Будалите немаат рогови
Чекај, чекај, чекај…. Ме зезаш…. Полуматура во Мериот!?…
Да!, во Мериот…Не те зезам. Ич не те зезам.
Не е можно. Да не си разбрала погрешно!? ... и велам на другарка ми, која работи во државна служба, кај што има околу триста-петсто, милион…, вработени и кај што секој ден среќава луѓе “со рогови и без рогови“.
Јас откако отворив цвеќарница и откако почнав да си пишувам колумни од дома и да си работам репортажи како “фри ленс“, немам веќе таква “привилегија да сретнувам разно-разни “ојлевци и дојлевци“.
Точно е тоа дека “железни опинци искинав“, додека го совладав цвеќарскиот занает, додека ги научив тоа латинските имиња на цвеќињата, додека научив кое како се полева, кое колку светлина сака, кое на јужна страна, а кое на северна.
Точно е и тоа дека појма немав како се прави ни венец за свадба, ни бидермаер, ниту пак аранжман во кутија, во облик на срце со вино и линдор чоколади.
Ништо не знаев.
Ко од Марс бев падната, кога требаше да најдам дуќан, да регистрирам фирма, да најдам книговодител, банка, вработени… Па да опремам дуќан, па да ги купам сите тиа машни, кутии, корпи, ножици, целофани, кофи, вазни, стикери, силиконски пиштоли и уште мал милион детаљи кои ти требаат кога отвараш цвеќарница.
Се согласувам не е сево ова “кванта физика“, ама ич па не е ни заебанција. И семкарница да отвараш па ти треба мајсторија.
И се ти е тоа мачка у вреќа. Ќе ги вложиш сите пари кој вака-така-некако си ги стуткал на страна за “дај Боже и не дај Боже, ќе позајмиш уште некој динар, на крај и мајка ти ќе ти даде од тие од плакар, што се чуваат под пешкирите, најодоздола и за кој сто пати претходно ти вика, “ако ми се случи нешто да знаеш дека парите се овде“.
Добро мамо сто пати до сега си ми кажала.
Добро де пак да ти кажам, да не си заборвила.
Се ова ќе го направиш, ќе се откорнеш од петни жили, со тоа книговодителите, банкарите, адвокатите за регистрации и подрегистрации, фирмарини и уште безброј други нешта со кои државата ќе ти ги земе сите пари и од картица и од новчаник, за на крај да го отвориш дуќанот, без скршена пара и да се помолиш на Бога, да ти фрли мајка ти вода првиот ден кога ќе тргнеш во својот бизнис, Поп да дојде да очати, за и него да му дадеш иљадарка за една црковна нумера и да застанеш среде дуќан сам со себе и со вработениот кој појма немаш ни каков е тој, ниту пак тој, или таа знае каква си ти.
Застануваш така со полунасолзени очи, што од страв од непознатото, што од радост дека ја истера оваа приказна до крај, кој е всушност почеток. Нов почеток за кој што не знаеш дали ќе успееш, или нема да успееш.
И тргаш. Секој ден ја цедиш својата “машина“ до даска за да успееш.
И не е тоа “да успееш“ за да правиш милиони. Не! Тоа “да успееш“ е за да си докажеш себе си и само себе си дека си кадарен да му се фајташ на животот.
И не само тоа, туку и поради тоа што некаде во чипот таму кај вратот, во малиот мозок, каде што се складираат мемориите од минатотот и од детството, ти стои “оче наш“ од мајка ти и татко ти, односно десетте семејни заповеди дека ако си позајмил пари, треба да ги вратиш и дека се што ќе почнеш, сеедно колку е тоа комплицирано, тешко и непознато, можеш да го совладаш ако доволно се трудиш и ако работиш.
Е сега вака “господа Мериот“, кој не знам ни кој сте ни што сте, ни од каде сте, ниту од кај ви се парите, нит што имате вие складирано во вашиот чип, таму долу во вратото под малиот мозок и не знам колку сте улави, а колку јас улава, “застарена“ и можеби фрустрирана, што до сега во Мериот ни на ручек не сум била, па ви љубоморам, бидејки вие, а особено вашите деца, таа привилегија ја имаат на три-четрнаесет години.
Ја на тие години, бришев прашина дома, прво со мокра крпа, па со сува, па со политура.
Политура, имаше и со пумпица на прскање и онаа само со капаче, па кога ставаш на комодата, или на масичката, која треба да ја пребришеш, треба да внимаваш да не ти се оттури отпојке, бидејки скапа беше и не смееше да оди “фира“.
Друго на што се сеќавам од чипот, под малиот мозок е дека на тие години, му помагав на татко ми да ги залепиме гумите на точаците.
Знаете “Господа Мериот“, ние во тоа време на три-четрнаесет години, а нашите татковци и мајки, на исти ваши години не купувавме одма нови гуми, или нов точак, ако ни се дупнеше гумата на точакот. Не!.
Земавме леген, тоа е онаа голема пластична здела, во која се ставаа алишта од машина за перење, па се изнесуваа на тераса за пружање, бидејки тогаш немаше машини за сушење. Или можда имаше, ама ние немавме.
Е, во исти таков леген полн со вода, ја стававме гумата, баравме да видиме кај ќе пушти меурчиња, ја вадевме, па ја пребришувавме со пешкир, па лепак, специјален за гуми и на него стававме сецкано парче друга гума. Знам дека се ужаснувате од ова што го читате.
Но тоа не е се!!
Ние во тоа време, а јас учев во Јан Амос Коменски, тоа ви е таму во Тафталиџе, во кое порано имаше само куќи со дворови, бавчи и ружи, а сега има “скапоцени гимназии“ и “скапоцени згради“ во кои вие живеете.
Значи во мое време полуматурата ја славевме во истата просторија во која одевме на ручек во школо, односно во дневниот престој, да не речам во мензата- оти може ќе ви се споврати.
Не знам што да кажам!, а да не грешам душа.
Може сум јас улава, па немам рогови за вие да ме препознаете, можеби сте вие улави, а немате рогови, за јас да ве препознаам, кој сте и што имате складирано во чипот.
Само знам, дека вие во чипот на вашите деца, кој сеуште собира информации, бидејки се “копиљаана“ од три-четрнаесет години им складирате Мериот за полуматура.
Па можеби добар дел од нив ќе посакаат да бидат исти како сопствениокот. Некои од нив сигурно и ќе успеат да бидат како него.
Нека ви е со среќа и вам и на вашите деца.
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин