Тони Зен промовираше нов, оригинален спот- Благодарам што бевте со мене кога ми беше најтешко
Тони Зен, познатиот хип хоп муичар на голема врата се враќа на музичката сцена, откако последниве години повеќе му се посвети на семејството и на спортот- скијањето и планинарењето.
Вчера, Тони го промовираше својот нов спот, „Клубот“, во скопското кино „Синеплекс“, во соработка со екипа музичари и „Прагма“ продукција, со која сега соработува. И песната, и спотот кој е во режија на самиот Тони, се токму „ала Тони Зен“, сосема во негов стил.
Спотот личи на приказната на американската ТВ серија „Breaking Bad“, во која се раскажува за наставник по хемија на кој му е дијагностициран неоперабилен рак на белите дробови. Тој се свртува кон производство и продажба на метамфетамин со поранешен ученик за да ја обезбеди иднината на своето семејство.
- Ние не го правевме спотот според оваа серија, тие ја правеа серијата според нас“, низ насмевка ни изјави Тони по промоцијата, кој во спотот е облечен во сличлен костим како Волтер Вајт од серијата.
- Ви благодарам многу на сите што дојдовте, благодарам на овие луѓе кои беа со мене кога ми беше најтешко“, рече Тони на промоцијата. Периодот кога му било најтешко, тој го објасни подоцна, за Женски магазин.
- Мислев на тешкиот периодот на пандемијата. Во тоа време, не работев ништо, го растев Јасен“, ни рече Тони за синот кој има три години. „Живевме од платата на жена ми, таа работи. Потоа, откако мерките попуштија почнав прво да пуштам музика, а сега еве промовирам трета песна за една година. Добро е, тргнаа работите напред“, рече Тони кој изминативе месеци ги промовираше песните „Планот“ и „Првата нота“.
На прашањето, како преживувале во периодот кога за музичарите немаше работа, тој рече: се снаоѓавме.
Видно среќен и расположен, тој се дружеше со пријателите на промоцијата и рече дека тие му се иснпирација за уште многу музика. Тони во 2019 година се ожени со Валентина кога е од Гевгелија, и уште тогаш, за Женски магазин изјави дека не сака многу да го експонира својот приватен живот.
М.Џаровска