Нашата дружба со Џамбазов нема здодевни моменти: Весна Петрушевска пред премиерата на новото еколошко шоу „Агенда 21“

Другари се на театарската сцена и вон неа долги години, беа партнери во претставата „Брачна игра“, а сега за првпат ќе ги видиме заедно во ново телевизиско шоу. Весна Петрушевска и Игор Џамбазов ги здружија силите во „Агенда 21“во продукција на „КМК“, новото еколошко шоу кое својата премиера ќе ја има вечерва, на ТВ Телма од 20 часот, а репризно ќе оди во недела од 17 часот.

-Крајно време беше некој да се позанимава на оваа тема. Мојата убава татковина, извор на бесконечно прекрасни пејсажи, доживеав младите да ја викаат Македонија-депонија што ми покажа дека нешто навистина сме згрешиле во нашето битисување, изјави Џамбазов.

-ТВ проектот го подготвувавме две години и бевме свесни за тежината кој ja носи. Откако започнавме да снимаме во градовите и селата, воочивме дека грижата за животната средина ни е на ниско ниво“, рече Виолета Дамевска Ѓоргиева, продуцент на проектот.
Емисијата ветува добра забава, факти и повик за акција за ублажување на климатските промени, глобалното затоплување и деструктивноста кон природата од страна на човекот. 

За Женски магазин, Весна Петрушевска открива повеќе за проектот во кој покрај неа и Игор се појавуваат и тројца млади водители: Анастасија, Јована и Кристијан.

*Во време на брз, онлајн живот кога речиси и никој не се грижи за животната средина а екологијата за многумина е здодевна тема, вие се решавате токму за емисија поврзанат со оваа тема. Зошто токму животната средина како фокус?

-Ситуацијата со екологијата и климатските промени во светот па и кај нас повеќе не е за потценување, па токму затоа решивме дека мораме да најдеме начин на кој јавно ќе зборуваме за тоа се со цел да ги едуцираме младите па и постарите генерации.

Сепак мислам дека имаме многу погрешна перцепција кога станува збор за едукација за екологија, бидејки природата и ефектите кои се случуваат врз неа од климатските промени неизбежно влијаат врз квалитетот на нашиот живот, па токму затоа воопшто не треба да ја третираме оваа тема како досадна.

*На кој начин ќе ја направите забавна и гледлива за различни генерации?

-Емисиите се конципирани како да следиш домашна дебата, полни со емоции, неодговорени прашања, заблуди. Се трудевме да избегаме од коцептот "час по географија" и токму затоа сметам дека ќе биде многу гледлива за повеќе генерации.

Плус како водители се и тројца млади актери, Анастасија, Јована и Кристијан кои ги даваат своите мислења на темите со што покривме повеќе генерации.

*Како поминавте на снимањата токму поради таа разлика во години- Игор и ти од една страна, младите водители од друга?

-Многу интересно. Јас многу верувам во младите но искрено не очекував таква жар во обработувањето на темите и споделување на ставовите. Беше чест да влезам во главата на 17-18 годишњаци и да ги доживеам прашањата и темите од нивна перспектива.

*Имаше ли интересни ситуации, смешни анегдоти на снимањата?

-Има многу, од заборавени реплики, до смешни ситуации со Ото, кучето кое е дел од емисијата.

*Како реагираа најмалите глумци кога ги носевте на дивите депонии кои се прикажани во најавата на емисијата, што коментираа?

-Па,тие неможеа да сфатат каде се наоѓаат, на неколку пати дури ме прашуваа дали се’уште сме во Македонија. Имаше големо разочарување во нивните очи.

*Игор го нарекуваш чичко, тој тебе вујна во најавата за „Агенда 21“, што е најинтересното нешто за вашето другарство кое трае долги години? 

-Нема најинтересно, затоа што се’ е интересно. Нашата дружба нема здодевни моменти, како и би можело да има кога станува збор за толку комплексни карактери но во исто време искрени души.

Милица Џаровска

Фото: Антонио Станков