Македонски кардиолог во друштвото на најуспешните: Борче Николовски е помеѓу петмината најдобри лекари во Бугарија

Добивај вести на Viber

Во јавноста сè почесто слушаме за успешни доктори од Македонија кои професионалната кариера продолжиле да ја надоградуваат во европските земји. Често се и наградувани како најуспешни и секогаш се наоѓаат во друштво на најдобрите.

Еден од нив е и Македонецот Борче Николовски (32) родум од Демир Капија, кој живее и работи како кардиолог во соседна Бугарија. Борче е избран помеѓу најдобрите пет лекари, а за тоа одлучија неговите пациенти во Бугарија на интерно гласање.

Ваквиот проект е со цел да се врати довербата на луѓето во белите мантили. Во самото гласање учествувале преку десет илјади граѓани, а Борче бил во конкуренција од околу 500 лекари од различни специјалности, пренесуваат бугарските медиуми.

„Лекарот со македонски корени е дел од тимот на Одделот за кардиологија и интервентна кардиологија во многу профилната болница за активно лекување – „Бургасмед“, појаснуваат бугарските медиуми за Николовски, при описот за лекарите.

Тој е член на Европското друштво на кардиолозите и европската асоцијација за кардиоваскуларна дијагностика. Еден од основачите на модерното одделение за кардиоваскуларни болести на МБАЛ „Бургасмед“ од Бургас.

„Особено сум благодарен за укажаната доверба од страна на граѓаните и сите што застанаа зад мене и мојата номинација. Тоа е дополнителен мотив, да продолжам да ја работам работата најдобро што можам“, изјави Николовски за МИА.

Убавата вест за Македонецот на кому пациентите му доверија поголем дел од нивната доверба се слушна и до родната Демир Капија.

На Николовски медицината не му била непозната, членови од неговото блиско семејство на некаков начин биле поврзани со оваа професија. Неговиот татко е дефектолог во Специјалниот завод, неговата сестра Кристина е пред дипломирање за доктор, и сака да специјализира психијатрија, додека неговата мајка е патронажна медицинска сестра.