Ме сретна една жена, ми даде ливче, а во него пишуваше...

Добивај вести на Viber

Ме сопира пред некој ден една жена на улица и ме прашува. Ве молам вели, имате ли минутка. Одамна сакав да ве најдам некако, но ете животот сакал денеска случајно да ве сретнам на улица. Ах каква среќа- додава. Толку многу имав потреба да ви кажам нешто.   

Имам велам како не! Повелете!   

Не е тешко во оваа мала средина, ако се појавувате на телевизија, да ве познаваат повеќето луѓе на улица. Знам дека репортажите им се допаѓаат на луѓето, бидејќи во последно време постојано собирам комплименти и прашања на оваа тема. Си помислив дека и оваа жена сака да ми каже нешто за Израел, за Јордан, или за Анталија и Хургада. Или да ме праша каде е најдобро да патува, дали навистина Израел е толку волшебен како што изгледа во приказната!? 

Дали е Јордан безбеден и дали Петра е навистина таква магија, која ќе ви го помати умот.  Кое е најдобро време да се оди во Анталија, дали е многу топло, дали е многу влажен воздухот и дали е подобро во Турција, или во Египет. Ова се приказните и прашањата за кои во последно најчесто разговарам со луѓето, познати, или непознати сеедно.   

Но оваа жена не сакаше да разговара за репортажите. 

 - Ги читам вашите колумни вели. Во речиси сите од нив, не само што се пронаоѓам, туку ми се чини како јас да сум ги пишувала. Особено оние кои ви се однесуваат на брачните приказни, или на приказните во кои велите како оваа генерација деца, се сосема поинакви од генерацијата и времето во кое ние растевме.   

- Да, велам, “брачните приказни“ се вообичаено настани, или ситуации, кој сите помалку, или повеќе на исти, или сличен начин ги живееме, или сме ги живееле, со бивште, или со сегашните партнери. Затоа се пронаоѓате.   

- Да, да вели знам. Така почнува и Ана Карењина нели, и го кажува цитатот од првата страница - „Сите среќни семејства личат едно на друго, а секое несреќно семејство е нереќно на свој начин“.   

Гледам тага во нејзините очи, а гласот почнува да ѝ трепери.   

За да ја успокојам малку, бидејќи е возбудена и вознемирена истовремено и велам - драга моја, многу малку среќни семејства останаа, гледате со што сѐ се судруваме во последно време. Се разнишаа малку тие семејни столбови. Кај сите нас е речиси исто. Среќата треба и мора да ви стане дневна рутина, мора да научите сама да ја произведувате.   

Ах вели, лесно е така да се каже, и излетува ова, па се потсопира малку, бидејќи и станува непријатно, што ми изгласува недоверба.   

Знам велам, лесно е да се каже точно, но лесно е само откако ќе ги поминете сите трња со боси нозе, откако ќе претчате преку нив, и откако доволно долго со својот мелем, ќе премачкувате рана по рана. Ама вие вели како да знаете што сакам да ви кажам.   

Вади едно хартивче од ташната. Овде сум запишала неколку нешта, кои сакав да ве замолам да ги напишете во колумна. Сето она што јас не можам да му го кажам на мојот маж, напишете го вие, а јас ќе знам дека е тоа мојата приказна и така ќе ми биде полесно. Барем, ќе одекне и ќе излезе од мене. Без да читам велам, знам што пишува на ова ливче. 

Од каде знаете!? 

Па нели ми рековте дека речиси секоја колумна, во која пишувам за брачните приказни, имате чувство како вие да сте ја пишувале!? 

Се збуни за миг. Ѝ се појави зрак светлина во очите. Сакате да ми кажете дека и вие сте поминале низ истото!? Низ истото, или низ многу сличното! Сега ви е вам редот!   Сега вие трчате низ трњето. Секоја жена, но и секој маж, мора да го истрча своето трње во животот. Никој не успеал да кидне. Некој порано некој подоцна. Но верувајте ми дека заобиколен пат нема. Обиколниците вообичаено завршуваат пред амбис. И или ќе треба да пропаднете во него, или ќе мора да се вратите и да си го изодите сопственото трње. Нема друг начин и не постои друга патека. Секоја залечена рана е капка среќа. Рана по рана, капка, по капка. Во еден момент, ќе видите дека чашата со среќа ви е наполнета до горе. И знаете што!?, велам. Не грижете се, оваа чаша која сама ќе си ја наполните со среќа, никој пат веќе нема да ви секне. Пијте слободно од неа секој ден. Бидејќи голтка среќа секој ден, после некое време, значи извор среќа. Така оди тоа велам, капка по капка солза, после некое време е голтка среќа. А голтка по голтка среќа, после некое време значи извор среќа. Внатрешен, сопствен, личен извор среќа, кој никој веќе нема да може да ви го сопре. 

Еднаш кога ќе почне да тече низ вас, тоа е така до крај на живот. И секако дека понекогаш, во по некоја голтка, ќе наидеш на некоја солена капка, колку само да те потсети. Но тоа е само капка во твојот океан, наречен живот.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин