Броња Жакељ: Во романот „Бело се пере на деведесет“ ги преточив своите најдлабоки чувства

Добивај вести на Viber

Во присуство на амбасадорот на Република Словенија во Скопје, Милан Предан, книжевници и читатели, вчеравечер (20 септември), во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, беше промовиран наградуваниот роман „Бело се пере на деведесет“ од словенечката авторка Броња Жакељ. Книгата, која е во издание „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е дел од едицијата „Литера модерна“. Објавувањето на книгата е поддржано од книжевната мрежа ТРАДУКИ. Романот го освои најголемото книжевно признание во Словенија, наградата „Кресник“ за 2019 година. Оттогаш продадени се речиси 20 илјади примероци, а книгата доживува и многу преводи на странски јазици.

Броња Жакељ по професија е новинарка, која извесно време работи во секторот маркетинг, а сега е со ангажман во банкарството. Затоа што работата не ѝ нуди многу креативен простор, а љубовта за пишувањето никогаш не ја напуштила, решила да го напише својот прв роман, кој ѝ го пробива патот во светот на книжевноста.
– Почнав да пишувам, пред сè, затоа што сакав да создадам некаква книжевна форма, да избегам од светот на бројките и математиката (бидејќи се занимавам со банкарство). Сакав да ја раскажам оваа приказна, не очекувајќи дека ќе напишам роман. Имав потреба да ги преточам своите најдлабоки чувства во книжевна форма. Со текот на времето сфатив дека мојот запис почнува да личи на роман. Во првата фаза на пишувањето имав чувство на убаво, полезно и добро. Тоа некако навестуваше дека чувството ќе се повтори и при пишување на следно дело. Процесот на творење и пишување те води кон пишување нешто ново. Но, многу е тешко по првиот роман да напишеш втор. Следната книга нема да биде автобиографска (со оглед на тоа што првата беше), но и да се работи за фикција, ќе внесам вистински факти. Не се оставив во овој период без пишување. Сега пишувам сценарио за долгометражен филм базиран на романот „Бело се пере на деведесет“. Не чувствувам некој притисок да објавам нова книга, ако некој тоа го бара од мене, тогаш тоа е издавачката куќа во Словенија, која го објави мојот прв роман... Никој не пишува само за добри критики и нема автор кој може да им се допадне на сите. Но, ете до мене не стигнаа негативни критики за мојот роман. Можеби, тие околу мене ме поштедиле (заради мојот животен пат), па не ми ги споделуваа лошите коментари, само добрите. Некако како низ ракавици доаѓаа до мене рецензиите – изјави Жакељ.

На промоцијата, покрај авторката, кон книгата се осврнаа и уредничка на книгата, Бисера Бендевска, и преведувачот на романот од словенечки јазик – Дарко Спасов.
– Свесна за тегобноста на својата приказна, Броња Жакељ употребува мноштво книжевни зачини за да го разблажи вкусот на добронамерникот што навратил во нејзината приказна. Првиот зачин е токму наросен во насловот, кој звучи интригантно и лесно, речиси шеговито, зашто денес никој не пере на деведесет степени, колку поради економизација на трошоците за електрична енергија, толку и поради немање трпеливост да се чека толку долга програма, а веројатно и затоа што новите машини за перење наскоро би ја изоставиле таа можност поради претходно наведените причини. Но, кога на сунѓерест мозок на мало дете кое сè уште не стигнало до лекцијата „смрт“ во животот, ќе му се пренесе една домаќинска аксиома во таков заден час, неслучајно споменот ќе добие и сопствен наслов и сопствен роман... Кулминацијата се случува во моментот кога „судбината“ се повторува како да е наследна. Кога нашата протагонистка, веќе возрасна жена, влегува во костец со болеста од која ја загуби својата мајка. Романот е податлив за читање во сите насоки, а ова е само еден од мноштвото пристапи до јадрото на приказната. Свесни дека станува збор за автобиографска проза, треба да бидеме внимателни пред да ѝ дозволиме на мачнината да нè обземе целосно. Уште на втората страница, авторката ни остава забелешка дека романот се заснова на факти што ѝ се случиле, но дека раскажувањето е литераризирано и дека, црпејќи од сеќавањата, прикажаното не е нужно точен одраз на реалните факти и настани – истакна Бендевска.


Дарко Спасов изјави дека бил воодушевен од романот уште при прво читање и посакал да го сподели убавото чувство и со другите читатели кај нас. Затоа ѝ го препорачал на издавачката куќа „Арс Ламина“ да го публикува на македонски јазик.
– Во моментов има хиперпродукција на романи во Словенија. Словенците многу пишуваат, и тоа создаваат многу необични дела. Не познавам книжевен свет во кој има толку „блесави“ текстови. Тие се многу опуштени и имаат голем нагон да раскажуваат приказни. Еден читател не може да го совлада тој свет, кој е вистинско богатство. Кога во тој голем книжевен опус на нови изданија, една книга ќе ја добие најпрестижната награда – тоа многу значи. Неслучајно „Бело се пере на деведесет“ на Броња Жакељ ја доби престижната наградата „Кресник“. Книгата воодушевува со својата тензичност и страст. Најсилното чувство што се забележува во романот е нагонот за живот! Кога ја прочитав книгата по првпат, уживав со сите сетила и имав потреба да го споделам тоа убаво чувство со сите околу мене. Затоа и предложив книгата да се преведе и на македонски. Таа е со слободен дух... Во книгата има крв, коски и мајчино млеко! – рече Спасов.


„Бело се пере на деведесет“ е шокантен, духовит и инспиративен роман, што ја бележи животната приказна на нараторката, која во прво лице раскажува за своето детство во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, па сè до денес. Во нејзините живи спомени на детските денови има врволица од луѓе, роднини и пријатели и богат социјален живот, што повеќепати нескриено и со носталгија таа ги поврзува со животот во рамките на поранешната република, кога се организирале групни летувања, колективни зимски екскурзии и кога луѓето главно биле безгрижни. Но, покрај тоа што овој роман во основата е наратив за растењето, истовремено е и соочување со загубите и со болеста и го доловува напорот за припитомување на стравот и на сето она што не сакаме да го видиме додека не се соочиме со него неминовно.

Броња Жакељ (1969) е дипломирана новинарка по образование. Нејзината радост заради пишувањето останува некаде меѓу страниците на списанијата и во редакциите на дневните весници, па својот прв професионален ангажман ѝ е во секторот маркетинг, а денес работи во секторот банкарство. Со оглед на тоа што во финансиите нема многу креативност, а нејзината љубов кон пишувањето никогаш не ја напушти целосно, одлучува да го напише својот прв роман, „Бело се пере на деведесет“, за кој ја добива престижната книжевна награда „Кресник“.

Жакељ, која живее и работи во Словенија, деновиве престојуваше во Скопје, како гостинка на јубилејното 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Книгата „Бело се пере на деведесет“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

*пр објава