Погледна горе, изусти те сакам, а солзите му потекоа низ образите: Најемотивниот миг на спектакуларниот концерт на „Меморија“

Добивај вести на Viber

Посакаа да свират пред преполна сала, како што тоа се случува на концертите на светските бендови. Тоа им се исполни. Можеби се само популарни во рамките на Македонија, но тие се светски, а наши. Компарацијата со членовите на култните Ролинг Стоунс, кои се уште се концертно активни иако веќе ја ситнат осмата деценија, сосема им прилега. Петар Герогиевски, попознат како Перо Камиказа на бас, Апостол Икономов-Поце – вокал, Ристо Самарџиев – вокал и Сашо Ангелов (тапани) - постарите членови на „Меморија“, со синоќешниот концерт во „Борис Трајковски“ покажаа дека имаат сила, енергија и ентузијазам да свират и пеат уштре многу лета и зими. Подмладени со двајца нови членови: одличните Давор Јордановски на клавијатури и Рубин Димкоски на гитара звучеа фантастично. 

„Феноменален концерт“, „Браво“,беа само дел од реакциите на постарите љубители на нивното 40 годишно творештво, кои настанот го следеа во блоковите на салата. Помладите беа во партерот. Но и едните и другите играа и пееја. Музиката и доброто расположение не познаваат години и граници. 

Концертот започна со рок-фолк сплетот „Македонски бисери“ во изведба на Андријана Јаневска, Икономов и Самарџиев. Три моќни гласа на иста сцена. 

Продолжи Поце со обработката на некогашниот хит на групата „Триангл“ – „Јана“ и „Одам засекогаш“. Следуваше најемотивниот момент на концертот. По изведбата на новата песна „За тебе“, со текст кој  се совпаѓа со чувствата на секој од нас, кој загубил некого во изминатиот период, Поце погледна горе изусти: „Те сакам“, а солзите потекоа низ неговите образи. Всушност тоа е темата која е посветена на неговата сопруга која почина пред неколку месеци. И покрај сѐ тој собра сили и продолжи да пее. При изведбата на „Возови“ се приклучи атрактивната Александра од Струмица која свиреше на сакасафон. Сара Мејс со звуците на својата харфа ја најави темата „Оган под звездите“. Втората половина од концертот му припадна на Ристо Самарџзиев како вокал. Ја загреа публиката со „Ако умрам ил загинам“ на покојниот Јонче Христовски. А потоа со големи емоции, страст и енергичност ја отпеа „Нашите слики’“ и дел од темите кои ги сними со „Меморија“. Сликите се менуваа постојано во салата, светла од мобилни додека траеа баладите, играње и пеење на „Дирлада“, надополнета со дувачкиот оркестар „Блејзери.

Полн погодок беше и изборот на останатите гости, „Ареа“ и Дани Димитровска, кои се претставија со една композиција.

Дани, Андријана Јаневска и Сара Мејс ја отпеаа „Мотори“ од ,,Дивље Јагоде,,.

Судбината може да те стави на тест. Но, ако го избереш вистинскиот пат, тогаш ќе го надоместиш тоа што ти недостасува. Филип Николоски од Прилеп, со количка пристигна на сцена, но со Самарџиев и Камиказа со толку голем жар ја испеа „За добро да е“ што на публиката и' покажа како се „игра“ со срце. 

Во текот на концертот преку видео бим се обрати Симон Трпчевски, љубител на песните на Бендот, и маестрално како што само тој умее ја отсвири „Оган под звездите“.

Атмпсферата пред настанот ја загреа бендот ,, Фоур,,.

Слушајте македонска музика и сакајте ја Македонија. Порака на „Меморија“ на крајот од концертот.

С.А.Н 

Фото: В. Тануровски

ГАЛЕРИЈА: