Ленче Карпузовска за прославата на Велигден: Празниците во моето семејство беа доказ дека сите денови не се исти

Добивај вести на Viber


Флоскулата дека секое зло се победува со добро“, колку и да звучи безначајна во денешницата, кога ќе ја запознаете Ленче Карпузовска (50) таа добива, сосема поинаква тежина. Секогаш насмеана и со позитивна аура, при средбата со неа за миг ќе заборавите на маките на секојдневието.

Карпузовска, менаџер за комуникации во ЕВН Македонија, верува дека нежноста е помоќна од силата, а водата е помоќна од карпата. Повеќе тежнее кон спиритуалност отколку кон религија, бидејќи погрешното толкување на религијата прави разделување наместо обединување меѓу луѓето.

Таа е мајка на две ќерки Вања (25) и Матеа (15) на кои им ја пренела традицијата за празниците, која ја наследила од својата баба и мајка.

ЖМ: Велигден е симбол на убавината и раскошното предание на нашата празнична култура. Што за вас претставува овој празник?

-Велигден е манифестација на животот дека во суштина тој е духовен и безвременски. Време кога молитвите за меѓусебна љубов се сплотени меѓу сите кои наместо добро утро или добар ден изговараат Христос Воскресе-Навистина Воскресе. Раскошен празник по сите основи, поради што и настанала поговорката меѓу нашиот народ „Не е секој ден Велигден“.

ЖМ: Потекнувате ли од традиционално семејство, кое на големите христијански празници гледаат како на израз на побожност?

-Празниците во моето семејство беа доказ дека сите денови не се исти. Нивниот спокој и свеченост, ни правеа да чувствуваме радост и заедништво, негувајќи ја традицијата. Освен христијанските празници, за нашето семејство и недела не беше обичен ден. Во недела, како и на сите празници, работата запираше, а единствени обврски беа околу ручекот. Во моето паметење од најрано детство, на сите празници, вклучително и недела, баба ми имаше централно место. Секој ручек или поголем семеен собир, таа го започнуваше со молитвата Оче наш, а сите ние ги следевме молитвените зборови кои ги знаевме наизуст, гласно изговарајќи на крај – Амин. Дури тогаш можеше да се почне со јадење. На тој начин, баба ми правеше свечен чин од секој семеен ручек, со кој му се заблагодаруваше на Бога за материјалните и нематеријалните добра во животот. Овој ритуал ми остана длабоко врежан во мојот ум, па нема јадење за кое не сум благодарна што го имам на трпезата, без оглед што тоа не го изразувам гласно како некогаш мојата „стара мајка“. Таа благодарност преку молитва не е самоизразување побожност, туку дишење на душата. Во нашето семејство не се постеше преку строго одрекување на храна, туку преку одрекување на грев, лоша мисла и грд збор. Одвреме навреме баба ми мѝ читаше и делови од Библијата и ми ги толкуваше во форма на приказни разбирливи за мене, да разликувам добро од лошо. За разлика од баба ми, дедо ми не беше религиозен, но со голема почит ја оставаше баба ми да си ги тера и верата и адетите и обичаите, кои подоцна ги практикуваше и мојата мајка. Јас израснав во личност нешто помеѓу дедо ми и баба ми, но така научив да ги почитувам сите различности, да ја прифаќам туѓата реалност и да ги сакам сите обичаи кои ги сплотуваат луѓето, им носат среќа и спокој.

ЖМ: Овој празник буди многу спомени, како од детството, на мирисот на јадењата на бабите и мајките, смеата и радоста од кршењето на јајца. Каде ви помина овој период од животот, кои случки кои ви ја греаат душата би ги издвоиле?

-Сликата која се појавува во мојот ум за Велигден содржи колорит на емоции кои ми рестимулираат љубов, среќен дом, смеа, радост, огромен сад со бојадисани јајца, мирис на вкусна селска храна, јагнешко, домашен леб, погача, свежи зелени салати од домашната бавча и се е „светнато“. Празникот мораше да се дочека чисто, во домот, во духот, во телото и задолжителна бања со црвено јајце и здравец, при што се изговараше „Бел, црвен, здрав цела година“. Освен тазе бањати, мораше да бидеме дотерани во ново од глава до петици, специјално купена облека за Големиот ден. Имало немало, за Велигден ќе се нашло. На самиот празник мораше да се стане рано, но ноќта пред Велигден не смееше да се заспие пред полноќ. Ние децата едвај чекавме да одиме во црква, околу која вртевме три круга кога камбаните означуваа точно 12 часот. И додека кружевме со возрасните со треперлива свеќа во рака, желбите ми беа поголеми од чекорите, а недогорената свеќа завршуваше под перница, за да се оствари сè што сум посакала. Во црквата почнуваше првиот натпревар, чие јајце е најјако односно кое ќе ја добие титулата „пеливан“. Но, и да не си победник таа ноќ, секако имаше големи шанси во следните денови. Во мојот дом се бојадисуваа по 200 јајца со различни шари и бои, но главно црвени. Најбројни беа кокошкини, најбарани од фазан, а најомилени мисиркини, бидејќи беа поголеми и поцврсти, па со нив понекогаш можев сите други да ги искршам. Подготовките за Велигденскиот ручек почнуваа уште од мугри. Моите родители беа одличен тим за се да се заврши навреме. Секој од нас се радуваше на свој начин, од многубројните гости атмосферата беше гласна, но во срцата спокој.

ЖМ: Покажувавте ли интерес кон готвењето, декорацијата на празничната софра, бојадисувањето на јацата уште од мала?

-Од мала сакав да готвам и да украсувам, тоа остана така до денес. Не само за празник, туку и без посебен повод. Се плеткав во кујната без да пречам, само кај што ќе ми оставеа простор да се вклучам. За бојадисување јајца ми даваа поголема улога, па така ја истакнував мојата креативност на уникатен начин.

ЖМ: Патување или домашна атмосфера, како ќе го прославите празникот годинава?

-Велигден е радост во срцето и кога патуваме и кога сме дома. А домот не е место, тоа е чувство. Каде и да одиме, ние го носиме Велигден во нас, а го манифестираме и околу нас. Украсуваме, бојадисуваме, ги тераме адетите, затоа што тие се нашето постоење. Обичаите креираат убава емоција, радоста е празнична и доаѓа одвнатре. Секој треба да си го најде својот храм каде и да е. Годинава испланиравме претпразнично патување, а за Велигден ќе сме во домашен амбиент.

ЖМ: Дали работните обврски ќе ве спречат на Велики четврток да ги бојадисате јајцата пред изгрејсонце? Ги почитувате ли обичаите?

-Кога бев помлада не го практикував овој обичај редовно, можеби затоа што мајка ми беше уште жива, па како да беше доволно што знам дека таа ќе го направи тоа. Како растеа моите ќерки, се инспирирав за нив, да не остане само на приказни од моето детство, туку и да им ја пренесам лично традицијата од нашите предци. Три црвени јајца редовно се бојадисуваат фарбаат на Велики Четврток пред изгрејсонце и првото го чуваме цела година.

ЖМ: Како ќе изгледа празничната софра и кој ќе биде задолжен за неа?

-Празничната софра најубаво изгледа и е најбогата кога вашите сакани се на неа. Велигден е празник и за очите и за душата. Да не изостане традицијата, празничната трпеза е речиси секогаш иста, но сепак различна, по начинот на декорација. Доминираат пролетни мотиви при украсувањето. Главно тоа е моја задача, но сите три имаме свој удел во целиот амбиент да биде посебен.

ЖМ: Како верник, во што верувате?

-Верувам дека секое зло се победува со добро, колку и да звучи тоа банално во денешницата. Верувам дека нежноста е помоќна од силата, а водата е помоќна од карпата. Повеќе тежнеам кон спиритуалност отколку кон религија, бидејќи погрешното толкување на религијата прави разделување наместо обединување меѓу луѓето. Спиритуалноста ослободува да бидеме тоа што сме и охрабрува да го креираме својот пат без страв, следејќи ја својата интуиција сами ја осознаваме вистината. Верувам дека она што го мислиме, она што го зборуваме и она што го правиме треба да е во целосна хармонија за да имаме спокој во срцето, без потреба да се докажуваме. Не мислам дека сите на кои им е полна устата со разбирање и љубов, ги имаат и во себе. За жал, некои едно зборуваат друго прават. Не мислам и дека оној кој пости и оди редовно во црква е поголем верник од останатите кои тоа не го прават. И да … верувам во себе, во подавање рака, во нов почеток, во поубав свет, во давање и земање. Тоа што го даваме, повеќекратно се враќа.

ЖМ: Освен традицијата за празниците, кои други вредности им ги пренесовте на вашите две ќерки?

-Да бидат хумани, чесни, одговорни, праведни и со огромна почит кон сите различни од нив. Почитувајќи ја туѓата, да не прават компромис со сопствената реалност. Да простуваат кога ќе почувствуваат бес и лутина, бидејќи среќата доаѓа одвнатре, да не ја бараат надвор. Да останат стабилни и приземјени без разлика што ќе им се случи, успех или пад. И доброто и лошото поминуваат, ништо да не задржуваат во себе. Толку добро ги имаат прифатено универзалните вредности, што понекогаш тие ме потсетуваат на нив. Кога реагирам прекумерно, ми возвраќаат со хумор, па така мојата реакција е целосно поразена. Не ми преостанува ништо друго освен да се вклучам во „забавата“.

ЖМ: Која е вашата велигденска порака до нашите читатели?

-Верувам дека овој Велигден ќе инспирира многу добри дела, оние кои можат да споделат со оние кои немаат за достојно празнување. Сите болни да оздрават, сите тажни да се насмеат. Мислите полни со љубов да не останат само напишани на социјалните мрежи, туку да бидат наша реалност секој божји ден.

Соња Алексоска Неделковска