Промоција на романот „Сагата за Рајна“ од Оља Петрушевска - Томева: Базиран на вистински настани и вистинска животна приказна
Вчера во Скопје беше промовиран романот „Сагата за Рајна“ од Оља Петрушевска - Томева.
„Сагата за Рајна“ е роман базиран на вистински настани и вистинска животна приказна на Рајна Алексова. Правата школувана аптекарка не само во Македонија, туку и на целиот Балкан. Родена во 1883 година во Битола, по тешко детство и смртта на нејзините родители радост пронаоѓа единствено во учењето и цврсто решава дека ќе го исполни ветувањето дадено на нејзината покојна мајка, дека ќе стане некој и нешто. Со неизмерна љубов кон образованието Рајна урива бариери и стереотипи во Османлиското Царство. По завршувањето на француската гимназија во Солун, нејзиниот постар брат Ристор – Шпицарот (на турски аптекар) кој ја имал првата аптека во Битола, и бил трговец и приучен аптекар, во 1902 година ја одвел во Лозана, Швајцарија и ја запишал на Факултетот за фармација. На нејзина голема радост, со желба да дипломира и потоа заеднички да ја водат аптеката, Рајна во Битола се вратила како европска дама, со диплома на фармацевт. Нејзината, и радоста на брат ѝ Ристо траеле кратко, бидејќи откако веста за школуваната каурка стигнале до тогашниот управител на Битола, започнуваат мачните денови, месеци, па и години за научената жена во градот на конзулите. Турските власти не ѝ дозволувале да ја врши аптекарската професија, но Рајна не се откажувала и така продолжува, нејзината вистинска приказна, вистинска сага...
Но „Сагата за Рајна“ не е само роман за професионални достигнувања, тука и приказна за семејни радости и болки, скршени срца и залечени надежи, делумно љубовна, делумно трогателна, делумно позитивна и покрај сето црнило. Во секој случај наша и исклучителна - вели авторката на романот, Петрушевска - Томева.
Оља Петрушевска - Томева е дипломиран правник и магистер по европско право и интеграции. Таа е авторка и на книгата за деца „Волшебната авантура” и романот за возрасни „Одмаздата на богомолката”.
фото:Р.Ж.М