Психијатарот ми „препиша“ пишување, како лек за траумите од собраќајката во која го изгубив помнењето: Билјана Мартиновска искрено за Женски магазин

Билјана Мартиноска раскажува како ги создала „Точка на враќање“ и „ Куќата со жолта фасада“

Билјана Мартиновска до својата 28 година, била мајка на шестодишна ќерка, полна со живот и полетност. Работела како наставник во селото Јабланица, Струшко. Возејќи се кон работното место, со уште петмина колеги и колешки, ги удрил џипот на тогашниот министер за образование, којшто преминал на нивната коловозна лента. Тешката сообраќајна несреќа и го менува комплетно животот. По состојбата на длабока кома, која траела 23 дена, нејзиното минато било избришано. По опоравувањето, по препорака на психијатар почнала да пишува. „Точка на враќање“ е нејзината прва книга, која повторно е во продажба. Вториот писателски труд наречен „Куќата со жолта фасада“ ја одбележа втората половина на 2020 година. Мартиновска има 43 години, работи како наставник низ различни училишта во општина Струга. Нејзиниот работен статус и по 17 години сеуште не е решен.

*Куќата со жолта фасада“ дефинитивно ја одбележа втората половина на 2020 година и беше апсолутен хит во последните три месеци. Очекувавте ли таков успех? 

- Сета моја енергија и љубов кон пишаниот збор ја внесов во „Куќата со жолта фасада“ и додека ја создавав приказната, буквално живеев со неа. Верував во приказната и сакав да ја достигне својата крајна цел. А која би била крајната цел за еден автор ако не делото што го напишал да биде читано, а уште повеќе доживеано со еднаков ентузијазам од читателската публика. Успехот кој го достигна книгата ми е многу драг и би била лажно скромна ако кажам дека не ми годи. Среќна сум што книгата се чита и што, во периодот од нејзиното прво излегување, во август, минатата година, па се` до денес постојано се бара, се коментира. Критиката ја оцени како книга што ја одбележа втората половина на 2020 година, а тоа за мене како автор е навистина големо признание.


Чудо е како преживеав после сите тие повреди

* Повторно се објави вашата прва книга „Точка на враќање“, која претходно доживеа две изданија и е автобиографија. Собраќајната несреќа ви го смени животот од корен,како се случи и на која возраст од вашиот живот?

- „Точка на враќање“ е мојата прва книга, која повеќе наликува на мемоари од мојот живот, од раното детство, па се` до моментот кога се соочив со суровиот момент, тешката сообраќајна несреќа, којшто ми го смени животот. Книгата доживеа две изданија во изминатите четири години, а од неодамна излезе и третото, во издание на мојата издавачка куќа Бата Прес.

Имав 28 години кога ја доживеав сообраќајната несреќа. Омажена бев и ја имавме шестгодишната ќерка Ана. Полна бев со живот и полетност. Работев како наставник во селото Јабланица, Струшко. Возејќи се кон работното место, заедно со уште петмина мои колеги и колешки, бевме удрени од џипот на тогашниот министер за образование, којшто беше преминал на нашата коловозна лента и ударот беше толку силен што нашиот возач, кој истовремено работеше во истото училиште, почина на лице место. Паднав во бессознание, со безброј скршеници по моето тело-двете нозе, раката, главата, градниот кош. Чудо е како преживеав после сите тие повреди! Другите колеги и колешки се здобија со потешки и полесни повреди, зависно од местото на кое седеле во моментот. Тоа беше една страотна сообраќајна незгода, за која долго се пишуваше и зборуваше. Во мојот живот таквата несреќа значеше почнување од нула. За се`.

*Се сеќавате ли на тие мигови, на борбата за живот, на состојбата во која се наоѓате. Колку време лежевте во болница?

-После состојба на длабока кома, којашто траеше 23 дена, моето минато беше избришано. Она што е најчудно е тоа дека не знаев ни која сум, ни што сум. Не знаев ништо за себе, туку моите сеќавања датираа од најраното детство, од игрите со брат ми. Набрзо после будењето од кома сум зборувала сосема неповрзани работи, кои немале никаква врска со реалноста. И она што ни самата не можам да го сфатам е како сум можела да не знам дека имам ќерка. Дека мојата Ана ме чека дома и прашува за мене. Од сите истражувања кои се направени на пациенти кои биле во кома, ова е чест случај. Сеќавање на раното детство, а потполно избришана меморијата од последните години од животот пред да настане коматозната состојба. Многу читав после тоа за се` што доживеав и преживеав сакајќи себеси да си ги дадам одговорите кои не ми беа дадени дотогаш. Велат смирен човек не поставува многу прашања, но јас не го најдов мирот се` додека не ги најдов одговорите на сите мои прашања во врска со се` што преживеав.

*Колку време останавте во болница?

-Во болница веднаш после несреќата останав шест недели на Клиничкиот центар во Скопје, но и откако бев пратена дома за понатамошно домашно лекување, мојата состојба се влоши. Имав висока температура, добив страшна алергија од која ми отече целото тело, бладав и пак се изгубив. После неколку дена бев пак вратена во болница, овој пат во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија, во Охрид. Таму останав два месеци, но тука не заврши моето патешествие. Со оглед на фактот дека имав и повреда на главата, хематомот во неа почна да се зголемува, наспроти очекувањата на специјалистите, чиј пациент бев. Повторно бев пратена на Клиниката за неврохирургија во Скопје, каде што ми беше извршена хируршка интервенција за отстранување на хематомот во главата. Таму останав две недели, за потоа конечно да се вратам во својот дом. Беа тоа тешки месеци, на кои навистина не е лесно да се сеќавам.


Ќерка ми, која тогаш имаше шест години беше мојот ангел-спасител

* Враќањето на меморијата е долг и постепен процес. Како реагираа најблиските, кој ви помогна најмногу?

- Љубовта од најблиските беше мојот лек, а желбата за живот беше мојот спас во тие денови. Можеби самиот факт што не паметев ништо и на моментот на сообраќајката се сеќавав само како низ магла, мене ми помогна полесно да се справам со се`. Постојано поставував прашања, гледав албуми со слики, слушав музика, гледав филмови. Дури се обидував и да читам, иако тоа ми паѓаше многу тешко во еден период. Толку ми беше телото изморено што не можев да бидам будна долго време. Мојата ќерка, која тогаш имаше шест години беше мојот ангел-спасител. Таа секојдневно ми даваше сила, а нејзините очиња ми даваа надеж и кога ја имав изгубено. Секој ден ми зборуваше што би сакала да правиме заедно, ми велеше дека го сонува денот кога пак ќе ја земам од градинка како порано. Таквите нејзини зборови беа за мене најголемиот мотив да станам, да се исправам на нозе и да ги издржам сите болки од физикалната терапија. Секојдневно бев подложена на долгочасовна физикална терапија којашто ми помагаше да почнам да се движам. Не знаев ниту како да одам, се чувствував неспособна за тоа. Мојот сопруг беше илјада пати поупорен од мене во процесот на лекување, посебно откако започнаа моите физикални терапии коишто беа многу болни, но од друга страна беа единствениот начин за јас да почнам да функционирам како нормално човечко битие. Многу често јас го молев да ја прескокниме терапијата и да останам дома да спијам, но тој ме убедуваше дека тоа е погрешно и дека премногу издржав, за да се откажам од борбата.

* Чувствувате ли сè уште последици?

-Конечно заздравување со такви повреди какви што имав не постои. Едноставно учиш да живееш со последиците и бараш начин тоа да не ти влијае на животот. Секоја промена на времето ја чувствувам длабоко во коските, дури и после сите овие години. Секојдневно правам вежби за да можам да живеам нормално без болки и без ограничувања. Не е лесно, но најдов мир во себе дека тоа е мојот живот и така ми е полесно да продолжам понатаму. Имав пет интервенции како последица на сообраќајната несреќа, од кои првите две се случија веднаш после повредата, а другите скоро секоја година после тоа. Имено, мораше да се отстранат одредени остеосинтетски компоненти што ми беа вградени при првата хируршка интервенција, а кои ми пречеа и можеа да предизвикаат дополнителни оштетувања во мојот систем. Имав целосна доверба во мојот оператор, проф.д-р Илија Тодоров, па секој негов совет го прифаќав и ги следев сите негови упатства за понатамошното мое заздравување. Тој никогаш не згреши во своите искази, а мене ми беше доволно да го слушам за да ми биде животот полесен.

Пишував дневник од својата дванаесетта година

*Талентот за пишување сте го имале од мала, но всушност по овој тежок период решивте да го претставите пред јавноста. Кој ве мотивираше?

- Набрзо откако завршија моите лекувања по сите болници за кои претходно зборував, кај мене се појави тешка депресија. Имав несоници, постојано бев тажна и секојдневниот живот за кој сонував додека бев во болница ми стана тежок и неподнослив. Ми беше тешко да ја прифатам реалноста, посебно фактот што во своите најубави и најпродуктивни години сум заглавена во кревет и беспомошна. Барем во тоа време, тоа беше за мене најсуровата реалност. Сфатив дека ми треба помош, а таа ја најдов кај д-р Васка Кочовска, специјалист психијатар, која со својата стручност и професионалност ми даде нов поглед на мојот живот и состојбата во која се наоѓав. Нејзините совети ми го отворија патот кон себеспознавањето, којшто најдобро го познавав и практикував преку пишувањето. Пишував од раните тинејџерски години, но никогаш ништо посериозно не сум напишала освен кратки литературни творби за некој од училишните конкурси во тоа време. Пишував дневник од својата дванаесетта до својата дваесет и втора година континуирано и токму во тој „творечки период“ најмногу ја усовршив вештината на пишувањето, затоа што водењето дневник исто така претставува и процес на творечко созревање и себеспознавање.


*Пишувањето ви беше најдобар лек?

-Откако почнав да пишувам за се` што ми се случи после несреќата, открив колку многу позитивни ефекти има пишувањето врз мене и мојата личност. Д-р Васка ме мотивираше во тоа, велејќи ми дека со тоа сум на вистинскиот пат кон излекувањето, а за да се залекуваат раните на душата понекогаш треба повеќе време од лекување на физичките повреди. Пишував постојано и не запирав додека не ја комплетирав приказната. Горда сум на ова свое прво книжевно дело, затоа што тоа е сведоштво за се` она кое јас го доживеав и преживеав во едно време минато, а истовремено е и сведок за тоа колку сме силни ние, жените и колкав товар можеме да носиме со себе и пак да останеме исправени. Пишувањето ми помогна да научам да зборувам за немилиот настан со леснотија, така што после издавањето на книгата мене не ми трепери повеќе гласот кога зборувам за тоа. Еден дел од мене потајно ја оплакува тажната судбина којашто ме снајде, но тоа не е повеќе толку болно.

Верувам во Бог

*Верувате ли во судбина, во миг кој ќе ви го смени животот. Во Универзум или Бог, кој подоцна таа тешкотија ќе ја замени со нова радост, како во вашиот случај. Да не беше сообраќајката, ќе се обидевте ли да да станевте писателка? 

- Верувам во Бог, затоа што Неговата волја е пред се` и над се` што ни се случува. Таа сила која е најмоќна од се`, како и да ја наречете-Универзум или Бог, таа постои и убедена сум дека се` е некаде однапред запишано и предодредено. Мигот може да промени многу. Некогаш е најважно да ја процениме важноста на мигот и да преземеме акција за остварување на нашите цели. Мојата несреќа го промени мојот живот на подобро. Научив дека е важно да имам приоритети, за да можам поквалитетно да го живеам животов. Научив да си се сакам себеси повеќе, но и да не се плашам да бидам она што сум пред светот. Верувам дека никогаш немаше да се обидам да станам писателка доколку не се случеше несреќата, или пак тоа ќе останеше моја потајна желба и ќе творев само за лична сатисфакција. Се` се случува со причина. Тоа е мојата девиза.

*Каде работите?

- Работам како наставник по македонски јазик во основно училиште. Ја имам најубавата работа на светов, затоа што работата со деца е она што вистински ме исполнува. Првиот факултет што го завршив не ми донесе никакви придобивки во кариерата. Тоа беше Факултетот за туризам и менаџмент во Охрид, на кој дипломирав во 2002 година. Знаев дека тука не се пронаоѓам себеси и само го чекав моментот да го запишам она што навистина го сакав. А тоа беше Факултетот за јазици. Најголемата кочница и препрека во мојот живот за побрзо да го сторам тоа беше токму сообраќајната незгода, заради којашто животот ми беше ставен во мирување неколку години. Но, веднаш штом закрепнав и почнав да размислувам за својата иднина, го запишав и вториот факултет, а тоа е Факултетот за англиски и македонски јазик при Педагошкиот факултет во Битола.

За жал и покрај се` и после се`, моето работно место не е стабилно. Имено, веќе 17 години работам како наставник низ различни училишта во општинава, но мојот работен статус и понатаму останува нерешен. Од фактори кои на сите ни се добро познати и огромното влијание на политиката во сферата на образованието, јас и денес стравувам за своето работно место, но не го губам ентузијазмот и и понатаму целосно се вложувам во својата работа.


* Дали некоја од ќерките го наследи вашиот талент за пишување?

-Во однос на второто прашање, моите ќерки имаат голема разлика во години. Ана има 21 година и можам слободно да кажам дека го има наследено мојот талент. Мене прозата ми е предизвик и тука се наоѓам себеси како автор, но ќерка ми пишува поезија од многу мала возраст. Нејзиниот талент е навистина забележителен, а веќе има и цела збирка песни коишто би сакала да ги издаде. За помалата ќерка, Дарија, уште е рано да кажам каков талент има. Таа е ученик во второ одделение и штотуку се запознава со нашето писмо, иако ме радува тоа што со голема љубов го прифаќа нивното изучување. Дали ќе го наследат талентот е релативна работа. Најважно од се` е да бидат среќни во она што ќе одлучат да го прават во животот, а јас сум секогаш тука да им ја давам целосната поддршка.

Соња Алексоска Неделковска