научат да ги препознаваат и да ги изразуваат во безбедна средина. Ова посебно е важно за негативните емоции како гневот. Така ќе се обезбеди канал кој нема да биде деструктивен и нема да се прошири кон насилство во иднина. Професионалната поддршка во форма на терапија за деца кои биле сведоци на насилство е посебно значајна за и тие да се ослободат од вината и тагата.

Работата со жртви на насилство е навистина предизвикувачка, но и благодарна. Со вистинската поддршка, жртвите и нивните деца можат да изградат нова иднина исполнета со љубов.


Наталија Миланова