„Луј“ расадник на таленти: Со свечен концерт по многу нешта посебен, се одбележа патронатот на училиштето

Добивај вести на Viber

Во преполна сала, со многу аплаузи, овации и задоволна публика помина патронатот на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ , во концерот кој се одржа завчера во Филхармонија.

Свечениот концерт по повод патрониот празник на училиштето, беше насловен „Луј 77 години на сцена“, и настапија учениците од сите отсеци, со дел од нивните ментори.

- Не знам како да го опишам ова чувство“, рече на почетокот од концертот директорката на „Луј“, Даница Стојанова која го поздрави семејството на Илија Николовски- Луј во публиката.

Беше сосема во право кога кажа дека училиштето е расадник на таленти. На сцената се појавија ученици кои со своите 14-15 години, па и помалку за првпат музицираа на големата сцена на Филхармонија, пред критична публика која на крајот искрено го даде своето мислење, на нозе и со аплаузот кој долго траеше, исто како на сцената да гледавме искусни музичари. Со Свита бр.1 “ Арлезијанка од Жорж Бизет плескаше целата публика на крајот од настанот, а трите става ги свиреше Симфонискиот оркестар на ЛУЈ, со кој диригираше Фи Фи Ле.

Концерот почна со  гудачкиот камерен оркестар и детскиот хор „Пиколо“ со кој раководи Весна Димчевска, а диригираше Фи,  изведувајќи дела од Франк, Шопен и Шуберт. Скеоја чест за најмладите учесници кои ја имаа најтешката задача, да ја разбијат тремата на останатите. 

Потоа, продолжија учениците од насоката за класичен балет со дела од Л. Делиб“,репетиција на Слаѓана Спасеновска, П. Хертел – репетиција на Соња З. Џепароска, Б. Креин – репетиција на Сања Шутевска, Л. Минкус – репетиција на Маја М. Богојевска и А. Понкинели – „Танц на часовите“ од операта „Џаконда“ со репетиција на Дафина Д. Кочевска. Успешен настап имаа овие млади балерини, како и нивните колеги од насоката за современ танц со „ STILINESS “ и кореографија на Александра К. Начева и Елена А. Петровиќ.

Вера Милошевска Јосифовска, позната на публиката како вокал на групата „Љубојна“ се појави на сцената со своите ученици од насоката за традиционална музика и игра. Ја изведоа „Корења и цветови “ - вокална изведба според традиционални мотиви со Стефан Трајковски на  гајда чиј автор е Вера. 

Потоа, се изведе „Ситна Лиса“ – инструментална изведба на насоката за Традиционална музика и игра и танцова изведба на насоката за Современ танц со кореографија на Елена А. Петровиќ и музички аранжман Роберт Ангеловски

Прекрасно звучеше хорот на „Луј“ со кој диригираше Бехар Весели, засилен со Јосипа Василевска на флејта и Нита Груби на пијано изведувајќи дела од Брунер, Задеја, Мартин, но и „Рум дум дум“ од Драган Шуплевски. 

Во нежна и убава изведба на женскиот хор и гудачкиот оркестар и вокал на Драгана Јовановска, ја слушнавме „Тајно моја“, безвременскиот хит на Тоше Проески чиј нов аранжман го направија Дамјан Темков и Бејар Весели. Вокал ментор е Ана Костадиновска, а и во оваа композиција која публиката со многу емоции ја проследи диригираше Фи Фи Ле. 

Симфонискиот оркестар на крајот, моќно ја изведе свитата  Свита бр.1 “ Арлезијанка ” од Жорж Бизе во 3 става: Уветира, Минуетто и Кардион.

Со звуците на третиот став, заврши овој убав концерт. Дружбата на многубројната публика меѓу кои професори и истакнати уметници заврши со коктел во холот на Филхармонија, и желба овие талентирани деца со нивните ментори наскоро повторно да ни ги разгалат душите со нов концерт.

Милица Џаровска

Фото: Маја Аргакијева