Култура // Настани
Промовиран научно-фантастичниот роман „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски
Утопискиот научно-фантастичен роман „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски беше промовиран вчеравечер (11 декември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Станува збор за дебитантски роман на младиот автор, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Илустрацијата на корицата ја нацрта илустраторот Оливер Коларевски.
Промоторката на книгата, писателката Фросина Пармаковска истакна:– Се работи за роман од жанрот на научната фантастика и тоа е првиот податок кој, мене лично, ми е многу драг имајќи предвид дека овој жанр, колку што е популарен низ светот, не само последните години, туку многу години наназад, толку, пак, од за мене нејасни причини кај нас е дефицитарен, кај нас многу малку имаме научно-фантастична книжевност, која може да биде интересна и за помладата и за повозрасната популација. Освен тоа, овој роман е повеќеслоен, сложен и роман кој може да се чита и толкува од повеќе аспекти, отвора прашања од разни видови, почнувајќи од самиот наслов кој е многу моќен и многу симболичен, па сѐ до комплексните ликови, приказната, светот, кој Даниел ни го прикажува и кој е исклучително богат и распространет во многу правци. Тоа, меѓудругото, ми беше и еден од првите коментари, читајќи го романот, во комуникација со самиот автор: толку богата имагинација има Даниел и тоа се одразило во пишувањето, тој создал свет кој ви нуди такви работи за кои никогаш не би помислиле дека постојат, дека можат да постојат – во светот кој ни го прикажува Даниел тие не само што постојат, туку и совршено функционираат.Пред присутните во „Литература.мк“ Бибовски изјави дека „идејата за книгата ја добил пред десетина години, а оттогаш до денес таа идеја се надградила, и тоа драстично, но основата е задржана“.– Објавувањето на книгата за мене претставува остварување на еден голем сон и сум неизмерно благодарен на „Арс Ламина“, особено на тимот со кој соработував. Благодарение на нивниот врвен професионализам романот се реализираше во рекордно време. Соработката беше отворена и искрена, и целиот процес одеше беспрекорно... Научната фантастика има потенцијал да го отвори умот за нови можности и затоа отсекогаш ми била драга, особено онаа која има пораки блиски до моменталната реалност. Токму затоа за овој роман таа се наметна како најприроден жанровски избор. Отсекогаш ме фасцинирало како напредокот на технологијата го менувал светот, особено во последнава деценија технологијата напредува експоненцијално, а тоа донесе и свои последици бидејќи еволуцијата на човечката биологија едноставно не може да држи чекор со неа. Па наместо поголема поврзаност и слобода, многу почесто луѓето се чувствуваат заробени во еден невидлив кафез од конфузија, отуѓеност и осаменост. „Архангел – Ослободување на ѕверот“ е книга која во својата срцевина ја инкорпорира таа брза транзиција на светот, но со осврт токму на индивидуата и нејзината борба со најсуштинските недостатоци на тој свет. Со други зборови, борбата за ослободување од невидливиот кафез – рече Бибовски.Романот ја раскажува приказната на еден тинејџер по име Адам Деи, кој освен со својот пубертет принуден е да се соочи и со комплицираната состојба во која живее, а која е директен резултат на тектонското придвижување на целата цивилизација. По завршувањето на најразорната војна во историјата, Третата светска војна, човековата цивилизација одлучува да го реорганизира светот, со помош на напреднатата технологија. Најголемото достигнување на здружениот труд е тест-населбата Архангел 2009, сместена на Антарктикот, најнегостопримливото место на Земјата. На Архангел се вселуваат врвните умови од сите области: психолози, инженери, биолози, економисти, лекари, физичари, филозофи, па дури и уметници. За многу брзо време проблеми како глобално затоплување, загадување, глад, недостаток на вода за пиење, недостаток на живеалишта и слично, драстично се намалуваат или целосно стануваат минато. И додека се чини дека планетата доживува преродба од секаков аспект, човековите слабости, како што се алчноста и потребата за надмоќ, сè уште демнат зад аголот како најголема опасност.Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk