Многумина кикснуваат со „краткорочните диети“ дури по цена на сопственото здравје: Антониа Домазетова фитнес тренер за Женски магазин
Антониа Домазетова е дипломиран економист, лиценциран фитнес и велнес тренер, девојка претприемач. Цел живот е активна во спортот, од пливање, тенис, аеробик, пилатес, зумба, фитнес, функционален фитнес, кросфит.
„Најмногу се пронајдов во функционалниот фитнес бидејќи според мене може да се прилагоди за секого, а притоа да се постигне посакуваната физичка цел. Како доста динамичен карактер, оваа дисциплина успеа да ме задржи до ден денес тука. Се започна со мојата трансформација пред неполни 7 години кога почнав да се едуцирам повеќе околу исхрана и тренинг и веќе 7 години како градам мрежа од задоволни клиенти и вежбачи/ки и им помагам во нивните трансформации“, ни раскажа Антониа на стартот на денешното интервју.
Таа воедно е и сопственик и дел од тимот на „Фитнес Ленд“, каде што е и тренер по функционален фитнес.
Со неа акцентот го ставаме на исхраната, како да се храниме за да намалиме килограми, дали е во ред да го скокнуваме појадокот и колку се опасни диетите по здравјето, што е клучно во намалување на килограмите, но зборуваме и за програмите кои ги креира за клиентите.
Како успешна жена претприемач ни го откри и рецептот за успех.
*Вие сте фитнес тренер – на кој начин им помагате на клиентите и како изгледаат програмите кои ги правите, од што зависат и каква цел имаат?
- Да, како што веќе споделив, тренер сум по фунционален фитнес, но секогаш без разлика на целта ставам главен фокус на исхраната. Што и да сакаме да постигнеме исхраната е клучна. Во исхраната на клиентите секогаш вклучувам или заменски оброк или други додатоци во исхрана кои ќе им помогнат во постигнување на целите, не поради тоа што не може да се постигне тоа на друг начин туку поради недостатокот на хранливи нутриенти во нашата исхрана која генерално за жал веќе не е ни приближно иста како порано и е практично неопходно секој да има различен суплемент во исхраната прилагоден спрема потребата на телото и организмот пред се, а потоа и спрема целта, дали е намалување, топење масти/сало, качување мускулна маса, одржување на форма, спортска исхрана, женско или машко; или најбанално, добро избалансирана исхрана за здрав начин на живот, како клиентот да се стекне со здрави навики на поедноставен начин во овој брз живот што го имаме.
*Раскажи ни за Booty Grow програмата ?
- Booty Grow by Antonia, програмата која ја имам веќе во неколку опции (online/offline/video), се случи во овој период од кога почна пандемијата. Одлична е за сите оние кои имаат цел да го оформат телото, самата комбинација на вежби, составеноста на тренинзите прави да во ист момент вежбачот да топи масти, гради и обликува мускулна маса. Самото име на програмата кажува на кој дел се фокусираме и го обликуваме. Идеална таргет група за оваа програма е претежно женска публика. Тренинзите се функционални тренинзи каде што секој тренинг го започнуваме со загревање и истегнување како би го забрзале пулсот, а потоа ни следува тренинг кој секој нареден пат е различен од претходниот. Се фокусираме на вежби за зголемување на задникот, вежби за оформување на задникот, зависно од тренингот, проследени со комбинација од кардио вежби, вежби за стомак, грб и горен дел. Ниту еден дел од телото и мускулна група не е изоставена, но фокусот е на задникот. Се разбира на крај тренингот го завршуваме со вежби за истегнување.
Оваа програма како што кажав ја имам во повеќе форми, снимена верзија, online во живо каде што и јас вежбам со вежбачките; и од мај ќе имам повторно во Фитнес Ленд. Сите најчести изговори ги имам поминато, така што само недостасува желба (се смее).
*Летото е пред нас, девојките сонуваат за рамен стомак и се придржуваат до разни исцрпувачки режими на исхрана. Како според вас најлесно и најбрзо може да се ослабе?
- Да.. За жал голем број размислуваат за ова непосредно пред летото, меѓутоа верувам сте ја слушнале изреката “Summer bodies are made in winter” или во превод, во зима треба да почнеме да мислиме на ова. Секогаш ги охрабрувам сите кои носат одлука дека сакаат нешто да постигнат, без разлика кој период е, никогаш не е доцна и право време нема, право време е сега. Како најбрзо да се постигнат тие резултати кога веќе сме се заборавиле, пак ќе кажам, одлука не значи да станам и да си посакам туку да сум спремна на тоа што ме чека. Прво и најосновно правилен начин на исхрана, додатоци во исхрана се задолжителни, заменски оброци како шејк, и се разбира соодветна физичка активност минимум 3 пати неделно. Сите сме различни, сите имаме различни цели, различни тела и потреби, така што без експериментирање е мојот совет, најдобро е да се обратите кај некој кој веќе има историја на постигнати резултати и искуство како би ве довел на најправилен начин до целта БЕЗ последици.
*Дали диетите за брзо слабеење се опасни по здравјето. Некои гарантираат губење на 10 килограми за месец дена, но дали навистина може да се оствари тој резултат-Кое е вашето мислење ?
- Да, дефинитивно се опасни по здравјето, со самото тоа што се поставуваат огромни рестрикции во исхраната, има и скратен внес на хранливите материи кои ни се неопходни да ги внесуваме секој ден и не ги поддржувам и препорачувам. Тоа што јас го препорачувам на моите клиенти, како ги учам луѓето во мојот тим и како ние постигнуваме резултати е преку избалансирана исхрана со внес на сите макро и микронутриенти, базирана на контролиран калориски внес, соодветна физичка активност и минимални контролирани рестрикции. Не забранувам ништо меѓутоа советувам кога, во кој дел од денот што се јаде и кога “се греши” (се смее).
Брзите диети по мене делуваат кај многу од луѓето и психолошки, носат многу рестрикции во исхраната, што придонесува во лачење на кортизол, односно хормон на стрес, а стресот пак не дозволува да телото топи масти и да работи нормално. Дефинитивно брзите диети не се здрави, тоа верувам секој го знае, но некогаш нѐ понесува онаа желба за брзи резултати. Одлуката е најтешкото нешто, наместо долгорочен, да не речам доживотен правилен начин на исхрана, каде што се е дозволено во одредени мери, и нормално проследено со долгорочни резултати, најважно од се и добро здравје; кога ќе дојде моментот на нешто “да се направи”, многу кикснуваат и сметаат дека “краткорочна диета” е решението, дури и по цена да го донесат своето здравје во прашање.
Дали е возможно да се намалат 10 килограми во еден месец, па возможно е но повторно зависи кај кого и бара огромна посветеност и откажувања. Лицата со поголем број на вишок килограми во првиот месец губат побрзо и поголем број на килограми. Ако е исхраната регулирана и како што треба, да внесува доволно хранливи материи, доволно вода, и вметне физичка активност повеќе пати во неделата, возможно е, но многу ретко кој го прави тоа на правилен начин. Најчесто е постигнато со рестрикции, не јадење, можеби вклучена физичка активност, каде што многу го измачува телото, му носи многу повеќе последици од колку бенефит со намалување на толкава бројка во краток период. На крајот на краиштата, кога се шеташ на улица никој не те прашува колку килограми имаш, туку те загледуваат како изгледаш.
На оваа тема би можела до утре да зборувам, но мислам дека ја доловив идејата на прашањето.
*Што е клучно да ослабе една личност, од што зависи колку личноста може да намали килограми ?
- Клучно е пред се личноста да донела одлука, да сфати дека е процес, никој не се здебелил преку ноќ и нормално дека не може преку ноќ и да ослабе. Поддршката игра главна улога, она што го правиме јас и мојот тим ги приклучуваме во една таква здрава заедница каде што секојдневно добиваат инспирација, рецепти, едукации за исхрана на разни теми, награди за постигнати резултати. Од моето досегашно искуство се ова што споменав е нешто што многу им помага во постигнување резултати, па дури и мене ме мотивира да сум секој ден се подобра за себе и за сите нив.
*Која исхрана вие ја препорачувате како најдобра за наутро? Што е најдобро да се направи прво наутро?
- Додека спиеме навечер се она што сме го изеле во претходниот ден се преработува и наутро на нашето тело му треба вода-хидратација и храна-енергија. Храната која ја внесуваме треба да ни ја даде потребната енергија на нашето тело за да функционира, а притоа да не се чувствуваме прејадени. Најдобро е денот да го започнеме со хидратација, а потоа да му дадеме соодветен оброк кој е високо хранлив и богат со витамини, минерали, протеини, масти и јаглехидрати. Секогаш препорачувам нешто кое што пред се јас лично сум го направила и го правам. Во изминативе 7 години денот го започнувам со хидрирање на моето тело, со инстант растителен напиток-микс од чаеви и билки и алое, и веднаш потоа си го спремам моето смути. Истото го препорачувам и на мојата фамилија и на клиентите кои ми се обратиле за помош, совет и слично. Во зависност од целта и состојбата на клиентот советувам како најдобро да се спреми појадокот за да функционира најдобро за нив, не сите имаат иста цел и параметри, некој сака да намали килограми, некој сака да зголеми, некој е професионален спортист, некој чисто сака да се храни здраво.
*Дали е препорака да се појадува еден час по станувањето?
- Да, да се појадува во првиот час од станување и да се вечера најдоцна 3 часа пред легнување, освен за оние кои можеби се одлучиле за intermittent fasting концепт на диета или имаат некоја поинаква цел.
*Колку е важен тајмингот на исхрана во слабеењето, колку количината на храна, колку начинот на приготвување?
-Се од ова што ме прашавте е важно. Уште како бебиња нашиот метаболизам е научен да јадеме на 3 часа, затоа честото јадење на правилни оброци и ужини го убрзува метаболизмот, количината на храна е исто така важна и варира од целта на клиентот. Исто така и правилната комбинација на макронутриенти (јаглехидрати, масти и протеини) во оброците во текот на денот прави разлика. Нормално дека и начинот на кој е приготвена храната е многу важен, бидејки со тоа може или да ги уништиме хранливите состојки од храната или да ги задржиме, внесеме и искористиме.
*Треба ли да се обрне внимание и на физичката активност паралелно со исхраната?
- Апсолутно! Генетски сме предодредени да се движиме, да сме постојано активни. За жал не сме создадени да седиме 8 часа во канцеларија и пред компјутер.
Физичката активност е клучна за нашето здравје, физички и ментално, ја подобрува работата на коските, зглобовите, мозокот, срцето и сите останати органи. Второстепено, по мене, се разбира влијае и на физичкиот изглед и е важен дел во постигнување на резултати. Колку што е важно спортувањето и физичката активност, толку е и важно истото да е правилно и соодветно спрема целите, годините и физичката состојба на клиентот.
*Со оглед на тоа дека овој период имаме најголем избор на сезонско овошје, што препорачувате вие најмногу и зошто токму тоа?
- Во право сте, ни следува период кој изобилува со свежи, здрави и вкусни овошја. Верувам дека повеќето знаат дека овошјата што се здрави и вкусни, содржат шеќери (кај различен тип на овошје, различна количена) и според мене треба да се дел од сечија исхрана во количина прилагодена спрема целта на личноста, во што повеќе разновидност и бои. За оние кои што сакаат да намалуваат килограми многу повеќе бобинкасти овошја (малина, капина, јагоди, боровница, аронија), јаболко и нормално друг вид на овошје но во нормални количини, како банана, ананас, кајсија, праска и слично, и претежно во првиот дел од денот. За оние кои што сакаат да зголемат спортски перформанси, мускулна маса, покачат килограми, можат да ги внесуваат сите горенаведени овошја и по неколку пати на ден.
*Кои намирници според вас како експерт во професијата треба да се на менито на секој човек секојдневно?
- Ова е навистина персонализирано прашање бидејќи се повеќе сретнувам луѓе кои не јадат месо, млечни производи, практикуваат веганска, вегетаријанска исхрана, затоа мојот одговор би бил најважно е исхраната да е избалансирана, да ги внесува сите хранливи материи, макро и микронутриенти потребни за правилно функционирање на телото. Јас се придржувам до еден концепт кој што се вика 40-30-30, 40% од дневниот внес да се квалитетни и здрави јаглехидрати, 30% масти и 30% протеини, доволна количина на витамини и минерали, вода и физичка активност.
*Вие сте и жена претприемач-кој е вашиот рецепт за успех?
- Според мене, успехот е субјективна работа. За мене успехот подразбира да си среќен со она што го работиш и како со тоа придонесуваш за подобро кај останатите. Би сакала да ги охрабрам сите девојки, жени да почнат да размислуваат за претприемништво бидејќи нема поголема слобода од таа да работиш за себе, за своите цели, да во иднина оставиш наследство на своето поколение. Се разбира претприемаштвото носи и поголема одговорност, посветеност и фокус, но долгорочно тоа може да ни донесе и неверојатен начин на живот. Секогаш избирам работа за профит наместо за плата и најдобро од се е што јас својот начин на живот го претворив во бизнис. Од секогаш сум сакала да изгледам добро, фит, да им помагам на луѓето, да придонесувам со своето влијание за здраво општество и во овие времиња на многу пороци и нездрави навики да влијаеме на свеста на луѓето да изберат поздрави опции за себе и своето семејство.
*Што значи да се биде успешна жена претприемач, како успевате да ги усогласите приватните обврски со професионалните ангажмани, колку имате време за себе?
-Најпрво сакам да ви се заблагодарам за убавиот комплимент.
Да се надоврзам на тоа што го кажав во претходниот одговор, можам да надополнам дека претприемништвото го споредувам со спорт, за успех и во едното и во другото потребно е постојана работа на себе, пожртвуваност, посветеност, добар план и оганизација на време. Доколку ги совладаме сите овие карактеристики, навистина останува доволно време за се, за хоби, за тренинг, за приватни обврски и доволно време за себе.
Ирена Ставрова