Кирил Ангелов: Кога на 9 години доживеав сексуално злоставување бев како мермерна статуа- откако добив канцер, па инфаркт решив да пишувам за сите трауми
Кирил Ангелов (38) во делото „Безсловен“ обработува шест трауми и лузни кои му се случиле низ животот: менталното и физичкото злоупотребување од страна на негувателките од градинка и од сопствените баба и дедо, злоупотребување од страна на таткото алкохоличар, сексуалното злоупотребување од страна на сосед, што впрочем е и најголемата траума во делото. Сите случки ги пренел на хартија само со една цел – да бидат нечија утеха, а тие што го преживеале истото да веруваат дека не се сами во болката.
Ангелов дипломирал дипломатија и меѓународни односи и англиски јазик и книжевност. Магистер е по Европска култура и книжевност.
ЖМ: Ако чувствата кои ве мачат не ги изговорите на глас или не ги раскажете, тие ќе се насоберат во вашето тело и може да ви создадат различни физички и ментални проблеми. Вие решивте сите ваши записи за состојбата на умот и телото да ги објавите во книга. Како се чувствувате сега?
-Моментот кога го завршив и испратив ракописот, почувствував леснотија која не ми беше позната. Траумите излегоа надвор од мене. Со нивното пренесување на хартија ги излив низ страниците, испишани со крв, солзи и скрб. Но, тие секогаш ќе се дел од мене бидејќи иако ми нанесоа големо зло, сепак и ме научија како да бидам јас свој.
До мене ќе се, но надвор од телото, душата, срцето. Токму како што го поставивте прашањето. Пишувањето делуваше неизмерно терапевтски врз мене, за што и јас сум зачуден. Излекување низ творештво и искреност.
ЖМ: Терапевтското пишување може да се претвори и во креативност и дарба која не сте занеле дека ја поседувате. Во кој процес од пишувањето го откривте „писателот“ во себе?
-Пишувам од мои 14 години. Но за жал, токму поради сите тегоби и трауми никогаш не се осмелив да објавам нешто. Дете кое израснало во таква средина има ниска самодоверба, и не верува во себеси. Па затоа успеав да ја спојам љубовта кон творештвото и потребата за излекување во едно. И токму така дојде „Безсловен“ на свет.
ЖМ: Во книгата пишувате за периодот кога сте биле момче кое некогаш било сексуално злоупотребувано, кое поминало низ сите трауми, а сте молчеле поради срам и страв од осуда. Кога првпат се случи тоа, на која возраст. Како го преживеавте?
-Процесот на груминг, подла и искривена манипулација за да се придобие доверба од страна на педофилот почна на мои 8 години, и целиот тој процес траеше три години. Сексуалното злоставување се случи кога имав 9 години. Се повтори уште двапати кои не беа ни приближно разорително како првиот пат. Оној, кога сè ти се менува.
Во тој момент јас навистина не знаев што се случува. Се чувствувам како мермерна статуа која само можеше да молчи. Секое дете, во налетот на физичкото и менталното развивање ги восприма нештата на многу наивен, невин и едноставен начин; дури согледувајќи ги и како нормални и невини.
Преживувањето се случи со погрешно себеубедување дека тоа што ми се случило било нормално. Но, не ни знаев колку последици тоа ќе имаше во мојот живот. Така е впрочем со сите деца жртви на сексуално злоставување. Сите се борат со некакви демони кои за жал разоруваат многу. Срамот и стравот беше само одговор на тешкото општество во кое живеев тогаш. Мал град, полн со осуда и темнина каде проблемите се занемаруваа, а болките се натрупуваа. Ќе беше многу полесно да живеевме во општество кое покажува поголемо разбирање за оваа тема, кое не го гледа ова како табу, кое прифаќа, разбира, не се исмејува и не осудува.
ЖМ: Кога ви го дијагностицираа канцерот? Како ја прифативте болеста и на кој начин успеавте да ја победите?
-Со канцер бев дијагностициран во есента 2019 година. Болеста ја прифатив на многу кревок и тежок начин, токму поради тоа што во 2014 година татко ми почина од канцер. Да чекориш по патот на стравот и неизвесноста со цел товар на трауми на грб, не е малку … Тоа за мене беше разорително.
Но, на многу им е чудно кога ќе кажам дека од оваа гледна точка сум благодарен што имав канцер и што хемотерапијата ми предизвика инфаркт. Да, канцерот и инфарктот предизвикан од хемотерапијата беа еден вид на поттик што потоа донесоа катарза.
Тие ја поттикнаа борбеноста во мене, тие ме натераа јас да почна да раскажувам и да ги вадам сите трауми од моето минато кои дотогаш ме туркаа само надолу. И тогаш за првпат решив да почнам со пишување на „Безсловен.“
ЖМ: За кои периоди и случки од вашиот живот пишувате во книгата?
-Во делото пишувам за целиот мој живот. Од моето детство па до моментот на целосно ослободување од траумите, односно стегите од сите тие скриени болки.
Обработувам шест трауми кои ми се случија низ животот: шест трауми и големи лузни од минатото: менталното и физичкото злоупотребување од страна на негувателките од градинка и од сопствените баба и дедо, злоупотребување од страна на таткото алкохоличар, сексуалното злоупотребување од страна на сосед, што впрочем е и најголемата траума во делото и околу кое се прилепуваат сите останати, и врсничкото физичко и ментално насилство (булинг) во основното и средното образование.
Сакав да ги исткајам сите овие трауми на еден начин кој ќе даде поттик луѓето да разговараат за своите болки на време. Да не сме веќе општество кое крие, го осудува, кое се исмејува, кое завидува и кое повредува. Сакав да ги пренесам на хартија за да можат да бидат нечија утеха, како што јас барав нечија утеха додека растев. Да не верував тогаш дека сум сам во болките.
ЖМ: Постоеше ли двоумење и страв, поради менталитетот на нашиот народ, кој осудува и исмејува. Од каде ја црпевте храброста ова да го изнесат во јавноста?
-Секако дека постоеше. Ние сме народ кој сака да сензационализира туѓи болки и приказни. Но, се водев по моето уверување дека постои голема добрина исто така.
Како што начнав погоре, храброста ја црпев од потребата да се охрабри некое друго дете, личност кое поминува, која поминувала низ исто или слично нешто. Јас додека растев, и додека поминував низ сите болки, верував дека сум единственото момче кое било сексуално злоставувано, и верував дека сум го заслужил тоа. Дека сум заслужил сè лошо. Никое дете не треба да верува во нешто такво.
Посакував додека растев да држам во себе нечија книга која ќе ги опише сличните болки и борби, за да ми дадеа храброст и утеха дека не сум сам. Дека иако тоа што ми се случило не е нормално, но дека постојат и други личности кои сакав да се моја помош. Преку таа храброст јас го напишав делото, да може да е утеха за некој друг. Да помогне барем на една личност, јас ќе бидам пресреќен.
ЖМ: Какви се реакциите? Повеќето се оние што ви ја полнат душата бидејќи ја исполнија вашата мисија да ги поттикнете јавно да зборуваат за проблемите? Или спротивните, површни и со исмејување?
-Позитивно сум изненаден од поддршката. Многу личности ми пишаа на социјалните мрежи, ми се доверија, ги открија нивните трауми пред мене. Со голем дел од нив се спријателив, и сме си поддршка сега еден на друг. Разговорот и сплотувањето преку болките од минатото, носи една нова димензија на среќа и мир. Тоа не може да се опише со ништо.
Тоа го смирува малиот Кирил, кој бараше помош низ детството. Сега со сите овие реакции, прегратки, мили зборови, слоевите од болка кај малиот Кирил полека се лупат, а тоа се одразува и кај мене сега, на мои 38 години. Се одразува преку среќа, мир, радост, благодарност.
ЖМ: Зошто книгата ја нарековте „Безсловен“ и кое е детето на насловната фотографија?
-Името „Безсловен“ се роди како одговор од траумите: да молчиш кога некој те повредува, да молчиш кога чуваш тајни, да молчиш кога внатре тонеш и страдаш. Насловот дојде токму поради тоа што ние како народ не кажуваме ништо, од срам, страв, или некој да не нè осуди или исмее. Не ги кажуваме болките, ги чуваме во себе, ги затвораме. А тие делуваат на многу подол и негативен начин. Копаат низ душата и срцето отворајќи нови рани. Од една страна не треба да молчиме за да не чуваме сè во себе кое потоа ќе нè уништи, а од друга страна треба да знаеме кога да тихуваме за да се поштедиме и заштитиме себеси од повеќе болка.
Соња Алексоска Неделковска