Охрид, љубов за навек! Колку сме „катиљ“ народ
Не знам дали со тек на време сум научила селективно и да гледам и да слушам и да бирам и такви луѓе и такви места и такви друштва со кои ќе ми биде убаво и каде што нема да морам да правам компромиси, кои ќе ми создаваат мачнина во умот, и стомакот.
Велам не знам, бидејки сиве овие нешта во животот колку што можат да бидат свесно донесени одлуки, исто така, или исто толку се случуваат и некако несвесно, спонтано. Просто како да си доаѓа време кога нештата во животот сами си се местат. Така како што треба. Сакале ние, или не.
Веројатно со тек на време, години, искуства…
Охрид!
Охрид е градот, кон кој што сум имала отпор.
И тоа повеќе-слоен отпор.
Луѓето, цените, смештајот, услугата, тањирите, чашите, кафето, лимонадата…
Не се сеќавам дали и плажите и езерото биле на овој список отпори. Можеби да, можеби не.
Можеби плажите поради нечистотијата и можеби и езерото од истите причини. Памтам некој муљ и некои треви, ама не така јасно. Пребришани ми се, изблдени овие сеќавања.
Охрид беше дел од моето детство. А тоа е пред повеќе од 40 години, кога со мајками и таткоми, одевме во Андон Дуков. Мајками таму имаше куќички од работа и секоја година добиваше можност да престојува со семејството десет дена.
И одевме. Не баш секоја, ама секоја втора секако. Затоа некои сеќавања ми се пребришани.
После тоа, откако сама почнав да одредувам каде и кому ќе му го посветам летото Охрид, речиси никогаш не беше на овој список.
Можеби ад-хок ќе дојдев на некој викенд, еднаш два пати, онака на риба во Трпејца, до Радожда, до Св Наум и толку. Ама Охрид за годишен одмор-никогаш.
И затоа се прашувам сега, дали сите тие мои отпори кои ми се намножиле во однос на Охрид биле реални, или наметнати.
Некој ќе каже некое свое искуство, друг ќе го прераскаже, трет ќе додаде уште нешто што се случило, или не се случило и така од муабат на муабет Охрид, не само кај мене,туку кај повеќето од нас добил превез полн со предрасуди и отпори.
Знаете како велат кај нас - “поарно очи да ти извадат, отколку муабет да ти извадат“. Ако овој народ ти извади муабет, ни Вардар, ни Треска, ни Дрим не те пере.
Еве дури ни езерово, не може да му ги испере на Охрид “етикетите“, кои ние луѓето му ги налепивме сиве овие години.
На листата отпори секако дека е и патот, односно “автопатот“, кој не знам веќе колку години, никако да го довршат. Дваесет ли се, триесет ли се години, кој знае.
Но што има Охрид со тоа!? Што има Охрид и со дивоградбите!? Што има Охрид и со “плажните концесии“!? Или со оние плацеви на поповите.
Ништо. Охрид нема апсолутно ништо со сите овие најблаго речено “нечесни игри“ на човекот кон него.
Намерно не употребувам груби и валкани зборови со кои што би требало, да ги опишам сите оние кои се усудуваат да го сквернават овој македонски бисер. Намерно, бидејки Охрид не заслужува да се најде во друштво на такви зборови.
Нејсе.
Дојдов во Охрид годинава сосема случајно. Можеби нема да ми верувате ако ви кажам дека требаше да одам во Шпанија овие десет дена. Во Барселона кај другарка ми, која живее таму. Речиси и да бев тргната. Авионската карта ми беше само на еден “клик“. Но си реков, ај утре ќе ја извадам.
Утредента нешто се случи и не стигнав.
Ден потоа прочитав дека на 12ти Јули почнува Охридско лето. Ја отворив програмата да видам што ќе има на репертоарот.
Сето ова беше сосем случајно, бидејки, оваа година Охридското лето се случува 63ти пат, а јас освен еднаш кога на отворањето беше Дмитри Хворостовски, а тоа беше пред некои 6-7 години, никогаш друг пат ниту сум се заинтересирала, ниту пак сум помислила дека треба да појдам во Охрид.
Фестивалот е секоја година токму ова време, од 12ти Јули, па во наредните 40 дена. И бидејки е тоа “пик“ на летната сезона, мојте патишта секогаш врвеле во други насоки.
И тогаш, пред 6-7 години, дојдов само за тој ден. Преспав и си заминав.
Не знам како, но Барселона отпадна.
Резервирав приватно сместување за четири дена. Во Охрид. Апартман на невидено. Купив карти за првите три вечери и тргнав.
Се вљубив во Охрид. Одма. На прва. Почнав да го споредувам со сите прекрасни места на кои веќе сум била. Ми личеше на Швајцарија, па на некои места на Француските Алпи, па имав чувство дека сум На Лаго ди Комо, Лаго ди Гарда…
Сончајки се така на плажата помеѓу Кадмо и Куба-либре и гледајки во стариот град, во Самоиловата тврдината, во Канео, ми навраа солзи…
Колку сме “катиљ“ народ. Колку сме неблагодарни кон самите себе…
Би редела еден куп вакви “колку сме“…, но нема потреба.
Се си знаеме самите колку сме и какви сме.
Охрид!…
Охрид е свечена неделна литургија. Секој еден миг во Охрид е ваков. Секоја сцена, секој кадар, секое кајче, секоја меана, секој еден камен-калдрма во Охрид е свечена литургија, која ја нема на светов и веков. И секој еден човек е таков.
И чичко Ацо, кој ме превезуваше секој ден со кајчето до Кадмо и Гоце кај што престојував и кафанџиите и уличните музиканти и девојката со плетените капи во тесните улички на стариот град. И… Сите!
Уште сум тука и не знам кога ќе си одам. А дојдов ко за три-четири дена.
Охрид… Охрид од овој миг за мене е љубов за навек.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин