На роденден кај Петре М. Андреевски во Слоештица: Ќе го чуваме од заборав, ликот и делото на неговото величие

Добивај вести на Viber

По повод 25 јуни, роденденот на големиот македонски зборотворец, Петре М. Андреевски, го посетивме неговото родно место, селото Слоештица во Демир Хисар. Таму нè пречекаа неговиот син, уметникот Сергеј Андреевски со семејството. Благодарение на нивната посветеност, уште при влезот во селото, обележани се сите важни точки поврзани со писателот Андреевски.

На влезот наидовме на дрвена табла со ликот на Петре контуриран со зборови од кои е сочинето неговото творештво и кои се препознатливи за неговата поетика. Го направила Воскресија, неговата внука со која соработувавме на ликовното обликување на неговите дела што неодамна ги објавивме во едицијата „Македонски книжевни класици“. Над ликот на Петре е гравирана мисла од академикот Влада Урошевиќ: „Слоештица – име за цел еден свет“.

Како што се запознававме со важните места на Петре М. Андреевски, така ни се разбиструваше дека неговото родно место било и место на неговиот творечки аџилак, непресушен бунар на инспирација, толкувач на неговите апории, неговиот „Тримир и Светилеб“… Слоештица и Петре се имиња што се римуваат и создаваат нераскинлива симбиотска врска.

Следејќи го патоказот што води до неговата куќа, поминавме покрај неговото творечко катче – зеленчукова градина во закрилата на бујните дрвја и музикалната река во нејзиното подножје. Таму Петре често седнувал под длабоката сенка на ближниот орев и како некаков демиург го пресоздавал светот.

Оттаму кратко продолживме нагоре и стигнавме во дворот на куќата. Од едната страна затекнавме голема плевна, од другата страна – светилиштето на Петре. Куќата е живеалиште на најблиска роднина на семејството Андреевски, но на влезот стои мермерна плоча што потврдува дека таму живеел и творел големиот писател.

Влеговме и во неговата скромна соба, барем малку да понесеме од конзервираниот воздух што некогаш го вдишувал и издишувал низ песна, нашиот Петре.
Последната станица ни беше неговата вечна куќа. Сергеј ни откри дека Петре го споделува почивалиштето со Велика, неговата хероина од романот „Пиреј“. Авторот и неговиот лик соединети – сознание што предизвикува морници. Покрај гробот исправена стои статуа со неговиот лик. Ја изработил негов пријател-скулптор уште додека бил жив. Кога ја видел, се доживеал како да се огледува во огледало.

А ние, наместо цвеќе, како роденденски подарок му ги донесовме најновите изданија на неговите дела, реанимирани со цртежите од неговата внука, уметницата Воскресија Андреевска и сработени со посебна почит како што зограф создава нечиј свет лик.

И токму таму, се заветивме дека ќе го чуваме од заборав, ликот и делото на неговото величие – Петре М. Андреевски.

Родната куќа на Петре

Воскресија Андреевска со своја творба со ликот на Петре

Градината на Петре

Задниот двор на родната куќа

На гробот

На гробот

На гробот

„Пиреј“ на германски јазик

Плевната на Петре

Семејството на Петре

Скалите од родната куќа

Скалите од родната куќа

Скалите од родната куќа

Собата на Петре

Собата на Петре

Собата на Петре

Собата на Петре

Статуа

Статуа

Табла на влезот