„Да се сеќаваме на тие што не се со нас, но и да не дозволиме да нѐ уништат задкулисните игри“: Лазаров за „Патишта“ во дует со Тамара
Имаме одлична можност да видиме како изгледа кога еден од најпознатите јутубери и една од најпознатите пејачки кај нас ќе ги спојат силите. Патиштата им се вкрстија и настана песната „Патишта“. Неслучајно е името такво, а зборовите едноставно создаваат и бол и тага и сеќавања и пораки истовремено. Емотивно, во секој случај.
Го контактиравме Лазаров да ни каже како настана соработката со Тодевска. Еве што ни изјави:
„Кога почина Зоки, ѝ се јавив на Тамара и ѝ реков да направиме песна која ќе потсетува на Зоки. Претходно имав една песна што ја снимив додека беше жив Зоки. Но од таа песна со нов аранжман излезе „Патишта“. Тамара веднаш прифати, како и Слаткар, тие му беа огромна поддршка на нашиот сега веќе починат другар. Но, кога почнавме да ја правиме песната, не само на Зоки, сакавме да ја посветиме на сите оние кои не се повеќе со нас- луѓето кои ќе ја слушнат песната да се поистоветуваат и да се сетат на личностите кои не се повеќе во нивниот живот“.
Песната секако има и своевидна порака, па Лазаров на тоа вели:
„Да, има порака. „Што е тоа во луѓето тажно, што живеат во животи туѓи“- инспирирано од нашиот Тоше. Да се сеќаваме на тие што не се со нас, но и да не дозволиме да не уништат приказните од другите- задкулисните притисоци, муабети, едноставно да се бориме во животот покрај се што се случува“.
„Патишта“ за брзо време собра илјадници прегледи на Јутуб. Текстот е на Слаткаристика, во аранжман на Васил Ангелов, микс/мастер, Васил Ангелов, Иван Петровски.
Песната поткрепена со видео записот одлично се вклопува во тематиката.
Погледнете:
Н.Толески