ТАА Е...МАРТА ПЕЈОСКА! “СЕКОЈА ЕДНА ЛИЧНОСТ КОЈА СЕ ПРЕПОЗНАВА ВО МОЈОТ НАКИТ, Е ЛИЧНОСТА КОЈА ГО НОСИ МОЈОТ НАКИТ”

Добивај вести на Viber

Си ветив дека следното мое одење во Охрид, ќе се сретнам со Марта за да ја почувствувам одблиску нејзината раскажувачка топлина, искреноста и кроткоста која провејува низ ова интервју. Си ветив празник за очите со нејзиниот накит и филигран, впивање на езерото од еден сосем поинаков агол, си ветив спокој. Марта е толку скромна во својот збор што неколкупати се навраќав на нејзините одговори во кои најдов неколку многу точни дефиниции за тоа како говори човек кој е (како што вели таа) “свој на своето”. 

 Верувам дека ќе ве освои со тоа што има да го каже, но и со убоста која и’ извира од прстите. Затоа, нема да должам и ќе ве оставам да ја засакате (на невидено, токму како што тоа ми се случи и мене). 

 Ladies and gentlemen… МАРТА ПЕЈОСКА

СМРТТА НА ТВОЈОТ ТАТКО (ПОЗНАТИОТ НАШ УМЕТНИК ЖИВКО ПЕЈОСКИ) БЕШЕ МОМЕНТ КОГА МНОГУ ПЛАНОВИ И ЗАЦРТАНИ ПАТИШТА ДОБИЈА СОСЕМ НОВ ТЕК. КОИ ТИ БЕА ДОТОГАШНИТЕ ПЛАНОВИ ЗА ИДНИНАТА И КОЛКУ РЕЗОВИ НАПРАВИ ЗА ДА СИ ОВА ШТО СИ ДЕНЕС?

Не, Ана. Целиот мој живот како да застана и го изгуби текот. Кога животот ќе ве удри,онака како што не сте ни помислувале, и те како се освестувате и почнувате поинаку да гледате на нештата.Плановите ми беа розови, нормални и стереотипни и сосема различни од планот што Универзумот го имал за мене.Резови. Благодарна сум Ана, на секој еден крик на моето тело и на секое едно виткање намојот ум. Животот ми се дисекцира целосно, односно јас бев таа со скалперот. Кога ќе се сретнете со загуба, почнувате да гледате од што сте направени, ги осознавате сопствените прагови и се соочувате, со сите заспани делови и посебно со самотијата на битието. Станав спектатор на сопствениот живот, под водство на родителското програмирање. После следеше ослободувањето. Многу нешта отворив, па низ болката научив, а морав и да прифаќам, посебно индивидуалноста, наспроти наметнатиот колективен конформизам кој сите ние треба да го живееме, за денеска да го живеам животот со полни гради. 

КОГА ИСКОМУНИЦИРАВМЕ ПРВИОТ ПАТ МИ КАЖА ДЕКА СИ НА ПЛАНИНА. ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН ПЛАНИНАРЕЊЕТО И КАКО СЕ НАДОПОЛНУВА СО ЕДРЕЊЕТО, КОЕ ТИ Е ГОЛЕМА СТРАСТ?

Планината и водата т.е. езерото се моето секојдневие. Родена сум и растена во Охрид, каде што и моментално живеам (континуирано последниве 10 години). Мојот утрински кадар се Галичица и езерото. Доволно моќна поетска слика на едно детство, врз која ми се темели животот денес. Моите родители беа авантуристи и уште од најмала возраст се потрудија да изградат однос кај нивните деца со непосредното опкружување, планината и водата. Одењето на планина беше станало толку нормално, што кога не бевме напланина ни беше чудно. Од друга страна пак, татко ми беше и едриличар и пред многу години ја изгради и нашата приватна едрилица, преку која осознавањето на езерото беше мошне поинакво. Тој многу често знаеше да рече “не биди пасивен набљудувач на животот.” И сé уште си се потсетувам на тоа. Денеска, поривот за авантура совршено се надополнува со мојот љубопитен и цврст карактер, чиј што баланс си го наоѓа помеѓу бивање внатре - на работа, и надвор - во природа.

КАДЕ СЕ СПОЈУВААТ АРХИТЕКТУРАТА СО ФИЛИГРАНОТ И КОЛКУ СЕ ДЕЛ ОД ТВОЕТО “ЦЕЛО”?

Архитектурата и филигранот од една страна, планината и водата од друга страна, односно моите “внатре” и “надвор”, кои се дел од целото, се спојуваат во мене (се смее). Архитектурата и едрењето како култура на живеење. Филигранот и современоста како образец на изразување. 

ФИЛИГРАНОТ ЗА МЕНЕ ИМА ГОЛЕМА МАГИЈА ВО ИЗРАБОТКАТА. ОСТАВАШ ДА ТЕ ВОДИ МОМЕНТАЛНАТА ИНСПИРАЦИЈА ПРИ ИЗРАБОТКАТА ИЛИ ИМАШ ЗАМИСЛА КАКО САКАШ ДА ИЗГЛЕДА ФИНАЛНИОТ ПРОИЗВОД?

Моменталната инспирација прво морам да ја видам на хартија. Но, во случај кога се работи за нешто покомплексно и повозбудливо (за кое немам време т.е. трпение да седам и да го развивам низ цртеж) правам 3Д скица од друг материјал, колку само да “го видам” и директно почнувам да го работам во сребро. Најчесто, имам замисла како треба да изгледа крајниот производ, почнувам од таму, за да на крај испадне нешто сосема друго односно тоа што треба (се смее).

КАКО ЖЕНА КОЈА НЕ НОСИ НАКИТ НО ЉУБИ ДА ГО ГЛЕДА И ВО ИЗЛОГ И НА ЛУЃЕ, ОДАМНА СФАТИВ ДЕКА “ШМЕКОТ” НА НАКИТОТ НЕ ЛЕЖИ ВО НЕГОВАТА ГОЛЕМИНА ИЛИ ДАЛИ ЌЕ СВЕТКА, ТУКУ ТОКМУ ВО ПОТЕНЦИРАЊЕ НА ЛИЧНОСТА НА ТОЈ ШТО ГО НОСИ. КОЛКУ ТИ РАБОТИ ИНТУИТИВНОСТА ЗА ДА ЈА НАМИРИСАШ ЛИЧНОСТА ЗА КОЈА ТРЕБА ДА КРЕИРАШ СПЕЦИФИЧНО ПАРЧЕ?

Не само што мора да ми работи, туку на неа се потпирам целосно. Така што мошне голема е одговорноста што ја носам во себеси, посебно кога конципирам парче за личност која што не знае да изрази што сака. Често се случува првичната замисла да се разликува од крајниот производ. Најчесто одвојувам малку време, да си поприкажеме со личноста во однос на нејзините перференци и до крај на средбата веќе имам идеја што треба да работам. Кога секојдневно се среќавате со најразлични профили и карактери на луѓе, со тек на време учите да читате и препознавате. 

НЕ ПРИЗНАВАМ ОГРАНИЧУВАЊА ВО УМЕТНОСТА, КОЈА МОРА ДА Е ХРАБРА, НА МОМЕНТИ И ДРСКА ЗА ДА ОТВОРИ НОВ ПОГЛЕД НА СВЕТОТ ВО КОЈ ЖИВЕЕМЕ. ТВОЈОТ НАКИТ Е СÉ, САМО НЕ ОБИЧЕН. НА КАКВИ ЖИВОТНИ ЛЕКЦИИ ТЕ НАУЧИ КРШЕЊЕТО НА “ПРАВИЛАТА” ПРИ ИЗРАБОТКАТА НА НАКИТОТ?

Мислам дека првата, сериозна, лекција по архитектура (приеменета и во животот) ми беше Недовршениот манифест за раст, на Брус Мау. Сé уште го имам, изложен на зид, над мојата работна маса. Филигранскиот занает е технички мошне специфичен. со одредени правила. Но, токму тука во нив, го наоѓам просторот за промена, скршнување и иновација. Како велат, мора да ги знаеш правилата наизуст, за да можеш да ги прекршиш. Убавината за мене, во занаетот кој го работам, е што ми дозволува да импровизирам. Најчесто со алатот, потоа со техниката, и на крај со изгледот на парчето. Се случува, да немам некој конкретен алат, да не знам како технички да изведам нешто. Токму во тие моменти, почнува да ми работи моето “mojo”, и да размислувам како да се снајдам. Тоа снаоѓање е импровизација врз основа на правила, или интуитивност која доаѓа од ослободеноста на духот и желбата да се биде бунтивник односно да се кршат правилата - што ме носи до измислување ново парче алат, до нов технички начин за изведба и на крај до ново парче накит, кое до тогаш сум мислела дека не можам да го направам. Сфаќам дека и во животот чекорам така. Кога потребата за нешто што сакам е голема, нема не може или не знам како, или... има само ќе најдам начин, ќе го направам – само така се менува (расте) личниот контекст, а со тоа и колективниот, нели?! Од пример, со пример (се смее).

КОЛКУ ГО ИМА ОХРИД И ЕЗЕРОТО ВО СЕКОЈ ТВОЈ УНИКАТЕН ДИЗАЈН?

И долж и попреку и напред и назад. И физички и ментално и интуитивно и секако. 107% (се смее). 

ИМАШ ЛИ НЕКОЈ ИДОЛ ИЛИ ПРИМЕР МЕЃУ ФИЛИГРАНЏИИТЕ, НЕКОЈ/А ОД КОЈ/А ДУШАТА И ТЕБЕ ТИ ЗАТРЕПЕРУВА ИЛИ ДА СИ КАЖЕШ “ЕХ, КОЛКУ БИ САКАЛА ОВА ДА БЕШЕ МОЕ ДЕЛО”?

Да, секако, тоа е чинам многу нормално. Дизајнерското (човечкото) его е мошне интересна работа. Кога некое парче така ќе ме “вознемири”, веднаш подзастанувам и си помислувам, штом реагирам на парчето, значи некоја моја мисла и негова се доближале, тука сме негде, а тој имал повеќе време и порив од мене, и седнал да го сработи. Значи, време е јас да продолжам со нешто друго, што доаѓа после тоа. Но, она што повеќе ме возбудува е кога ќе посакам јас да носам парче накит од друг дизајнер. Како на пример, брошевите птици на Софија Филигранска, обетките на Брума, пин или прстен на Добро ми стои, ѓердан од Bau, тубуларен ѓердан на Креација и сл...

ДАЛИ ИМАШ СОЗНАНИЕ КОЛКУ МЛАДИТЕ ИМААТ СТРАСТ ДА ГО НАУЧАТ ФИЛИГРАНСКИОТ ЗАНАЕТ КОЈ БАРА НЕ САМО ТЕХНИКА, ТУКУ И НУРНУВАЊЕ ВО СЕБЕ, ИСТРАЖУВАЊЕ ВО СЕБЕ, ОСТАВАЊЕ ИМАГИНАЦИЈАТА ДА ТЕ ПРЕПЛАВИ?

Последнава декада, па и повеќе, има експанзија во интересот кај луѓето за филигранскиот занает. Нескромно ќе кажам дека првите една, две генерации (пред 20-30 год) кои почнавме наново да го работиме филигранот (оти беше на раб на изумирање), сепак успеавме и да го популаризираме и да го вратиме, на голема врата (се смее). Интересот е забележителен не само кај младите, туку и кај повозрасните, што е за восхит. Луѓето си бараат медиуми преку кои ќе ја изразат сопствената креативност. Филигранскиот занает е еден од помакотрпните додека се совлада, но, и е еден од најблагородните, ако се прашувам јас (се смее). 

“ВО СИНИЛО ТЕ НАМАМИВ”, “СКРИЕНОТО, ЧУДЕСНО”, ”ВОДА”...ДУРИ И ОД НАСЛОВИТЕ МИ ДОАЃА НО НОЗДРИТЕ МИРИСОТ НА ОХРИД И ЕЗЕРОТО, СПОКОЈОТ КОЈ МИ Е ИЉАЧ ОД ВРВУЛИЦАТА ВО СКОПЈЕ. ШТО Е ВОДАТА ЗА ТЕБЕ, СИНОНИМ ЗА ШТО?

Непокор. Слобода. Храброст. Индивидуалност. Своја на своето. Мир.

ДАЛИ НЕКОГАШ ТИ СЕ СЛУЧУВАЛО ДА СЕ РАЗБУДИШ СО ВЕЌЕ ОТСОНУВАН ДИЗАЈН ЗА ПРСТЕН ИЛИ ЃЕРДАН ИЛИ ДА ТЕ ИЗМАЧУВА НЕШТО ШТО ТИ Е ВРЕЖАНО ВО ПОТСВЕСТА, НО МУ ТРЕБА ВРЕМЕ ДОДЕКА НЕ ИЗЛЕЗЕ НИЗ ПРСТИТЕ?

Да. Затоа до креветот, посебно кога сум во креативен процес, имам дефтер и молив. Доколку немам хартија при рака, и зидот знае да заврши работа, само да не ја заборавам идејата, кога се будам сред ноќ. Исто така, и планинарскиот ранец во еден џеб секогаш има хартија и молив. Најчесто во “најтешкото нагоре”, ми текнуваат работите. Тогаш ги решавам техничките проблеми - или само си имам најдено добар дефокус за умот, за телото да продолжи да оди, а мозокот постојано да не му зборува, застани, не можеш повеќе, врати се (хахаха). А што се однесува до излегувањето низ прстите, тоа е посебна приказна. Знае да ме мачи некоја идеја долго, сериозно долго, но, јас научив да не придавам многу значење на тоа. Едноставно имам трпение и чекам, додека идејата си се сработи некаде во мозкот и е спремна да излезе. Но, си имам најдено и начин како да и направам притисок кога сум веќе кратка со време (хахаха). Многу нешта научив со мојава работа последниве 20 години. Трпението е една од нив (се смее). Но, кога ќе реши идејата да излезе на хартија, е, тоа е нешто необјасниво. Magic. 

КОЈА И КАКВА Е ЖЕНАТА КОЈА ГО НОСИ ТВОЈОТ НАКИТ?

Секоја една личност која се препознава во мојот накит, е личноста која го носи мојот накит. Не сакам многу етикетирање односно дескриптивно ограничување дека личноста мора да биде ваква или таква, а не онаква, за да го носи мојот накит. Не. Понекогаш се случува некои парчиња накит и да не се на продажба, сé додека не се појави вистинскиот носител. Понекогаш парчето накит и носителот взаемно си се одбираат, јас немам никаква врска со тоа (се смее). Носителите на мојот накит, напати се луѓе кои препознаваат нешто од себе во моите дела, во мојата работа, се поистоветуваат со дизајнот, приказната, носат иста или слична поетика во душата. Напати се луѓе кои имаат интимент момент со уметноста и уникатноста, синергија со водата, планината односно со слободата, широчините, убавината и индивидуалноста на битието. 

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА ГО СПОДЕЛИШ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Охх, сигурно има Ана, но, мислам дека доволно се расприкажавме (се смее).

Драга Марта, ми беше чест и задоволство нашето расприкажување. Овие стихови некако ме потсетија на тоа што го создаваш....од љубов и со љубов.

Дума-бисер да имаш

И од сите ѓердан да навезиш

Та вратот да ти болскоти

И колку потежок е

Толку полесно глата горе ќе ја држиш

И на секој еден

Кој намуртен низ животот оди

По еден бисер бел да извадиш

И со насмев во очите да го подариш

Без да сакаш за возврат убост да добиеш

Без кусур на туѓите лоши мисли да фаќаш

Оти убајте луѓе

Тие, бисер и во себе носат

И белина душите им ги краси

Оти ѓерданост од думи светли

Сам им се полни

И страдни не се за срце чисто

Дума-љубов

Дума-бисербел

Дума-светлина.


Фото: Нина Ангелоска, Неслихан Сулејман